Вила Ина / Bold Visions Architecture
09.04.2026 • XXI век Ентериер и мебел
Автори: Андреј Клинчаров, Ена Савева
Година: 2025/26
Студио: Bold visions architecture
Површина: 1000 m2
Вила Ина е лоцирана на падините на Водно, замислена како современ, флексибилен простор за настани, внимателно вклопен во природниот контекст. Комплексот зафаќа вкупна површина од 1000 м² и функционира како јасно структуриран, но адаптибилен систем. Просторот е поделен на три програмски целини кои меѓусебно се надополнуваат и функционираат во постојана симбиоза. Првиот сегмент е отворениот бар, организиран како лесна и транспарентна структура со директна визуелна и физичка поврзаност со надворешниот простор.
Материјализацијата и отворениот карактер овозможуваат континуитет помеѓу архитектурата и пејзажот. Вториот сегмент е отворениот дел за евенти, кој претставува централна функционална зона на комплексот. Во рамките на овој простор е интегрирана отворена кујна, наменета за персонализирани приготвувања на храна за ограничен број гости. Кујната е третиранa како активен архитектонски елемент и дел од сценариото на настаните. Отворениот дел за евенти е проектиран како мултифункционална платформа, погодна за поголеми собири, презентации и различни типови настани.
Третиот сегмент е полузатворениот простор, првично наменет за свадби, со капацитет од 200 до 300 гости. Овој дел обезбедува заштита од атмосферски влијанија, задржувајќи визуелна отвореност и просторна флуидност. Конструктивниот систем и облогите овозможуваат лесна трансформација и адаптација за други видови евенти. Целиот комплекс е обликуван во тосканско-медитерански архитектонски јазик. Травертинот е доминантен материјал, комбиниран со природен камен и неутрални текстури.
Материјалната палета е избрана со цел да се постигне долготрајност и визуелна смиреност. Осветлувањето е интегралeн дел од архитектонскиот концепт и ја дефинира употребата на просторот во различни временски услови. Сите три зони се просторно и функционално поврзани. Во зависност од потребите, тие можат да се користат одделно или да се спојат во две или една целина. Проектот претставува флексибилна архитектонска структура, способна да одговори на различни програмски сценарија. Архитектурата е сведена, контекстуална и ориентирана кон употребливост и трансформабилност.
Автор на статија: Filip Koneski
Андреј Клинчаров / Вила Ина / Ена Савева / прослави / ресторан / свадби









