Сојуз на Аграрни Заедници, Скопје / Артемушкин, 1939
11.07.2025 • ХХ век / I половина

Оригинална адреса: ул. Принц Џорџе бр. 39 и ул. Света Сава бр. 6
Денешна адреса: /
Програма: Деловна
Статус: Не постои
Архитект: Иван Артемушкин
Извор: Артемушкин и Скопје, Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје
Во 1930-тите години, Скопје веќе влегува во својата модернистичка фаза, обележана не само со технолошки напредни методи на градење, туку и со стилски карактеристики како што се чистите геометриски форми, хоризонталноста и редуцираниот орнамент.
Во тој период, архитектот Артемушкин е во доцната фаза на својата кариера. Со долгогодишно искуство и бројни реализирани проекти зад себе, тој продолжува да твори во духот на модернизмот, оставајќи значаен белег врз архитектурата на Скопје.
Еден од неговите последни капитални проекти е деловниот објект на Сојузот на аграрни заедници, изграден во самиот центар на Скопје, во непосредна близина на тогашната железничка станица — денешниот Музеј на град Скопје.
Објектот ги содржи сите карактеристики на раниот модернизам: едноставна, квадратна фасада со хоризонтален ритам на прозорци и речиси целосно отсуство на декоративни елементи. Исклучок е венецот, обработен со чисто геометриски форми, и портите од ковано железо. Фасадната композиција го прикрива косиот покрив, оставајќи впечаток на рамен кров.
Површината на фасадата е расчленета во правоаголници, обработени со техника што имитира мермер, давајќи ѝ рафиниран и монолитен изглед.
Главен визуелен акцент претставува извишениот агол на левата страна од фасадата, со каскаден завршеток што отстапува од строгата симетрија на објектот. Во овој дел се појавуваат два симетрични кружни прозорци и две антенски структури, што го заокружуваат архитектонскиот потег.
Историски фотографии укажуваат дека во повоениот период кружните прозорци се заманети со правоаголни отвори.
Во основата, објектот е ориентиран кон уличниот фронт, со два посебни влеза сместени на левиот и десниот агол — едниот за возила, другиот за корисниците. Канцелариските простории се распоредени околу централен хол, развиени на две нивоа.
Нажалост објектот не ги преживува урбанистичките трансформации што го зафаќаат Скопје по земјотресот во 1963 година. Но, неговата архивска документација е доволна за да ја воочиме зрелоста на модернистичкиот пристап во градот уште во предвоениот период.
Овој деловен објект претставува последниот капитален проект на Артемушкин пред Втората светска војна и се вбројува меѓу најрепрезентативните примери на раниот модернизам во Скопје.
Сите архивски планови се преземени од Државниот архив на РСМ – Одделение Скопје.
Информации за вториот тираж на публикацијата „Артемушкин и Скопје“
Извор: Артемушкин и Скопје / Чаусидис, Ефремовски

Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Артемушкин и Скопје / деловен објект / Иван Артемушкин / Модернизам / Ран модернизам