INCM JATO: Aктивни студенти

EAСА (Европска Асоцијација на Студенти по Архитектура) Македонија или ЕАСА ЈАТО како платформа за културна и образовна размена неодамна во Скопје организираше низа настани од образовен карактер во скверот на Архитектонскиот факуклтет при УКИМ.

Настаните се насловени АКТИВНИ СТУДЕНТИ и имаат за цел да поттикнат активност и слободен говор на студентите по архитектура низ предавања и дискусии, а притоа да направат една мини мрежа студенти кои преку размена на информации и интереси ќе оформи независна култура на алтернативно учење.

Првиот ваков настан, насловен МЛАДИТЕ КАКО ДЕЛ ОД ПОЛИТИКИТЕ НА ЈАВНИОТ ПРОСТОР со говорник Доротеј Нешовски ,интердисциплинарен уметник, покажа дека имаме ние студентите интерес и желба за вакви активности, но исто така и потреба да се допреме до што повеќе полиња и науки е можно, затоа настаните ги гледаме како отворена платформа за студенти од сите факултети, на која сите може да споделуваат, поддржуваат и критикуваат мислења и ставови.

На вториот настан говорници беа МЕЛЕЕМ, организација од Скопје која посочува и реанимира есенцијални јавни заборавени простори, кои зборуваа на темата ДОЛГОРОЧНИОТ ЕФЕКТ НА КРАТКОРОЧНИТЕ И ПРИВРЕМЕНИ АКЦИИ ПРЕВЗЕМЕНИ ОД МЛАДИТЕ, а третиот настан го содржеше предавањето на Филип Велковски и Сали Ертунч, претставници на независниот културен центар КУЛА, кои зборуваа за потребата од културен активизам.

На четвртиот  настан од серијата настани АКТИВНИ СТУДЕНТИ говорници  се КУЛТУРНО ЕХО (Cultural Echoes) – меѓународна, невладина и независна организација со седиште во Скопје. Ќе зборуваат за својот главен проект наречен „Напуштени можности“, кој се базира на лоцирање и детална евиденција на состојбата на сите напуштени објекти во државна сопственост, кои претставуваат сериозна закана за животната средина, како и за здравјето и безбедноста на локалното население, со крајна цел – нивна ревитализација, пренамена и реупотреба за општо добро.

Сите заинтересирани се поканети да присуствуваат на настанот, кој се оддржува на 8ми Мај 2019 во 19 часот на скверот на Архитектонскиот факултет.