НАТОЧАК не информира за тековна дебата за ГУП

Соoпштение на  НАТОЧАК:

 

„Драги сограѓани,

Би сакале да ве информираме дека Град Скопје утре (15.08.2025) во салата на Советот на Град Скопје (барака број 13) организира дискусија за Генералниот урбанистички план за Скопје и тоа:

9:00-11:00 за Општина Карпош

11:00-13:00 за Општина Сарај

https://skopje.gov.mk/…/13-08-gup-javna-diskusija…/

Генералниот урбанистички план е документ од најголема важност за развојот на градот.

Во него се дефинира за колку жители има капацитет градот, со колкави густини и максимални катности ќе се гради, колку и каде има потреба од јавни институции, колку и каде треба да има паркови, колку широки ќе се булеварите и со каков состав, каква ќе биде велосипедската мрежа и каков ќе биде основниот сообраќаен систем на градот, меѓу другите битни теми.

Град Скопје по медиуми (линк во коментар) се жали дека мал број граѓани учествувале во овие дискусии и дека се интересирале само за своите парцели, а не за јавниот простор.

Ние на тоа би сугерирале:

Доколку навистина сакаат поголем број граѓани да учествуваат на овие дискусии, Град Скопје треба:

  • да сподели за нив на социјалните мрежи. Сите кога сакаме за нешто навистина да се дознае, споделуваме таму и го правиме тоа „ин“. Кога сакаме “реда ради“ да известиме, ставаме досадно соопштение на некој сајт кое малкумина ќе го прочитаат
  • да ги закаже ВОН работно време и ВОН сезона на екстремни температури и летни одмори.
  • Доколку навистина сакаат да наметнат теми од јавен интерес, а не само приватен, Град Скопје треба:
  • да ги склопи објавите на таков начин, со акцент на темите од јавен интерес
  • да имаат едуциран модератор кој ќе ја насочува дискусијата
  • да повикаат стручни лица од соодветната област за да дадат тежина на дискусијата
  • да ги направат презентациите приемчиви, разбирливи, визуелни, па дури и интересни за граѓаните

и ред други совети за УСПЕШНА ГРАЃАНСКА ПАРТИЦИПАЦИЈА кои можат да се најдат на интернет. Ако се сака.

Простор за изговори во денешно време нема.

Односот кон темите и едукацијата треба да се негува од институциите во континуитет за да има резултат. Не е вината во граѓаните.

Се надеваме дека овие дискусии од септември ќе се повторат. Доколку биле неуспешни како што кажуваат од Град Скопје, не треба да си ги штиклираат како “завршено“.

А утре и на наредните дискусии среде лето и во работно време, нека отиде кој може.

Дополнително, во 2025-та година може да има и интерактивни онлајн алатки за вклучувае на граѓаните.“

 

Автор на статија:

/ / /