Новата валута на пазарот на недвижнини: Колку вреди вашиот дом во ера на климатски ризици?
26.08.2026 • Став
Основната улога на секој објект е да биде засолниште, штит кој нè спасува од надворешните влијанија. Современото градежништво ја донесе оваа „супермоќ“ до совршенство: го пресметува секое оптоварување, се адаптира на сите дождови и ветришта, создава идеална внатрешна температура и обликува форми кои можат да го задоволат сечие его.
Но, кога ќе ги прочитаме сегашните вести, јасно гледаме дека не сме ја победиле природата. Требаше еден силен ветер и за пет минути десетици кровови во Скопје одлетаа како салветки.
Штети од невремето на 21.07.2026 во Скопје, кое достигна јачина на ветер до 130 километри на час / фото: nezavisen.mk
Во судирот со новите климатски екстреми, старите правила повеќе не важат. Без разлика како и зошто, климата веќе се менува, а ние мораме итно да се адаптираме.
Нашите постоечки згради се замислени да функционираат во климатски рамки кои веќе се поместуваат. Тие се проектирани за свет каде температурите ретко надминуваа 40°C, а суши се среќаваа само повремено. Но, што ако утре стигнеме до 50°C? Што ако дождот не врне, туку „истура“ со интензитет трипати посилен од оној за кој канализацијата била пресметана пред 50 години?
Зборуваме за случаи кои веќе се случија, за животи кои веќе се изгубени заради тоа што нашите градови/засолништа престануваат да бидат безбедни.
Невремето во Скопје во август 2016 донесе рекордни 84,5 мм врнежи за пет часа, што предизвикаа катастрофални поплави во кои животот го загубија 22 лица / фото: slobodenpecat.mk
Климатската иднина, заедно со лошото менаџирање со инфраструктурата, прави денешните генерации активно да живеат во страв од она што следува. Тој страв е реален, но за да го победиме, мора да се соочиме со непознатото. Одговорот не е во паника, туку во знаење.
Експерти од различни дисциплини – метеоролози, економисти, хидрауличари, геолози, статичари и архитекти – веќе работат на овие теми. Тие го спојуваат знаењето за да создадат една моќна алатка: Анализата на климатски ризици (Climate Risk Assessment). Со собирање на податоци од минатото и моделирање на иднината, сега можеме да го земеме било кој објект (постоечки или нов) и прецизно да кажеме: „Ова е неговата слабост. Ова се неговите ризици за наредните 30 години.“
Оваа потреба да се адаптираме на идната клима веќе се провлекува низ нови регулативи ширум светот. Таков пример е Европската таксономија, која бара митигирање на проблемите поврзани со климатски ризици, но и прилагодување на истите. На сличен начин доаѓаме до темите за енергетска одржливост и пасивни куќи, бидејќи прво што сакаме да го адаптираме на новата клима се нашите сметки.
Спречување на проблемот – митигација на климатски промени, прилагодување на проблемот – адаптација на климатски промени / диграм: Meri Bek City Council, извор: pursuit.unimelb.edu.au
Доколку призмата на паричникот навистина ни е најважна, време е да поставиме едно неопходно прашање: Колку всушност вреди домот во кој спиеме секоја вечер, ако знаеме дека за 5 години има висок ризик да биде поплавен или зафатен од пожар? Дали тој имот воопшто има вредност? Безбедноста и отпорноста стануваат нова, најважна валута на пазарот. Игнорирањето на ризикот не го прави тој да исчезне, туку само ја одложува неизбежната сметка, која е истовремено финансиска и човечка.
Ова е само почетокот од една тема која станува сопствена научна дисциплина. Анализата на климатски ризици во архитектурата е нешто за кое мора да се освестиме самите ние, како корисници на објектите. Време е оваа наука да стане стандард во македонскиот пазар на недвижнини и во нашите регулативи. Сè почнува со едно просто, но клучно прашање: „Колку е овој објект отпорен на климата што нè чека за 20, 30 или 50 години?“
Денес ја отворивме темата, а во една од следните објави ќе зборуваме за праксата. Како науката ги чита метеоролошките предвидувања? Кои се вистинските ризици за нашиот регион? Какви типови на адаптации треба да преферираме?
Следете нè тука на marh.mk.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
адаптација на климатски промени / Невреме / Одржлива архитектура / поплава





