Пролет на Македонскиот Дизајн – 26 Март
11.04.2026 • Информации
На 26 Март се одржа првиот настан од фестивалот „Пролет на Македонскиот Дизајн“ успешно се реализираше во пријатна и внимателно курирана атмосфера во Дебар Маало, Скопје, отворајќи простор за квалитетен дијалог и размена на идеи од областа на дизајнот.
Настанот се одвиваше во полуформален амбиент, кој овозможи природен тек на разговорите и поттикна активна вклученост на публиката. Наместо класичен конференциски формат, вечерта беше обележана со отворени и содржајни дискусии за улогата на дизајнот во современиот локален контекст.
Татјана Гиновска се осврна на преминот меѓу архитектурата и модниот дизајн како дисциплина што го третира телото како примарен простор на израз, отворајќи прашања за идентитетот, контекстот и односот помеѓу формата и носителот. Таа го презентираше нејзиниот проект именуван како: Urban Armour , модна приказна инспирирана од брутализмот, дизајнирана за улиците на градот.
Марија Димитриевска Цилакова го претстави павиљонот ‘Cultivating Landscape’, поставен во Венеција во текот на минатата година. Низ призмата на реалните услови на работа, Марија го истакна постојаниот баланс помеѓу креативната визија и практичните ограничувања со кои се соочува тимот на Архитектура Нова при проектирањето и изведбата на секој нивен проект вклучувајќи го и овој павиљон.
Ласко Џуровски зборуваше за типографијата како суптилен, но суштински елемент во визуелната комуникација, нагласувајќи ја нејзината улога во обликувањето на секојдневното визуелно искуство.
Ласко покрај одличната презентација го претстави и својот неодамнешен проект: фонтот „Лазар“ кој е инспириран од црквата Св. Пантелејмон во Горно Нерези.
Особено значаен аспект на настанот беше активното учество на публиката, чии прашања и коментари придонесоа кон продлабочување на дискусијата и создавање динамична и интерактивна атмосфера. Разговорите продолжија и по завршувањето на официјалниот дел, што укажа на потребата од вакви платформи за континуирана размена на мислења.
Првиот настан од фестивалот ја потврди релевантноста на „Пролет на Македонскиот Дизајн“ како иницијатива која има потенцијал да прерасне во значаен простор за афирмација и развој на дизајнерската сцена во Македонија.
Со овој почеток, фестивалот постави јасна насока кон создавање на одржлива културна платформа посветена на современиот дизајн.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Arhitektura Nova / Urban armour / Ласко Џуровски / Марија Димитриевска Цилакова / Пролет на Македонскиот Дизајн / Татјана Гиновска


















































