Засолништа за бездомни кучиња / фотогалерија

Проект: Унапредување на благосостојбата на животните преку волонтерството

Статус: Реализиран

Локација: Парк на франкофонијата

Година на изведба: 2025

Имплементатор: Граѓанска асоцијација за унапредување на инклузивноста во градовите и градските простори ХУМАНИ ГРАДОВИ Скопје во соработка со Јавно претпријатие за благосостојба на животни скитници ЛАЈКА Скопје

Донатор: Амбасадата на САД во Скопје

Студио: Архитектура нова

Тим: Марија Димитриевска Цилакова, Даница Јурмовска, Маја Димитриевска, Ива Поповска

Фотографија: Ива Поповска /2025/

 

Проектот за унапредување на благосостојбата на животните е соработка на граѓанската иницијатива ХУМАНИ ГРАДОВИ со локални архитекти, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје. Едно од петте решенија е проектот на Архитектура Нова кој произлегува од разбирањето на бездомните кучиња како заедница – колектив кој заслужува внимание и почит. Препознавајќи ги како дел урбаното ткиво произлегуваат решенија кои ги интегрираат потребите на луѓето, животните и животната средина во урбаниот пејзаж. Примарната цел е да се создаде одржлив однос меѓу овие три субјекти, подобрувајќи го квалитетот на животот на животните и поврзаноста на заедницата со нив. Во овој контекст, предложеното решение е дизајнирано како структура со „прилагодлив размер“, што овозможува флексибилност и приспособливост во различни урбани средини.

 

 

 

Секое засолниште е замислено како индивидуална единица димензионирана да ги задоволи специфичните потреби на еден корисник. Леглото е подигнато од тлото со што се обезбедува суво, чисто и безбедно место за сместување. Трапезната форма во основа овозможува единиците да се “нижат” една до друга во круг, растејќи кон поголема целина.

 

 

 

 

Ваквото уредување игра улога во дефинирањето на хиерархијата на користење во јавните простори. Просторот ограден од кружната формација станува „полујавен“ простор, наменет за животните и луѓето кои сакаат да се вклучат со нив – било да е тоа преку грижа, дружење или едноставно со нудење внимание. Овој простор е наменет да го поттикне чувството на заедница, топлина, и социјална интеракција. Просторот надвор од кругот останува безбеден премин за другите корисници, обезбедувајќи движењето на пешаците и велосипедистите да остане непречено.

 

 

 

 

Преку избраната материјализација, проектот ја нагласува повторната употреба на материјали кои се лесно достапни и еколошки одржливи. Поточно, употребени се метални профили, челичен лим и водоотпорна шпер плоча – материјали кои вообичаено се користат во градежништвото за метални и за дрвени оплати. Овие материјали се издржливи и отпорни, погодни за надворешни услови, обезбедувајќи долготрајност на засолништата.

 

 

Оваа иницијатива отвора можности за вклучување на заедницата во проектот. Со охрабрување на локалните градежни компании да учествуваат преку волонтерски напори и донација на материјали за повеќекратна употреба, се поттикнува чувство на заедничка одговорност и инвестирање во благосостојбата и на животните и на животната средина. Овој заеднички пристап ја подобрува одржливоста на проектот и ги зајакнува врските во заедницата.

Проектот има за цел да послужи како катализатор за промени, не само за непосредните потреби на бездомните кучиња, туку и преку промовирање на поширок дијалог за одговорностите кон сите членови на урбаната заедница.

 

 

 

 

Шест засолништа за бездомни кучиња беа поставени во Паркот на франкофонијата, на меѓународниот ден на кучето, 26ти Август.