Кумановските археолози со нови откритија за ранохристијанската црква на локалитетот Градиште
29.01.2026 • VI-XV век Информации
Aрхеолошкото одделение на НУ Музеј Куманово заврши со археолошките ископувања на ранохристијанската црква на лок. Градиште, с. Пчиња, во Бислимска Клисура. Рaководител на истражувањата е Дејан Ѓеорѓиевски, кустос советник археолог од Национална установа Музеј Куманово.Истражувањата се одвиваа во периодот 3.11-26.12.2025, и истите дадоа извонредни резултати.
Преку претходни анализи на снимките направени со ЛИДАР и ГПР, како и анализа на теренската ситуација, прецизно беа поставени сондите за ископување за да се добијат потребните сознанија. Сите анализи укажувaле за добро сочуван краен (западен ѕид) на црквата и можно постоење на анекс од јужната страна, а биле поставени и сонди во внатрешноста на црквата.
Сондите ги потврдија очекувања на археолозите – како што и претходно беше претпоставено, црквата била долга 20 метри, широка 10,5 м, а на западната страна имала и нартекс (откриен оваа година), со димензии 10.5м х 3,4 м. Западниот ѕид на нартексот е сочуван во висина од 1,7 м. Во нартексот се влегувало од јужната страна, и тоа преку посебна просторија – анекс, кој е откриен на крајот од ископувањата, за којшто не се знае точната функција и големина, и кој ќе биде предмет на истражување следните години.
Во централниот дел на црквата, покрај северниот стилобат, откриен е поголем фрагмент од декориран камен со благо закривување, кој најверојатно го претставува горниот дел од амвонот (издигнато место за проповед за свештеникот, на кое се стигнувало по скали), па неговата точна локација исто така ќе биде предмет на понатамошните истражувања.
Новооткриените елементи на црквата – нартекс, анекс и амвон, покажуваат дека воопшто не се работи за некоја мала градба во мала населба. Напротив, развиената архитектура зборува за потреба од развиен литургиски чин на кој присуствуал поголем број на луѓе. Сето ова кажува дека тврдината во Бислимска Клисура претставувала развиена населба со подолг временски период на живеење, своевиден регионален центар во кумановската област во периодот на доцната антика.
Ископувањата се целосно финансирани од Министерство за култура и туризам, додека информацијата и фотографиите се превземени од facebook страната на Музеј Куманово.
Автор на статија: Filip Koneski
VI век / Бислимска клисура / Градиште / Куманово / ранохристијанска црква / Црква




