Aztecs Coffee & Bakery / Аннго

Година на проект:  2025

Автор: Ангела Стефановска

Дизајн студио: Аннго

Инвеститор: Aztecs Coffee & Bakery

Локација: Призрен, Косово

Површина: 52 м2

Во центарот на Призрен е разработено идејно решение за нов ентериер на Aztecs Coffee & Bakery – проект кој ја претвора пекарската традиција во современо архитектонско искуство. Просторот е осмислен да понуди топлина, функционалност и чувство на припадност, место каде кафето и свежото пециво добиваат ново значење.

Организацијата на ентериерот е поделена во четири зони: главниот пулт за сервирање и наплата, внатрешниот простор за седење, централниот остров за самопослужување и кујната-фурна, дискретно сместена зад застаклениот заден дел од локалот. Ваквата функционална поставеност овозможува едноставна флуидност во движењето и разновидност во користењето, додека пултот со целосно отворен излог лесно се трансформира во брза точка за подигнување или во место за седење на отворено.

 

 

Инспирацијата за дизајнот произлегува од фурната како архетип – симбол на топлина и оган. Таа приказна е пренесена преку изборот на материјали: топлите дрвени површини и текстурираните ѕидови создаваат чувство на блискост, а разиграните плочки во форма на тула од новата колекција на италијанскиот бренд 41zero42 внесуваат динамика и разиграност. Наспроти тоа, металните површини и стаклените елементи додаваат суптилна ладна нота, воспоставувајќи хармоничен баланс меѓу материјалите и нивната тактилност.

 

Во ентериерот се интегрирани неколку впечатливи детали: полици со пецива поставени како сценографска позадина зад пултот, скулптуралниот колоритен шанк во центарот, стаклената преграда што овозможува визуелна врска со подготовката на тестото и, како главен акцент, адаптацијата на едно дело од Ле Корбизије на централната ѕидна површина.

Ваквиот спој на бои и текстури, контрасти и едноставност создава атмосфера во која секој посетител може удобно да го испие своето кафе или да го изеде својот доручек чувствувајќи се како дома. Суштината на овој ентериер лежи токму во стремежот кон човечки, топли простори што будат припадност и близина.