Најавена е премиерата на „Време на бетон” – филм кој ја раскажува скопската архитектонско урбанистичка историја

Нѝ претставува задоволство да ве информираме дека долгометражниот документарен филм „Време на бетон” во режија на Игор Иванов и продукција на Скопје Филм Студио ќе биде премиерно прикажан во четврток, 18. април во Кино Фросина.

„Време на бетон” ја раскажува приказната за Скопје, поточно неговата архитектонско-урбанистичка историја. Особен фокус е ставен на модерната, која го следи градот од почетокот на дваесеттиот век. Посебно кусата ера на брутализмот. Што е она што доведе до овој подем во време кога е тоа најпрогресивен правец во светската архитектура? Која е неговата вредност, естетска, архитектонска, практична и зошто тој е со децении предмет на политичка конфронтација, идентификација и антагонизам? „Време на бетон” претставува обид да ги деконструира и објасни овие феномени.

 

 

Грижливо компронираните кадри, надополнети со архивски снимки и фотографии, како и 3Д анимации, водени од нарација, го прават овој филм едно уникатно аудио-визуелно патување низ скопскиот бетон и неговата контроверзност.

Време на бетон” е снимен по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски. Овој филм е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

 

Информацијата е во целост превземена и презентирана во оригиналната форма од изворот >>> Либертас