,,УРБ-АРХ,, со поддршка на Охрид СОС

,,УРБ-АРХ,,- Организација за развој, заштита и промоција на урбанизмот, архитектурата и културното наследство, дава подршка на ,,Охрид С.О.С,, по повод новите градежни работи во Охрид, каде се уништиваат објекти од културното наследство. Можеби објектите и не се заштитени со закон, но зарем само со закон треба да се заштитува наследството и меморијата, идентификацијата, а со сето тоа и идентититетот на Охрид.

,,УРБ-АРХ,, упатува апел до сите надлежни институции стриктно да се почитуваат законските прописи при изработувањето на урбанистичките планови, при давањето на дозволи за градење како и фазите при самото градење на објектите.

 

SOS Охрид предупредува за Планска програма со која се предвидува рушење на градителско наследство

Според Законот за урбанистичко планирање, системот на просторното и урбанистичкото планирање служи за уредување и хуманизација на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и социјалната, економската и еколошката одржливост на населбите.

Општините мора да ги почитуваат сите фази при донесувањето на деталните урбанистички планови каде што е задолжителна стручната расправа со која планските решенија се ставаат на увид и проверка на стручната јавност, како и јавна презентација со која предложените плански решенија се ставаат на увид на широката јавност. Од исклучителна важност е граѓанските здруженија и организација активно да ги пратат и да земат учество со свои предлози во овие фази при носењето на планот. Воедно, упатуваме и поддршка и благодарност до МАРХ Македонска архитектура за навремено информирање и постојано следење на ситуацијата во Охрид овој период

Развојот на градот не значи само постојано градење на станови и постојано неконтролирано ширење на градот, туку организирање на просторот со цел постигнување на поквалитетен начин на живеење, почитување на културното наследство, зачувување на животната и природната средина. Охрид како град на УНЕСКО има со што да се презентира пред светот, меѓутоа треба секојдневно да се грижиме и придонесуваме за одржливиот раст на градот.