Delight Office Solution реализира еден од најголемите канцелариски проекти во регионот за Taskforce во Скопје
04.03.2026 • Ентериер и мебел
Година: 2026
Површина: 4.500 м2
Клиент: Taskforce
Архитект: Илина Миронска
Локација: Бизнис Центар Гранд Скопје
Фото: Васе Аманито
Во услови кога современите канцеларии сè повеќе се трансформираат во комплексни работни екосистеми, во Скопје е реализиран еден од најголемите канцелариски проекти во регионот. Станува збор за новите канцеларии на Taskforce, проектирани и реализирани на површина од 4.500 м² со капацитет за повеќе од 700 работни позиции.
Проектот е организиран на пет ката, каде секое ниво природно се надоврзува на следното, формирајќи функционална и јасно читлива просторна целина. Ентериерот е дефиниран со внимателно одбрани материјали и текстури кои создаваат современа и младешка атмосфера, внимателно усогласена со афинитетите и вредностите на една корпоративна компанија.
Во рамки на овој концепт, просторот е јасно структуриран преку повеќе меѓусебно поврзани зони, при што секоја зона има прецизно дефинирана улога во секојдневното функционирање на канцеларијата. Организацијата овозможува логичен тек на движење, добра комуникација меѓу тимовите и оптимално користење на површината.
Welcoming Zone е засмислена како отворен и јасно дефиниран простор за прием на гости и вработени и е сместена на првиот кат. Со комбинација од смирени тонови и акцентни бои, оваа зона го формира првиот впечаток и ја поставува атмосферата на целиот простор.
Resident zone е втората зона во која вработените го поминуваат најголемиот дел од работното време и е наменета за индивидуална работа. Во основа е организирана како современ open space, при што просторот е дименизониран во согласност со потребите на тимовите. Карактеристичните катови се поделени на 4 поголеми канцеларии со што се постигнува поголема приватност и можност за фокусирана работа. Поделбата е направена со стаклени прегради кои овозможуваат во целиот простор да продира природна светлина. Со примена на акустични ѕидни облоги и прегради интегрирани на самите бироа се решени предизвиците во поглед на акустика без да се наруши чувството на отвореност и поврзаност.
Дополнително, во рамки на зоната се предвидени и индивидуални канцеларии, кои овозможуваат поголем степен на приватност и се прилагодуваат според различните потреби на тимовите.
Meeting Zone, односно зоната предвидена за состаноци, е дефинирана користејќи три различни пристапи.
Тип 1: Конференциска сала која со помош на подвижна акустична преграда може да се подели на две помали простории согласно потребите на корисниците на просторот.
Тип 2: Kомпактни телефонски кабини, целосно интегрирани со вентилација и електрификација, дизајнирани за индивидуални разговори и online состаноци со минимален просторен отпечаток.
Тип 3: Неформални состаноци во отворен простор дефинирани со софа/фотелја, флексибилна табла за пишување, мала масичка на која може да се постави lap top и електрификација.
Social Zone е замислена како мрежа од различни простори низ канцеларијата, кои можат да се појават во повеќе форми и контексти. Овие зони можат да бидат интегрирани во простори со одреден степен на приватност за неформални разговори, чајни кујни на со високи маси на кои може да се промени положбата на телото, кантина која лесно може да се трансформира во work café или простор кој секој тим може да го користи за заеднички прослави и отворена тераса оплеменета со природно зеленило.
Овие простори овозможуваат социјална интеракција, кратки паузи и спонтани средби, придонесувајќи за чувство на заедништво и дополнителна енергија во текот на работниот ден.
Resource Zone е дискретно интегрирана во целокупниот просторен концепт и обезбедува функционална поддршка за секојдневните активности на вработените, без визуелно да доминира во ентериерот. Во рамки на оваа зона се вклучени персонализирани locker системи, кои поддржуваат флексибилен начин на користење на работните позиции, остави, гардероби, зони за принтање итн.
Зонирањето на просторот е постигнато со употреба на соодветни бои и материјали при што подот е искористен како главна алатка за суптилно преоѓање од една кон друга зона.
Во работните простории дизајнот на подот е смирен и благо преоѓа од една кон друга нијанса, додека пак во зоната на рецепција и лоби се употребени повпечатливи колекции.
Стаклените прегради со висина од 4 метри овозможуваат транспарентност и непречен проток на природна светлина низ целиот простор, дополнително нагласувајќи ја визуелната поврзаност помеѓу различните зони. Овој ефект е надополнет со custom-made светлосни решенија, дискретно дизајнирани како интерпретација на корпоративниот идентитет и логото, кои внесуваат суптилен визуелен акцент и дополнително ја заокружуваат просторната целина.
„Визуелниот идентитет на просторот е дополнително зајакнат со рачно изработени мурали и custum made принтови, додека акустичкиот комфор е постигнат преку интеграција на разновидни акустични производи. Просторот е исполнет со внимателно селектирано зеленило , разновидни растенија и мов, кои создаваат хармоничен визуелен баланс, ја унапредуваат микроклимата и придонесуваат за пријатна, смирена и инспиративна работна атмосфера.,“ изјави Илина Миронска, архитект и проектен менаџер.
„Овој проект за нас не беше само реализација на еден голем простор, туку и платформа за воведување на производи и системи кои за првпат се применуваат на македонскиот пазар. Дел од решенијата што се имплементирани во овој објект досега не биле достапни локално, а по оваа реализација тие стануваат дел од нашето редовно портфолио и се отворени за користење од страна на архитектите и дизајнерите во Македонија,“ изјави Радослав Милошески директор на Delight Office Solution.
Автор на статија: Filip Koneski
Delight Office Solution / Meeting Zone / Resident zone / Resource Zone / Social Zone / Taskforce / Welcoming Zone / Бизнис Центар Гранд Скопје / Илина Миронска / Канцеларии / Радослав Милошески / Скопје





















