Архитектонски интервенции за трансформација на територијата на „Скопскиот Акведукт“ во музејска целина/ Прелиќ

Автор: Калина Прелиќ

Проект: Магистерска теза

Наслов Архитектонски интервенции за трансформација на територијата на „Скопскиот Акведукт“ во музејска целина

Ментор: Проф. д-р Мери Батакоја

Универзитет: „Св.Кирил и Методиј“- Скопје

Година : 2023

 

 

Скопскиот акведукт, извонредно културно наследство на градот Скопје, парадоксално стои и како сведоштво за големите историски достигнувања и како симбол на запоставувачките навики на модерното време.

Сепак, не е проблематично само занемарувањето на самиот споменик, туку и преовладувачката тенденција тој да се гледа како засебен ентитет од неговиот околен пејзаж, наместо да се препознае како составен дел од поголем историски и еколошки контекст. Ова истражување навлегува во историската и административната траекторија на Акведуктот, истакнувајќи го неговото променливо значење со текот на времето и неговата моментална состојба на занемареност.

Визијата на овој проект е да се трансформира целата територија на Акведуктот во сеопфатна музејска целина, позиционирајќи ја структурата како нејзин главен експонат. Ваквата трансформација не само што го враќа Акведуктот на културната мапа на градот, туку и дава нов живот на културно наследство чијашто вредност низ годините опаѓа, создавајќи можности за нови културни искуства за Скопје.

 

АНАЛИЗИ

 

Ситуација на поширок опфат – постојна и планирана состојба

Локација на ова истражување е опфатот дефиниран како „територија на Скопскиот акведукт. Во административен контекст, овој опфат се протега од булеварот „Словенија” на север, касарната „Илинден” на запад и југ и улицата „Македонско-Косовска Бригада” на исток. Во топографска смисла, оваа територија ја опфаќа долината кадешто тече реката Серава дефинирана од двете брда во правецот север-југ меѓу кои се протега самиот акведукт. Во моментов, за „официјален” пристап до Скопскиот акведукт се смета патеката долж реката Серава, кон која може да се приклучат возила од булеварот „Словенија”. Во рамки на актуелниот ГУП, предвидени се неколку новопроектирани улици, меѓу кои и улица која минува долж територијата на Акведуктот и има за цел да ги поврзе двете нови населби кои треба да се развиваат во рамки на околните блокови.

Иако со овој план територијата на Скопскиот акведукт се третира како културен предел, во делови од заштитното подрачје се предвидени површини со различни намени како што се домување, комерцијална и деловна намена и мешовита намена при што ниту една од предвидените зони не гради видлива врска со културното наследство.

 

 

Скопскиот акведукт во рамки на културната матрица на градот

Имајќи ја на ум неговата периферна местоположба, може да се забележи дека Акведуктот, (како и археолошкиот локалитет „Скупи“) е исклучен, односно сегрегиран од т.н „културна патека“ на градот која се протега од Музејот на Град Скопје до Музејот на современа уметност, долж која се развиваат дел од најважните историски градби и културни институции.

Дел од вината за ова паѓа на лошиот третман на периферните делови од градот и нивните врски со централното јадро генерално, но удел има и фактот што самите овие локалитети не се добро одржувани, ниту пак направени попривлечни за јавноста. Ова е особено случајот со Скопскиот акведукт, кој не само што е тешко пристапен, туку и е речиси избришан од менталната мапа на жителите во однос на културните локалитети.Топографски и амбиентални одлики на локацијата

Висинските разлики имаат клучна улога во создавање на амбиенталната слика за територијата на Акведуктот. Доколку се пристапи од бул.„Словенија”, се чувствува постепено намалување на градската бучава, паралелно на што од недефинирани и ограничени погледи одеднаш се отвораат инспиративни природни пејзажи и визури кои го врамуваат Акведуктот.

 

 

Фокални точки и визури

Како резултат на впечатливата местоположба на споменикот во рамки на културниот пејзаж, се создаваат неколку главни оски и зони кои ги дефинираат врските помеѓу Акведуктот и неговото природно опкружување. Оваа интеракција помеѓу споменикот и пејзажот создава низа на фокусни точки низ кои се согледуваат најдоминантните визури на теренот со себе носејќи различни амбиентални доживувања.

Двете брда помеѓу кои се протега споменикот завземаат улога на природни видиковци од кадешто Акведуктот може да се набљудува по сета своја должина,а до израз да дојде неговата линеарност. Ова е особено впечатливо во погледот од брдото на бул. „Словенија“ (север кон југ) од каде најјасно е изразена должината на споменикот, кој понатаму се втопува во раскошен пејзаж од три природни слоја – долината која го опкружува, брдото од спротива и планината Водно.

Различни позиции на самата долина отвораат фронтални погледи кон споменикот, каде јасно се гледа и висинската разлика која истиот ја совладува во однос на двете брда. Конечно, со доближување кон Акведукот, се отвора и можност самиот тој да се искористи како елемент за врамување на впечатливи слики од околината.

 

 

Позиционирање на новопроектираната интервенција во рамки на локацијата

Формалниот концепт на оваа архитектонска интервенција произлегува од адинистративните, теренските и архитектонските сознанија во рамките на истражувањето. Имајќи предвид дека станува збор за заштитено подрачје, веќезададените административни граници на локацијата претставуваат појдовна точка за дефинирање на потесна локација во која што може да се интервенира. Имено, непосредната близина на Акведуктот подложи под режим на заштита од прв степен што само по себе значи забрана за интервенција. Но дополнително, било каква посериозна интервенција во рамки на оваа зона би ја нарушило и доминантноста на споменикот. Од тој аспект, новата архитектонска интервенција би се поставила во рамки на контактната зона (каде е применета заштита од трет степен) во рамки на парцели кои се предвидени за мешовит тип на градби во актуелниот ГУП.

По согледување на заклучоците од анализирање на територијата на Скопскиот акведукт како асоцијаитивен предел, станува јасно дека природното опкружување има клучна улога во амбиенталните слики и и доживувања на локацијата. Повторно, се доаѓа до заклучокот дека погледот во оска север-југ од брдото кај бул.Словенија нуди највпечатливи визури од Акведуктот и служи како најдобра почетна точка за доживување на сензорните искуства кои ги овозможува територијата.

Главната визија позади оваа интервенција е да се создаде музејска целина во којашто самиот Акведукт ќе биде главен експонат, па така идејата е да се курира просторна интервенција кое ќе води до гореспоменатата зона која овозможува најдобра појдовна точка за набљудување на споменикот. Архитектонската интервенција подразбира подземен музеј вкопан во брдото непосредно до бул.Словенија со цел да се создаде музејско искуство кое ви завршило на точка од брдото со директен поглед кон Акведуктот.

 

 

ОБЛИКОВНИ ПОСТАПКИ И ГЕНЕЗА НА ФОРМА

 

Формата на новата архитектонска интервенција произлегува од три примарни аспекти:

– Задавање на соодветна почетна и крајна точка, односно влез и излез од музејот кои најдобро би соодветствувале со асоцијативните вредности на територијата и отворање на погледи кон доминантните природни пејсажи, како и самиот Акведукт;

– Целосно вкопување на музејот во теренот, правејќи го пракитчно невидлив со цел да се овозможи Акведуктот да остане доминантната структура на територијата.

– Создавање на впечатливо музејско искуство, кое преку архитектонски и просторни интервенции ќе го води посетителот низ историјата на Акведуктот.

 

 

Новата интервенција завзема конечна форма како подземен музеј на две нивоа чијашто волуменска појавност целосно ја следи топографијата на теренот, втопувајќи се во него од сите страни. Музејот се развива линеарно, по оска исток-запад, додека единствена отворена фасада е онаа со поглед на југ. Почетната и крајната точка соодветствуваат на зоните кои се најповолни за влез и излез на локацијата, додека пак ориентацијата на објектот е таква што единствената отворена фасада совршено врамува поглед од Акведуктот и околниот природен пејсаж.

Партерното уредување допринесува кон невидливоста на музејот, сочинувајќи само неколку едноставни патеки преку кои се пристига до влезот, односно излезот на музејот и до самиот Акведукт. Колскиот пристап до музејот е од бул.Словенија од задната страна на брдото, каде што е сместен и паркингот за посетители кој е исто така сокриен благодарение на топографијата. Дополнително, овозможен е режимски пристап до подземен паркинг со цел достава на роба и останати сервисни функции.

Во однос на просторната конфигурација, музејот има централно поставена главна оска на движење во правец исток-запад од каде се пристапува до сите содржини .Јужната страна која е отворена кон теренот е наменета за јавни содржини (како кафуле, библиотека и простор за заедничка работа), додека пак северната (односно вкопаната) е наменета за изложбени простори кои се зенитално осветлени.

 

 

ПРОГРАМА

 

Во рамки на новата интервенција, предвидени се три главни програмски пакети:

– Јавни културни содржини
– Изложбен простор посветен на водата
– Изложбен простор посветен на Акведуктот

 

а) Јавни културни содржини
Една од целите на овој проект е да ја стави територијата на Скопскиот акведуктот на културната мапа на жителите на градот, па така, покрај содржините посветени на Акведуктот, музејот предвидува и јавни културни содржини.

Со овој програмски пакет се предвидени аудиториум, простор за времени изложби и библиотека / простор за заедничко работење. Аудиториумот има централна позиција во фоајето и е предвиден како мултифункционален простор, чија примарна конфигурација е како отворен скалест јавен простор околу кој се развива галеријата за времени изложби.

По потреба, аудиториумот се затвора со фолд-стакла, во него може да се донесат бина и столчиња и да добие нова функција – амфитеатар за одржување на предавања и проекции. Мултифункционалниот галериски простор кој се развива околку аудиториумот може да се врзе со истиот кога тој не е во употреба.

 

б) Изложбен простор посветен на водата
Во рамки на музејот, предвидени се два главни изложбени простори – изложбен простор со фокус на водата и изложбен простор со фокус на Акведуктот. Идејата е посетителите да се запознаат со историското, културното и научното значење на водата и да го разберат значењето на Акведуктот во историски и технолошки контекст пред да продолжат кон втората изложба. Во просторна смисла, овој музејски пакет нуди флексибилна конфигурација низ која посетителите можат да се движат слободно. Па така, изложбениот простор завзема и дел од централната оска на движење која го поврзува целиот простор.

 

в) Изложбен простор посветен на Акведуктот
Музејскиот пакет посветен на Акведуктот предвидува централен атриум каде може да се види модел од Акведуктот и да се увиди начинот на којшто истиот функционира, додека долж околните галерии со столбови може да се прочита повеќе за историјата и значењето на структурата.

 

г) Сервисни простории
Во рамки на музејската зграда предвидени се и сервисни простории, вклучувајќи: административно јадро каде се сместени канцелариите и заедничките простории за вработените, гардеробер, тоалети за посетители, тоалети за вработени, магацински простор за потребите на јавните содржини.

 

д) Депоа, лаборатории и стручни служби
Во рамки на подземното ниво, предвидени се поголеми магацински простори, музејско депо, конзерваторски лаборатории и останати сервисни и административни функции.

 

 

Ситуација со петта фасада и ситуација со отворено приземје

 

 

 

Изгледи од музејската зграда 

 

Визуелцизации од музејската зграда 

 

 

Основа на приземно ниво и основа на кат

 

 

Пресеци низ објектот

 

Визуелизации од внатрешноста на музејската зграда 

 

 

 

 

Соработник: Ива Поповска