Фасадно обликување на АДМИНИСТРАТИВЕН ОБЈЕКТ СИНПЕКС во склоп на Индустриски комплекс Синпекс / 3SArchitects
11.09.2023 • XXI век
Година на проектирање: 2023
Автори: Наташа Стојаноска, Лазар Стојаноски
Соработници: Филип Јосифовски
Проектантско биро: 3SArchitects, Скопје
Инвеститор: СИНПЕКС доо Битола
Локација: ул. “Индустриска” бр. бб, КО Битола 5, Битола
Површина: 1350 m2
Објектот е дел од индустриски комплекс составен од неколку објекти. На барање на Инвеститорот изготвен е Проект за фасадно обликување на објектот кој претходно бил седиште на Битолската текстилна фабрика Битолатекс.
Самиот објект датира од 60те години на 20 век и низ годините имал неколку реконструкции и адаптации на просторот според тогашните потреби. Новиот сопственик на објектот планира да го претвори во ново административно седиште на компанијата.
Архитектонскиот израз на новото решение го отсликува развојот на компанијата во 21 век, при што се употребени современи материјали. Програмски објектот ја зарджува функцијата која ја има уште од неговата изградба, но денес трпи промени во склад со современите потреби и барања на новиот Сопственик. На кровот е предвидено да бидат вградени фотоволтаици кои дополнително ќе обезбедат енергетска самостојност на објектот.
Изборот на материјали е направен со цел лесно одржување и трајност за ова поднебје чија годишна температурна разлика изнесува повеќе од 70о С.
Објектот како дел од индустриски комплекс е изграден со приземје и кат со ориентација на канцелариите исток запад на чии фасади се поставени најголем дел од фасадните отвори како максимално би се осветлил работниот простор. Приземјето има полу-јавен карактер и е составено од приемен дел, простории за вработените, мали сали за состаноци, архива и изложбен дел за презентации и случувања од различен карактер. Катот е предвиден за директорските канцеларии и главната сала за состаноци и е од затворен – приватен карактер.
Aдминистративниот објект има два влеза, едниот од југ наменет како приватен влез, и другиот на северната страна како главен влез во овој објект кој воедно гo поврзува овој објект со останатите објекти од Индустрискиот комплекс.
Кровот над северниот влез е претворен во кровна градина до која се пристапува од катот при што е обезбеден пристап до надворешен простор и за корисниците на катот.
Фасадата е оформена како обвивка од вертикални и хоризонтални алуминиумски елементи со растер кој ги прати постојните фасадни отвори, поставени на метална потконструкција преку термоизолацијата од камена волна. Фасадната столарија е од алуминиум врамена со алуминиумските профили. Фасадните отвори кај двете нивоа се поставени на разминување како би се создало динамично обликување на еден строго дефиниран растер од постоечките фасадни отвори со дополнително врамено надвишување од металната конструкција, со кои треба да биде разбиена правилната хоризонталната силуета на постојниот објект со должина од 60 м, а висина од 8 м.
Начинот на кој се оформени фасадните отвори нуди програмска дистинкција на содржините за посматрачот при што, малите и тесни фасадни отвори се оформени кај утилитарните простории, правилните врамени прозори кај просториите канцелариските простории за вработени, додека деловите на западната и источната страна со најголеми застаклувања се наменети за директорските канцеларии и изложбениот простор како најрепрезентативни делови на објектот.
Објектот не претставува конечно оформен организам туку е подложен на постојан процес на прилагодување на потребите од современиот живот во периодот во кој се случуваат.
Изборот на проектантска стратегија во насока на ревитализација на објектот е базирана на:
– детална анализа на објектот и тоа: историска, архитектонска, програмска, економска и конструктивна (во контекст на периодот во кој е изграден)
– изборот за современата содржина на објектот е разработена во склад со изворната содржина, а во релација со новата програма која ќе ја содржи објектот и нивната компатибилност.
На база на извршеното истражување идентификувани се квалитетите на постојниот објект и елементите кои се основа за проектантска, обликовна и содржинска надградба, при што главната цел на проектантот е да обезбеди континуирана употребата на објектот при што и оваа интервенција во иднина треба да биде евалуирана како претставник на еден од историските периоди низ кој минува објектот при некоја идна промена и трансформација.
Автор на статија: Filip Koneski
3SArchitects / Лазар Стојаноски / Наташа Стојаноска / Синпекс / Фасадно обликување / Филип Јосифовски