Ботаничка градина во Скопје
18.09.2026 • Информации
Ботаничката градина во Скопје е помалку познато место во градот кое, како и некои други места, е оставено на забот на времето. Ботаничката градина се наоѓа во комплексот на згради кои припаѓаат на Природно-математичкиот факултет и веднаш до паркот Гази Баба. Таа претставува вистински потенцијал за градот во рамки на туризмот каде што веќе се одгледуваат голем број на автохтони растенија, како и една од неколкуте зелени површини во градот кои се повеќе ги снемува.

Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје припаѓа на Ботаничкиот завод при Институтот за биологија. Зафаќа површина од околу 11 хектари каде што се одгледуваат околу 400 дрвја и грмушки, а во стаклениците има повеќе од 1000 примероци од разни растенија. Ботаничката градина располага со три стакленици, еден ладилник, лабораторија-училница, летна училница, објект за аклиматизација на ретки и ендемични видови од македонската флора и објект за лековити, зачински и ароматични растенија. Активностите за нејзино основање биле започнати во 1948 година, а во 1951 година е започнато со оградување на просторот и потоа и службено отворена. Денес, освен разни видови на растенија, тука се сместени две згради – зградата на Природно-математичкиот факултет и зградата на Институтот за хемија, за кои се наоѓаат помалку податоци на интернет.

Вебсајтот на Институтот за биологија потврдува дека последните две децении Ботаничката градина се наоѓала во прилично лоша состојба поради недостиг од финансиски и човечки ресурси. Во периодот помеѓу 2017 и 2021 година биле реконструирани стакленикот и управната зграда на Ботаничката градина, објектот за аклиматизација на ретки и ендемични растенија, како и малиот стакленик. Дополнително биле изградени летна училница за воннаставни едукативни активности и објект за лековити, зачински и ароматични растенија, кој се состои од три оранжерии и отворен дел со подигнати леи. Ботаничката градина исто така располага со лабораторија опремена со микроскопи и други нагледни средства наменети за едукативни активности. Од 2022 година, Ботаничката градина е дел од мрежата за искуствено учење каде преку едукативни програми е директно вклучена во програмата на Бирото за развој на образованието. Дополнително, во последните година се спроведуваат проекти кои се однесуваат на зајакнување на свеста кај населението, едукација и заштита на растенијата.




Моменталната состојба на Ботаничката градина во Скопје е загрижувачка. Главниот дел се наоѓа пред зградата на Институтот за хемија која заедно со градината претставуваат одличен пример за модернистичкото наследство во градот. Неколку дрвја и грмушки во градината се исушени, додека урбаната градина и објектот за аклиматизација се запуштени и покриени со вегетација. Посетителите немаат пристап до големиот и малиот стакленик и растенијата кои се чуваат внатре можат да се набљудуваат однадвор преку еден отвор кој е заграден со порта од метални решетки. Голем дел од етикетите пред растенијата кои се наоѓаат надвор исто така недостасуваат. Иако недостатокот од финансиски и човечки ресурси е очигледен за посетителите, Ботаничката градина во Скопје овозможува пријатни мигови под дебелата сенка кои можеби ќе натераат некој да обрне поголемо внимание за да се зачува истата. Во продолжение гледаме селекција на фотографии кои визуелно ги претставуваат овие недостатоци.
Автор: Кристијан Тошески
Автор на статија: Sorabotnik













