Архитектонски предавања во МКЦ: Куба Снопек и Боштјан Вуга

На 10 октомври 2025 година, во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, во состав на програмата на овогодинешното БИЕНАЛЕ на македонската современа архитектура, во кино-салата „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје, се одржаа две архитектонски предавања кои го насочија вниманието кон идентитетот на градовите и улогата на архитектите во европските културни процеси. Настанот го отвори Ива Петрунова, член на Управниот одбор на ААМ, која ја истакна колективната одговорност на архитектонската заедница и потребата секој поединец да придонесе кон создавање значајни простори и идеи.

 

 

Куба Снопек: „Што е Охрид – и како се позиционира еден град?“

Првото предавање го одржа полскиот урбанист и истражувач Куба Снопек, основач на студиото Direction од Варшава. Настанот беше реализиран со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје.

Снопек го претстави своето истражување за тоа како градовите можат свесно да го обликуваат својот идентитет преку наративи и симболи. Тој посочи дека градовите не се составени само од улици и згради, туку и од приказните што ги раскажуваат за себе. Преку примери како Париз, Малага, Талин и Ташкент, објасни како секој град може да најде „идеја што ќе го движи напред“ и да ја претвори во препознатлива слика.

 

 

Во своето предавање, Снопек се осврна и на Охрид како студија на случај – град со огромен потенцијал, но недоволно присутен на европската туристичка и културна мапа. Според него, Охрид недостасува во меѓународните медиуми и се перципира како „непозната дестинација“, иако поседува исклучителна природна и духовна вредност.

 

 

Како инспирација, Снопек ги спомена примерите на Белфаст (Музејот на Титаник), Хобарт (музеј кој ја редефинира туристичката цел на градот), Вевеј (Chaplin’s World) и Салем (град кој ја претвори својата историја во фестивал на Хеловин). Таквите проекти, според него, покажуваат дека внимателно создадениот наратив може да ја редефинира улогата и идентитетот на еден град. Како можен предлог за Охрид, тој ја истакна идејата за музеј посветен на јазикот и писменоста – концепт што може да го поврзе локалното културно наследство со современи туристички стратегии.

 

 

Боштјан Вуга: „Железничка станица Нова Горица – Подвозник Вртача“

Второто предавање го одржа проф. Боштјан Вуга, коосновач на архитектонското биро SADAR+VUGA од Љубљана, како дел од проектите поврзани со иницијативата Go! 2025 – Европска престолнина на културата.

Вуга го претстави проектот за Железничката станица во Нова Горица, кој има за цел да ја обнови и повторно поврзе градската структура на Нова Горица (Словенија) и Горица (Италија) – два „градови-близнаци“ кои историски биле поделени со граница.

 

 

Тој потсети дека концептот за Нова Горица потекнува од југословенската идеја за урбан развој по Втората светска војна, со значајна улога на архитектот Едо Равникар. Локацијата на железничката станица, поставена на работ на градот, била клучен урбанистички потег кој ги обликувал односите меѓу двете страни на границата.

По бројни реконструкции, станицата денес повторно станува симбол на поврзување. Проектот „Подвозник Вртача“ има за цел да создаде физичка и симболична врска меѓу двата града, преку подобрување на мобилноста, пристапноста и јавниот простор. Вуга истакна дека архитектите имаат активна улога во ваквите европски процеси – не само како проектанти, туку и како катализатори на културна и социјална интеграција.

 

 

Двете предавања ја отворија темата за позиционирањето на градовите и одговорноста на архитектите во создавањето на нивната иднина. Од прашањето „Како се позиционира еден град?“ до улогата на архитектурата во европските културни стратегии, настанот во МКЦ покажа дека современата архитектонска мисла не се занимава само со форма, туку и со идентитет, приказна и заедништво.