Реактивација наспроти рушење: Трансформација и иднина на простор?
20.07.2026 • Информации Став
Архитектурата како дијалог
Архитектурата отсекогаш била дијалог помеѓу времето и просторот. Секој град, секое село и секој објект претставуваат слоеви на човечко постоење, култура и сеќавање. Просторот не е само материјална конструкција од камен, бетон и дрво, тој е носител на приказни, навики, традиции и колективна меморија. Во современото општество, каде што брзината на развојот често ја диктира логиката на пазарот, рушењето стана најлесниот одговор. Старите структури се гледаат како пречка за нов развој, како неефикасни остатоци од минатото кои треба да бидат заменети со нови форми. Но архитектурата не е само создавање ново. Архитектурата е и способност да се препознае вредноста во она што веќе постои.
Секој постоечки објект е еден вид палимпсест, површина врз која времето оставило различни слоеви. Како што ракописите во минатото биле препишувани врз постари текстови, така и градовите се создаваат преку постојано додавање, адаптирање и трансформирање. Затоа прашањето денес не треба да биде: „Што треба да изградиме на ова место?“ туку: „Што веќе постои тука и како можеме повторно да му дадеме живот?“
Автентичен прказ на куќи од Лазарополе и Кучиница
Фото извор: patrimonium.mk – Мијачка градителска традиција, Меланија Шерденковска
„Com’era, dov’era“ – да се зачува духот на местото
Во италијанската архитектонска традиција постои една исклучително значајна мисла: „Com’era, dov’era“ или да се реконстурира „како што било, таму каде што било“. Овој израз станал познат како принцип на реконструкција по падот на Кампанилата на Свети Марко во Венеција во 1902 година. По уривањето на вековниот симбол на градот, се појавила дилема: дали треба да се создаде целосно нова структура или да се врати изгубениот елемент според неговиот историски изглед и оригинална локација. Одлуката била јасна, да се обнови како што било, таму каде што било.
Но суштината на оваа идеја не е само копирање на старата форма. Нејзината вистинска вредност лежи во разбирањето дека одредени места имаат значење кое надминува материјална вредност. Понекогаш архитектурата не е само објект, туку симбол на припадност, ориентација и колективна меморија. Овој принцип денес може да се чита пошироко. Не секој објект треба буквално да се реконструира до последниот детал, но секој простор заслужува внимателно разбирање пред да биде заменет. Прашањето не е дали треба секогаш да го вратиме минатото. Прашањето е дали сме го разбрале доволно добро пред да го избришеме.
Падот на Кампанилата на Свети Марко во Венеција во 1902 год
Фото извор: buildingfailures
Македонскиот простор како неискористен архив
Македонија е земја со исклучително богат архитектонски слој. Од мијачките куќи во западниот дел на земјата, преку градските јадра на Охрид, Битола, Прилеп, Крушево… до индустриското наследство од 20 век, секој регион носи свој просторен јазик. Но голем дел од ова наследство денес се наоѓа во состојба на заборав. Во селата остануваат празни куќи изградени со локален камен и дрво, создадени според климатските услови и традиционалните знаења.
Традиционална куќа во село Теово, Азот
Фото извор: Трајче Чатмов
Во градовите исчезнуваат стари објекти под притисок на новата градба. Индустриските комплекси, кои некогаш биле центри на економскиот и социјалниот живот, денес чекаат нова функција. Овие простори не треба да се гледаат како остатоци. Тие се ресурси! Еден стар објект може повторно да стане дом, туристички објект, работилница или културен простор. Една стара фабрика може да стане центар за млади, креативен хаб или место за нови економски активности. Реактивацијата не значи враќање назад. Таа значи користење на минатото како основа за создавање на иднината.
“Landscape of Anxiety” – Пејзаж на анксиозност
Фото извор: msu.mk
Топилница, Велес
Фото извор: meta.mk
Од реставрација кон трансформација
Често постои заблуда дека зачувувањето значи замрзнување на објектот во времето. Но архитектурата отсекогаш се развивала преку промени. Старите куќи биле доградувани. Функциите се менувале. Материјалите се заменувале. Просторите се прилагодувале според потребите на луѓето. Токму тоа е суштината на реактивацијата. Архитектот не е само чувар на минатото, туку преведувач помеѓу различни времиња. Новата интервенција може да биде современа, но мора да биде свесна за местото. Таа треба да го почитува карактерот на постоечкиот објект, неговата структура и неговата приказна. Највредните архитектонски дела често се оние каде што старото и новото не се натпреваруваат, туку создаваат нова целина.
Ќе се реконструира на Домот на Армијата и хотелот „Шар“, извор: nezavisen.mk
Фото извор: prizma.mk
Одржливоста започнува со она што веќе постои
Денес често зборуваме за одржлива архитектура преку нови технологии, зелени фасади и енергетски ефикасни системи. Но една од наједноставните и најмоќните стратегии за одржливост е онаа која веќе постои, повторната употреба. Најеколошката зграда често е онаа која веќе е изградена. Со реактивацијата се намалува потребата од нови материјали, се зачувува вградената енергија и се намалува градежниот отпад. Но уште поважно, се зачувува врската помеѓу луѓето и местото. Затоа одржливоста не треба да биде само техничко прашање. Таа треба да биде културен принцип.
Главна пошта, архитект Јанко Константинов, 1982
Фото извор: europehouse.mk
Архитектура на иднината: Градење врз постоечкото
Иднината на архитектурата не мора да биде дефинирана само со нови форми и нови материјали. Таа може да биде дефинирана со нов начин на размислување. Реактивацијата наместо рушење е повик кон архитектура која слуша пред да интервенира. Архитектура која го почитува времето, но не останува заробена во него. Македонија има огромен потенцијал за ваков пристап. Нашите села, градови и индустриски простори не бараат само обновување, тие бараат ново читање. Можеби најголемиот предизвик на современиот архитект не е да создаде нешто што никогаш не постоело. Можеби да препознае вредност во нешто што сите го заборавиле. Затоа иднината не треба да биде: „Рушиме за да изградиме повторно“ туку: „Разбираме, зачувуваме и трансформираме“.
Даут-пашин амам (XV в.) – денес Уметничка галерија
Фото извор: gocemitevski.github.io
Автор на објава: Кристијан Арсовски
Автор на статија: Sorabotnik
„Com’era / dov’era“ – да се зачува духот на местото / Архитектура на иднината: Градење врз постоечкото / Архитектурата како дијалог / Македонскиот простор како неискористен архив / Мијачка градителска традиција / Од реставрација кон трансформација / Одржливоста започнува со она што веќе постои / Пејзаж на анксиозност










