Градски чешми од османлискиот период / Скопје XVII – XIX век

Година : настарата позната чешма е изградена во 1689г. најновата во 1854г.

Локација: Скопје, Чаршија и околина

Извор:,  Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998; Данило Коцевски, Го Сакам Скопје, 2000 г.; Салих Асим, Историја на Скопје и неговата околина, превод Драги Ѓоргиев, 2005г. 

Насловна фотографија: Хаџи Рауф-чешма, пред црквата Св. Димитрија

 

Пристапот до вода е главниот предуслов за опстојување на една урбана населба. Затоа, уште од античко време, градиме и развиваме комунални водоводи. Покрај доводната мрежа, овој систем се краси и со јавни чешми, кои биле исклучително импресивни во османлиско Скопје.

Градските чешми биле поставувани на плоштади, раскрсници или покрај значајни објекти. Тие биле многу важни за локалното население, посебно за оние кои немале бунар во нивниот двор. Полнењето на вода била незаменлива секојдневна обврска, низ која се проткајувале и низа социјални и културолошки аспекти. Не случајно оваа тематика на идење на чешма е толку честа во народните песни и приказни.

 

 

 

 

Уталитарноста на чешмите ја користеле побогатите поединци кога сакале да направат добротворни дела. Тие граделе градски чешми кои подоцна, како џамиите или амамите, ги носеле нивните имиња.

Дополнително чешмите имале и натпис испишан со арапско писмо, кој ја содржел годината на градење, името на донаторот, а честопати и некаква пофалба или порака во негово име.

 

 

Историска фотографија на Бојаџискиот мејданлак и чешмата на левата страна.

 

 

„Водата дава живот на сѐ. На оној добротвор што ја оставил оваа чешма, дај Боже судбината да му додели рај. Господ нека му простии на Хаџи Хасан-ана, син на Ибрахим-ага. Година 1166.“

Натпис на плочата на чешмата на Бојаџискиот мејданлак (кај Чифте амам), изградена во 1753г. / Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998, стр: 201

 

 

Вакви јавни чешми имало насекаде. Евлија Челебија пишува дека само во Скопје имало 110 чешми, а Салих Асим споменува 36 во неговата книга „Историја на Скопје и неговата околина“ од кои само 12 сѐ уште постоеле во 1932г.

 

 

 

 

Листа на чешми:

  • Алаџа-чешма
  • Ајдар Баба-чешма
  • Алти Ајак-чешма
  • Гази Кас’м-чешма
  • Дуќанџик чешма
  • Демирџи-чешма
  • Иса-бег-чешма
  • Јаја-паша-чешма
  • Капан-чешме
  • Кара Асан-чешма
  • Кури (сува)-чешма
  • Лонџа-чешма
  • Оруч-паша-чешма
  • Синан војвода-чешма
  • Соук-чешме
  • Табаклар-чешма
  • Фарфара-чешма
  • Хаџи Галиб-бег-чешма
  • Хаџи Семка-чешма
  • Хаџи Ине-бег-чешма
  • Хаџи Рауф-чешма
  • Хатунџик-чема
  • Чешма во Гази Ментеш маало
  • Чешма на Бојаџискиот Мејданлак
  • Чешма пред тврдината Кале

 

 

 

Горе лево: Кури-чешма; горе десно: лонџа-чешма; доле: Алти Ајак-чешма / Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998, стр: 199 и 201.

 

 

Од овие исклучителни бројќи денес нема речиси ништо. Tие се користеле сѐ до периодот помеѓу двете светски војни, а подоцна, со појавување на модерниот водовод, голем дел од нив воопшто не ни работеле бидејќи не биле поврзани со новата доводна мрежа.

Се разбира голем дел од старите градски чешми се уништени во земјотресот во 1963г. Но дел ги снемува и во последователната реконструкција. Без разлика што некои од нив биле навистина стари, како Адем Баба-чешма кој постоела уште пред 1686г., по земојотресот тие не се валоризирале како значајни споменици. Па така, не заштитени, кога едноставно се нашле на патот на развојот на модерниот град, тие биле демолирани.

 

 

Соук-чешма, оштетена во земјотресот / извор: Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998, стр: 199

 

 

 

Адем Баба-чешма, состојба пред и по земјотресот, кога преостанатата структура е вметната во понов објект / извор: Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998, стр: 200.

 

 

Единствени останати примери се неколку чешми во склоп на џамиите кои продолжиле да се користат во религиските ритуали. Исто така се зачувани и неколку натписите на градските чешми, кои денес се во сопственост на Музејот на Град Скопје.

 

 

Чешма во склоп на Гази-иса-бегова џамија 

 

Архитектура

Дел од чешмите биле слободностоечки структури, а дел биле вградени во ѕидовите на други објекти. Основната архитектонска форма се состои од два сегменти, вертикален ѕид во кој се доведувала водата, и хоризонтално корито во кое таа се излевала.

Во многу од примерите вертикалниот ѕид имал вдлабната ниша со лачен завршеток. Во нишата се наоѓала самата чешма, а обично над неа бил поставен и натписот.

 

Чешма пред Кара капуџи-баши џамија

 

 

Структурите биле изработувани од камен, а веројатно дел од тие камења некогаш биле и сполии. Таков пример среќаваме во книгата на Д. Коцевски, кој зборува за чешмата на Хаџи Галиб-бег која наводно имала корито од стар римски саркофаг, продупчен и приспособен за оваа нова намена.

Тој исто зборува и за рециклирањето на материјалите од самите чешми, како дел од нивните камења биле инкорпорирани во поновиот слој на оградата околу џамијата Јаја Паша.

 

 

лево: римски саркофаг пренаменет во корито – десно, чешма вградена во ѕид / извор:  Данило Коцевски, Го Сакам Скопје, 2000 г., стр: 78 и 227

 

 

Самиот факт дека од толку многу чешми денес не среќаваме ни една, ни укажува на кревкоста на градителското наследство.

Неверојатно е како овие чешми, кои напојувале генерации со векови наназад, не биле препознаени како вредни елементи на колективната меморија. Дополнително тие имале уталитарна форма, која ја врши многу едноставната функција на градска чешма – урбана опрема која сѐ уште ни е потребна.

 

 

 

Современи градски чешми низ Старата скопска чаршија

 

 

Од втората половина на 20-от век па до денес, се изградени низа чешми на други делови од градот, но на жалост, повеќето немаат никаква монументална или естетска вредност. Иако има неколку интересни примери, тие не можат да заменат чешма со натпис стар 300г. или со корито од римски саркофаг.

 

„Станува тоа што сака господ. Сѐ живо е од вода.

 

 

 

Натпис на плочата на Хаџи  Ине-бег-чешма, изградена во 1854г. / Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998, стр: 201