Недостојни почивалишта

Кога доаѓаат поголемите празници, луѓето често ги посетуваат вечните почивалишта на блиските. Гробиштата во Скопје и генерално во Македонија  изгледаат недостојно и запуштено, отфрлено во некој дол. Од организациски т.е урбанистички аспект последниве 30 години не се посветува соодветно внимание и се добива впечаток на претрупување на парцелите. Неконтролираниот  капитализам и во оваа сфера направи бизнис кој дозволи продавање повеќе квадрати и непланирање на делувањето. Цените варираат небаре бирате луксузен хотел или приватен пансион, па зависно од џебот за гробна парцела од 400 евра во Драчево може да платите и до 2000 евра во Бутел.

Градски гробишта – Бутел

Компаративно на  денешните времиња, во минатото можеме да забележиме дека нивото на организирање на гробиштата било на едно посоодветно ниво – планирани сообраќајници, тротоари, хортикултурно уредување. Од тоа време се останати алеите на борците, гробиштата на погинатите од скопскиот земјотрес, како и гробовите на  видните личности. Се разбира дека поентата не е само да се направи, истото треба и да се одржува.

Споменик на жртвите од скопскиот земјотресот во 1963 / Бутел

Гробишта на загинатите од скопскиот земјотресот во 1963/ Бутел

Дали за гробиштата  постои урбанистички правилник не ми е познато, но состојбата на терен покажува очајна слика. Во прилог на реченoто, денешната слика од  гробиштата во Драчево (новата екстензија):

Покрај не постоењето на асфалтиран сообраќаен пристап,  гробните парцели се преблиску една до друга, гробиштата се неоградени и често се изложени на сквернавење од „локалните номади“, со што тие повеќе личат на депонија отколку на достојно почивалиште. Исто така не постои  контејнер во овој дел, ниту санитарен чвор  со исклучок единствено на чешмите кои се на соодветно растојание.

Oрганизацијата на просторот не ви овозможува достојно одбележување на датумите, ниту ви дозволува сенка, одложувуање на смет, зеленило. Во случај на помен, луѓето стојат и газат по другите гробови што е условено од димензионирањето на пристапот, растојанието меѓу парцелите итн. Поентата на оваа критика е дека просторот го наложува однесувањето на корисниците.

Поради ситуацијата, разбирливо луѓето  на своја рака изведуваат надстрешници, оградување, поставуваат клупи и корпи за отпадоци со што се појавува деформирана слика налик урбанистичкиот хаос низ населбите. Не постоењето на сериозни правила и контрола го презентираат општествениот и индивидуалниот менталитет на сите полиња. Очигледно животните навики ќе си ги однесеме и на „оној“ свет.

Филип Конески