Средновековен Прилеп – Маркови Кули

Прилеп и околината претставуваат културно подрачје кое обединува исклучителни природни феномени и археолошки остатоци од сите минати епохи. Овој град е всушност последната македонска престолнина, пред доаѓањето на Османлиите, на таканареченото Прилепско Кралство на Волкашин и Кралот Марко, средновековна држава која опфаќала половина од денешната територија на Република Македонија и нешто вон неа во делот на Егејска Македонија.

 

Од внатрешната тераса кон врвот на Марковите Кули

 

Почетоците на Прилеп се во денешната населба Варош и ридовите на Марковите Кули кои се сведоци на едно од најголемите балкански утврдувања.

Просторот е населен уште од Енеолитот ( 4500 – 2000 год. п.н.е ), преку Бронзеното, Железното време, Антиката, Доцната Антика и средниот век.

 

Цртежи на карпа под месноста Чардак

 

Природните особености се карактеризираат преку различните форми на големите грамадни карпи, кои создаваат мистичен пејсаж, во кој покрај природното обликување се среќаваат и човечки интервенции преку обработка и оформување.

 

Реконструкција на Дероко / Фортификација според И. Микулчиќ

 

Она кое денес видливо го доживуваме како фортификација претставува во најголем дел остаток од полниот среден век од крајот на IX и почетокот на X век, што не врзува со средновековното македонско царство на Самоил, па се до згаснувањето на Прилепското Кралство на Крале Марко во XIV век.

 

Сегменти од тврдината

 

Во отоманскиот период се забележува присуство на воена посада на ридот, додека градот се развива доминантно во делот на денешен Варош.

Утврдувањето и градот се ширел во неколку зони и обѕидувања, со моќни кули најчесто во квадратна и правоаголна форма, но не се ректи ниту кружните или полукружните кули.

 

Од рамниште кон Прилеп

 

Зарамнувањето пред главната порта од северна страна, формира тераса помеѓу двата врва, од која денес се пружа фантастична панорама на градот Прилеп.

 

 

Забот на времето го прави своето заедно со недостатокот од реконструктивни активности и конзерваторска заштита. Повеќето од остатоците се во незавидна положба, со големи оштетувања и поткопувања во делот на темелите, што може да доведе до колапс на цели ѕидови или излизгување на поголеми делови од градбите.

 

Чардак

 

Марковите кули во Прилеп имаат потреба од државно внимание, со сериозен пристап и инвестиција која ќе ги направи промените набрзо видливи, со цел експлоатација на потенцијалот во различни цели.

Покрај превенирањето од загуба на овој средновековен град, новите сознанија преку археолошките ископувања, Македонија треба да препознае нов туристички центар. Тоа значи економија, раздвижување на просторот и нови предизвици за младите да останат во својот град кој им нуди огромен потенцијал во овие сфери.

 

Од бедемите и кулите кон јужна страна

 

Она кое сеуште пркоси на времето во својата полна форма се манастирите и црковните објекти од кои се издвојуваат Св.Никола од крајот на XIII век, потоа Св. Димитрија исто од XIII век, манастирот Св. Архангел Михаил од XIV век итн.

Покрај употребата на градежните материјали, овие објекти сеуште се живи во својата функција па од тука и нивната сочуваност е логична со континуираното користење.

 

Манастирот Св. Архангел Михаил и црквата Св. Атанасиј

Црквата Св. Никола

 

Просторот на Марковите Кули, Варош, се до Трескавец, но и пошироката околина на Прилеп, се бескраен културен хоризонт во исклучителен пејсаж кој заслужува внимание еднакво на она кое го има Охрид. Туристичкиот и културен потенцијал е неспорен и за жал неискористен.

Преку популаризација се надеваме дека ќе потикнеме промени.

 

Фотографии: Филип Конески/ 2025

Користени извори:  „Маркови Кули, Варош – Прилеп“ од Бранислав Ристески, OLD PRILEP, „Средновековни градови и тврдини во Македонија“ од И. Микулчиќ