Најавена библиотека над плоштадот „Скендербег“ во Скопје

Градоначалникот на Општина Чаир соопшти дека Општината започнува официјални процедури за реализација на нов значаен проект во областа на културата и образованието – преуредување на просторот над плоштадот „Скендербег“ во Скопје во модерна албанска библиотека. Иницијативата беше јавно претставена на прес-конференција одржана по повод затворањето на Саемот на албанската книга во Скопје.

Предмет на интервенција е павилјонската конструкција дефинирана од модул на пресечени сфери. Идејата е од отворен простор да се добие затворен со затворање на отворите со застаклување.

Според Меџити, библиотеката ќе биде современ и мултифункционален објект, наменет за ученици, студенти, истражувачи, како и за сите граѓани заинтересирани за образование и културен напредок.

Тој додаде дека проектот ќе придонесе за унапредување на културниот живот во Општина Чаир, овозможувајќи полесен пристап до литература на албански, но и на други јазици, за сите возрасни групи.

Од Општината информираат дека во наредниот период ќе бидат презентирани дополнителни информации за архитектонското решение, како и за роковите во кои се очекува библиотеката да започне со работа.

 

Фото извор >>>

 

Бидејќи овој простор сепак претставува авторска реализација на тим автори, се обративме до нив за став во однос на интервенцијата врз нивното дело. Ставот го пренесуваме верно и во целост:

„Идеите за програмско збогатување и заживување на плоштадот „Скендербег“ постојат и се дискутираат подолго време, а пред неколку години како автори бевме поканети од Општината да размислиме за концепт за дополнување на функцијата на плоштадот, конкретно за книжарница со лесен карактер, интегрирана во дел од постојната натстрешница, куполите. По презентацијата на концептот, не добивме формален став од институцијата, позитивен или негативен, и не бевме вклучени во евентуални понатамошни фази на развој ако истите се одлучи да се случат.

Проектот што сега јавно се претставува како „национална библиотека“ не е проект во кој сме вклучени и не сме официјално запознаени со неговата проектна документација. Поради тоа, не можеме да дадеме целосна стручна оценка без увид во програмата, проектната документација, начинот на интеграција во постојната структура и процесот  преку која проектот е развиен. Во принцип, ја поддржуваме идејата јавните простори да се збогатуваат со културни и образовни содржини, особено ако во понатамошниот процес интервенциите во јавен простор со вакво урбано значење би се развивале преку јавен, професионален и аргументиран процес, со јасно дефинирана програма, авторство, техничка документација и институционална тежина.“

Бетим Зеќири, Бекир Адеми  и Бесиан Мехмети