Екстензија на училишна зграда во ООУ “Григор Прличев”, Охрид / Jовановска, Цинциева, Тале
20.03.2022 • Студентски проекти
Семестар: IX семестар 2021/2022
Предмет: Интегративно студио 9.2
Проектна задача: доградба на училишна зграда
Автори: Јулија Јовановска, Марија Цинциева, Махмуд Тале
Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“, Архитектонски факултет, Скопје
Ментор: проф. д-р Михајло Зиноски, асистент М-р Јана Брсакоска
Локација: ООУ “Григор Прличев”, Охрид
ООУ „Григор Прличев“ е училиште сместено во централното градско подрачје во Охрид. Со својата местоположба училиштето брои над 1070 ученици од 1- 9 одделение распоредени во 5 паралелки во две училишни згради. Поради малиот капацитет, а големиот број на ученици наставниот процес се одвива во две смени.
Цел на оваа задача е да се задоволат програмските барања на корисниците, со доградба на постојните училишта за да се добие функционално решение кое ќе овозможи наставата да се одвива во една смена, а воедно ќе ги обедини двете училишни згради. Во сегашната ситуација, на северната страна се наоѓа училишна зграда која е изградена во 2002 година. Паралелно на овој објект, на јужната страна е сместена уште една училишна зграда проектирана од архитект Љубен Најденов изградена во 1958 година, кое со своето програмско решение и функционалност е пример за решавање на вакова типологија на објекти. Со своите формално- обликовни принципи, го препознаваме како квалитет кој го задржуваме и е референт за понатамошното проектирање и разработка на задачата.
Преку просторни- волуменски анализи направени на постојната локација, која во моментов содржи две училишни згради и спортска сала, ова идејно решение се состои од доградба на три волумени кои се надоврзуваат на веќе постојните објекти, со кубична геометрија која се вклопува во целиот комплекс. Трите волумени се поделени во три програмски целини, кои рационално се имплементираат со форма и функција.
Како важен елемент се комуникациите во и помеѓу програмските целини. Обезбеден е пристап за лица со инвалидидтет преку рампи и лифтови. Конекцијата помеѓу двата волумени од училишните згради се формира со мост (исток) кој овозможува визуелна контрола на влезот и училишниот двор, како и еден кај спортската сала со менза (запад).
Потребата од повеќе училници и простор за целодневен престој го овозможуваме со доградба на објект кој се надоврзува на веќе постојното училиште (југ). Инспирацијата за решавање на училниците произлегува од монтесори училиштата и нивната методологија на работа.
Секој пар од училни е преграден со подвижен ѕид кој во одреден момент може да се отстрани и да се добие еден интегриран простор кој ќе служи за потребите на наставата. Новопроектираните учлиници содржат гардероби, преку кои се пристапува и санитарии.
Самиот гест на заротирани училници кој го прави архитект Љубен Најденов на неговиот објект, се повторува и кај библиотеката која е сместена како премин помеѓу старата и новата зграда, дополнително нагласена со ниво плус. Библиотеката се развива на три нивои, со галериски простор меѓу приземјето и катот.
Местоположбата и конструктивниот систем на спортската сала (запад) ја задржуваме и додаваме дополнителна програма, во приземјето се сместува трпезаријата со кујна и екононмски дел, а на катот спортска сала со игралиште за кошарка.
На северната страна од парцелата сместуваме мултифункционална сала која освен за потребите на наставата, се употребува и за комерцијални цели. Просторот помеѓу спортската сала и училиштето (север) е обединет со аула која содржи амфитеатрални скали кои освен за седење, служат како комуникации.
Релацијата на посотојните објекти со доградбите се овозможува и преку конструктивните системи кои се употребуваат или реупотребуваат. Доградбата на југ се надоврзува со скелетен, армирано бетонски систем на постојната конструкција од училиштето.
Од челичен конструктивен систем се конструирани спортските сали, спортската сала (запад) ја задржува постојната констукција и ја надградуваме со дополнителна конструкција и мултифункционална сала која добива нова челична конструкција.
Кровот се заменува во рамен кров со благ наклон (доградба на училиштето), спортските сали се покриени со челична конструкција и двоводен кров, а аулата се покрива со касетирана челична конструкција со зенитално осветлување.
Фасадното обликување е составено од една ѕидна завеса која ги обединува трите страни од објектот, со што прави една релација помеѓу нив. Таа стаклена завеса обезбедува двовисински простор и дополнителен квалитет во училиштето кое го задржуваме. Од јужната страна (училиште од 2002 год.), како секундарна обвивка се употребуваат дрвени елементи кои се лизгачки и имаат улога на брисолеи. Со нивната боја додаваат на динамика и атмосфера на самиот училишен двор. Спортските сали се обложени со транслуцентно стакло кое овозможува влез на светлина и вертикални елементи, кои ја разбиваат хоризонталноста на волуменот.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Интегративно Студио 9.2 / Јулија Јовановска / Марија Цинциева / Махмуд Тале