Идеен проект за градинка во Петровац / Арсовски, Трајанова, Спасески, A12
18.09.2026 • XXI век
Датум: 20.03.2026
Дата на распишување на конкурс: 29.12.2025
Проект: Идеен архитектонски проект за предучилишна воздраст
Објект: Градинка Радост
Конкурс: Проектирање на детска градинка
Тип на конкурс: Национален
Студио: A12project d.o.o
Автори: Кристијан Арсовски, Ангела Трајанова и Филип Спасески
Проектна организација: Јелена Лазич / главен градски архитект
Организатор: Општина Будва
Соработници: Лука Папан и Слободан Петрович
Локација: Петровац, Црна Гора
Површина: 1020.20 m²
„Градинка Радост“
УРБАНИСТИЧКИ ПАРАМЕТРИ И БИЛАНС НА ПОВРШИНИ
Површина на урбанистичката парцела: 3.470,00 m²
Катност на објектот: П+1
Процент на изграденост: 0,29 / 1.020,20 m²
Коефициент на искористеност на земјиште: 0,42 / 1.470,10 m²
Слободни и зелени површини: 1.927,10 m² / 55,52 %
Број на паркинг места: 13 / 522,70 m²
АРХИТЕКТОНСКО-УРБАНИСТИЧКИ КОНЦЕПТ
Планираната детска градинка се наоѓа во источниот дел на Петровац, во непосреден контакт со морето, додека урбаното ткиво се развива западно од локацијата. Во контактната зона се наоѓаат објекти со образовно-административна, туристичка и станбена намена. На самата парцела во моментот постои дотраен објект на градинката, изграден како монтажен објект во 1979 година, кој бил подарок од австриската влада по разорниот земјотрес.
Парцелата има неправилен правоаголен облик, со колски пристап од јужната и северната страна, како и пешачка комуникација долж западната граница. Појдовната точка на проектот е создавање јасно разграничување помеѓу јавно достапната зона на игралиштето и внатрешната, концепциски обликувана зона на активности во природно опкружување.
Организацијата на пристапот до парцелата се темели на нејзината контекстуална позиција во постојната урбанистичка структура. Од јужната страна е предвиден колски влез на парцелата, со еднонасочно движење и директен излез кон улицата „Put VII“. По левиот раб на парцелата се предвидени паркинг места поставени под агол од 45 степени, додека внатрешната сообраќајница со широчина од 3,50 метри овозможува пристап на возила. Овој простор истовремено е организиран така што овозможува слободно движење и игра на децата, но и непречен пристап и функционирање на противпожарните возила.
ПРОСТОРНА И ФУНКЦИОНАЛНА ОРГАНИЗАЦИЈА
Формата на објектот произлегува од поставеноста на функционалните волумени, кои се поврзани со надолжен коридор, со што се воспоставува ритамот полно–празно. На овој начин се создаваат различни просторни односи во кои се распоредени програмските содржини и се формираат различни микроамбиенти, со цел да се обезбеди сигурно и слободно движење низ просторот, но и да се поттикне детската љубопитност и истражувачкиот дух.
Зборот „градинка“ овде добива целосно значење и се поставува во рамките на современиот архитектонски и педагошки контекст. Просторот на градинката станува активна алатка во воспитно-образовниот процес, односно дидактички систем кој во преден план ги поставува еколошкото образование и непосредниот контакт на децата со природните елементи. Таквиот пристап резултира со разновидна програмска структура во сите сегменти на објектот, создавајќи средина во која децата можат да престојуваат, учат, играат и истражуваат простор во кој со задоволство доаѓаат и кој ја поттикнува нивната самостојност и креативност.
Пристапот кон објектот е јасно структуриран и одвоен според различните категории корисници. Сите влезови се поставени на иста оска, но во различни точки, со што се раздвојуваат функциите и се обезбедува потребното ниво на приватност и контрола. Главниот влез се наоѓа на југозападната страна на објектот и е наменет за родителите и децата. Преку ветробран директно се пристапува во внатрешниот простор, од каде што се воспоставува комуникација со нивоата на кои се сместени единиците на градинката. На самиот влез е предвиден витраж чија цел е да создаде трајно и автентично сеќавање на атмосферата на градинката. Влезниот простор е во директна врска со повеќенаменскиот простор и тријажата.
Административниот влез е проектиран како посебен пристап на истата фасада, но со одвоен режим на контрола. На овој начин на стручниот и административниот персонал му се овозможува директен пристап до делот од објектот кој функционално е поврзан со нивните активности. Економскиот влез е поставен на северната фасада, каде што се сместени сервисните и техничките простории. Предвидена е и посебна површина за пристап на возила за достава, од десната страна, со директна врска со внатрешната сообраќајница. Ваквата поделба овозможува децата, вработените и сервисните функции да не се пресекуваат во своите комуникациски текови, со што се постигнува прегледност, безбедност и јасна функционална организација на објектот.
Функционалната мрежа е рационална, правилна и модуларна, а можноста за лесна трансформација на функционалната структура овозможува објектот да се приспособи на евентуални промени во педагошките стандарди или на други идни барања. Посебно внимание е посветено на активно користење на комуникациските зони, кои се трансформирани во функционални простори како гардероби, студио, простор за работа со родители, ателје, кујна, простор за паркирање детски колички и други придружни содржини.
Просторната програма на јаслените единици е одвоена со наткриена тераса и гардеробни зони, кои функционираат како меѓупростор и придонесуваат за ублажување на бучавата и детскиот плач помеѓу одделните единици. Терасата е проектирана како целосно безбеден простор кој може да се отвора, со што се добива единствена, поголема површина за престој и игра на децата во полузатворен, односно полуотворен простор, приспособен на климатските услови на локацијата. На истата позиција на катот се наоѓаат единиците наменети за деца во повозрасен период.
Организацијата на гардеробите и санитарните простории е поставена така што го поттикнува препознавањето на просторот преку детската меморија, но и развивањето на самостојноста кај децата при користењето на санитарните простории. Од коридорот е овозможен директен излез преку надворешно скалиште кон централниот двор. Сите единици се двострано ориентирани, со примарна ориентација кон југоисток, со што се обезбедува оптимална природна осветленост и директен контакт со надворешниот простор.
Во зоната помеѓу волумените на административно-техничкиот блок и единиците на градинката е предвидена градина со едногодишни растенија, ароматични билки и овошни дрвја. Придружниот коридор е замислен како ботаничка стаклена градина. Оваа просторна целина е конципирана како едукативен природен амбиент кој го поттикнува развојот на детските способности преку непосреден контакт со природата и со процесите на растење, одржување и промена на живиот свет.
Главната паралелна оска на движење ги поврзува сите програмски целини на објектот, обезбедувајќи континуитет и флуидност во движењето, истовремено поддржувајќи ја динамичната енергија на децата и јасната функционална поврзаност на содржините. Во техничкиот блок на приземјето е сместена кујната со придружните сервисни простории, додека коридорот овозможува безбеден пристап и визуелен контакт со корисниците. Сервисниот пристап е одвоен и директно поврзан со просториите на економатот, магацинот и кујната, со што функционалниот тек на поддршката се издвојува од централниот детски простор.
Доставата на храна на катот се реализира преку лифтска инсталација позиционирана во зоната на заедничките простории, во директна врска со повеќенаменската сала. Овој простор има трансформативен карактер и овозможува повеќекратна употреба како трпезарија, кино-сала, сала за приредби, простор за работилници и предавања, изложби на детски творби, родителски состаноци и други активности. Административниот блок е сместен на катот над техничкиот волумен, каде што линеарно е распоредена целокупната програмска структура потребна за управување со градинката. Интеграцијата на остава, библиотека и архива во рамките на коридорот овозможува зачувување на детското мерило и истовремено ја ублажува формалноста и ригидноста на функционалната организација.
ОБЛИКУВАЊЕ И МАТЕРИЈАЛИ
Обликувањето на градинката произлегува од односот полно–празно. Скалишните јадра се формирани како издвоени волумени, со што темата на движењето се пренесува и на фасадата и станува дел од архитектонскиот израз на објектот. Фасадите на приземјето имаат заоблена форма која ја нагласува флуидноста на односот внатре–надвор, а истиот принцип е применет и во обликувањето на партерот и игралиштата.

Фасадата е обликувана со цел да го нагласи детското мерило, што се постигнува преку визуелно скратување на волуменот со испуст на секундарната фасадна обвивка на катот. Надворешните ѕидови се изведени со примена на тенкослојна контактна фасада во сив тон, со нежна текстура. Катната фасада е проектирана како вентилирана фасада со облога од метална мрежа, поставена во интервали кои овозможуваат продор на светлина во внатрешноста. Ефектот на светлина и сенка дополнително е нагласен преку функционалната употреба на оваа структура, со што фасадата во текот на денот добива променлив карактер.
Дрвото како материјал доминира во ентериерното обликување на просторот наменет за децата, создавајќи топла и природна атмосфера. Опремата за игра е изработена од челични кружни профили со органска форма, во жолта и портокалова нијанса, поставени како скулптурални акценти во зеленилото. Поплочувањето на партерот го следи принципот полно–празно и е изведено со порозни плочи наменети за услови со интензивно користење, пигментирани во портокалова боја. Кровот е прекриен со бели камчиња, што истовремено овозможува и поставување на соларни панели.
ЕКОЛОШКИ АСПЕКТ НА РЕШЕНИЕТО
Со користење висококвалитетни и одржливи материјали во обвивката на објектот се создаваат услови за пријатен престој во текот на целата година, со намалена потреба од греење и ладење. За потребите на греењето, ладењето и подготовката на топла вода се користат обновливи извори на енергија преку соларен систем. Фотоволтаичните панели се поставени на кровот над административниот блок, ориентирани кон југ и заштитени со парапет. Произведената електрична енергија се користи за функционирање на техничките системи, осветлувањето и останатите уреди во објектот.
Системот за греење и ладење е проектиран со примена на обновливи извори на енергија и пасивни мерки за термичка заштита. Просторната организација овозможува оптимално користење на природното осветлување, во комбинација со надворешно засенчување. Секундарната фасадна обвивка и соодветното застаклување ја намалуваат потребата од дополнителна потрошувачка на енергија и овозможуваат постабилни внатрешни услови во текот на годината.
Кровните површини овозможуваат собирање на атмосферската дождовница, која се складира во видливи резервоари поставени долж фасадата. Собраната вода се користи за испирање на санитарните јазли и за наводнување на зелените површини. Парцелата е уредена како парковски простор со автохтона вегетација, која придонесува за подобрување на микроклимата и квалитетот на воздухот, како и за намалување на влијанието на бучавата и ветерот.
ОПИС НА КОНСТРУКЦИЈАТА
Новопредвидениот објект е проектиран како армирано-бетонски конструктивен систем заснован на правилна ортогонална мрежа, која обезбедува оптимален однос помеѓу конструктивната ефикасност, економичноста и просторната флексибилност. Примарниот носечки систем го сочинуваат столбови распоредени во јасно дефинирана модуларна мрежа, преку кои вертикалните оптоварувања континуирано се пренесуваат кон темелната конструкција.
Конструктивниот растер е дефиниран со модуларни осовински растојанија од 3,00 и 6,00 метри, со што се овозможува висок степен на префабрикација, рационализација на изведбата и флексибилност во организацијата на функционалните целини. Вака дефинираниот конструктивен систем обезбедува долгорочна стабилност и адаптабилност на просторот, како и висок степен на интеграција помеѓу архитектонскиот и инженерскиот пристап во процесот на проектирање.
ТЕХНИЧКИ ЦРТЕЖИ
ПРОЦЕНКА НА ИНВЕСТИЦИОНА ГРАДБА
ФОТОМОНТАЖА
Автор на статија: Sorabotnik
градинка / идеен проект / Конкурс / Општина Будва / Петровац / Црна Гора
































