Безидејното Маџир Маало во Скопје

Во центарот на Скопје, веднаш до Транспортниот Центар е позиционирано Маџир Маало. Значајно за домашниот урбанизам ова е првиот простор кој на крајот од XIX  век се планира со ортогонална улична мрежа. Сами по себе, овие улици претставуваат урбанистички маркер, кој има споменична вредност.

Долгото размислување што со овој простор, резултира со најлошиот концепт што можеше да се замисли, а тоа е да се препушти на урбанистички план без идеја, план кој не размислува подалеку од делење на инвеститори да го реализираат сопствениот бизнис апетит, од кој градот не добива апсолутно ништо.

 

 

Ваков репрезентативен простор од аспект на неговата локација, да беше во моментот во Тирана, Белград или било кој друг град, ќе беше во најмала рака предмет на некое современо архитектонско остварување, тоа е земјиште со вистински потенцијал, финансиски вредно и исплатливо и како местоположба незаменливо.

 

Макета на градската порта / Тимот на Танге

 

Тука во планот на Танге беше позиционирана Градската Порта, Георги Константиновски ги замисли своите пирамиди како комплекс на домување, додека современиот македонски урбанизам го остави просторот за безидејно делување и создавање на блокови со неразумна височина поради тесната улична мрежа.

 

Истражување за домување во високи структури / Константиновски

 

Општините никако да станат менаџери на просторот кој има едноставен патоказ – организирање на конкурс за визии, разработка на идејни решенија, бирање на најдоброто, преточување во урбанистички план, обединување на просторот во една парцела на косопственици ( процентуално според површината која ја поседува секој поединец) и заеднички настап пред заинтересиран инвеститор да го реализира одбраното решение.

Формула која одамна ја нудиме како решение со кое сите на крајот ќе излеземе како победници. Но немањето желба и визија, не направи бездушни и подпросечни. Скопје заостанува во поглед на главните градови во регионот, небаре тука нема архитекти, визионери, луѓе со идеја и потенцијал.

Како оди реализацијата на тековниот план погледнете од денешната фотогалерија >>>