Јавен повик за инфраструктурни проекти
07.09.2024 • Информации Став
Деновиве се распиша јавниот повик од страната на Министерството за локална самоуправа, во висина од 250 000 000 евра, од кои во првата фаза до крајот на годинава ќе се доделат 100 000 000 евра.
На конкурсот може да аплицираат сите општини во државата и Градот Скопје, во областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.
Она кое зачудува во вака сериозен проект се временските рамки.
Рокот за пополнување на апликативниот формулар е 7 дена и истиот пополнет со предлог проекти од страна на општините треба да се достави до Министерството за локална самоуправа.
Потоа во рок од 10 дена, целосната проектна документација, од страна на општините, се доставува до ресорното министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши и евалуација на истиот.
Евалуацијата се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на Владина седница.
Прашањето е следно, знаејќи ја природата на овие комплексни проекти – Како е возможно да се проектира објект во рок од 7 или 17 дена, од расписот на повикот, особено кога станува збор за улици, патишта, објекти во кои учествуваат повеќе фази, проектанти и инженери, а потоа во само 10 дена да се направи увид на толку обемна документација и избор?!
Толку сериозна инвестиција за развој на инфраструктурата, бара сериозен пристап, квалитетни проекти и транспарентност во постапката. Ваквите рокови креираат сомнежи и насока за неквалитетно разработени проекти, но и пропуштена можност навистина да се размисли целиот процес во правец на вистински избор и поентирање преку инвестиција онаму каде е вистински потребна.
Автор на статија: Filip Koneski
инфраструктурни проекти / министерство за локална самоуправа / општини / повик