Хотел „Изгрев“, Струга / 1978
10.08.2026 • ХХ век / II половина
Година: 1978
Автори: Лилјана Петровска, Панда Зографска, Милица Каровска
Извори: Архитектурата во Македонија 1969-1989, Александар Кочишки
Локација: Струга
Хотелот „Изгрев“ во Струга се наоѓа во близина на с. Калишта, на брегот на Охридското езеро. Претставува исклучителен објект кој е репрезентативен пример на социјалистичкиот модернизам од втората половина на XX век. Изграден е во 1978 година, во период кога објектите за туризам по должината на Охридското езеро ( заедно со хотел „Дрим“, „Бисер“, „Еуротел“) имале специфичен архитектонски пристап.


Повеќето хотелско-угостителски објекти („Бисер“, „Десарет“, „Метропол“, „Инекс-Горица“, „Летница“) на охридското крајбрежје се градени според проекти од архитекти кои својот творечки опус го формираа во охридските проектантски организации. При крајот на туристичката сезона, во 1979 година, беше даден во употреба хотелот „Изгрев“, работен според идеја на авторски тим од Скопје (Лилјана Петровска, Панда Зографска и Милица Каровска).

Објектот е позициониран во густа борова шума и карпест терен, воспоставувајќи визуелен и просторен дијалог помеѓу езерото и планината. Формата се одликува со јасни хоризонтални кубични волумени, изразени тераси насочени кон езерската панорама и отворениот хоризонт.
Идејниот концепт за кој се одлучија творците претставува формирање на неколку независни волумени развлечени по хоризонтала и вертикала. Урбанистичката поставеност на габаритите на тој начин ја следат топографијата на теренот. Ваквото ритмизирање е применето и во обликувањето на волумените. Тие се косо засечени во насоката на падината со што архитектурата цврсто се врзува за теренот градејќи единство на природното и создаденото. Проектантите мајсторски владеат и со внатрешниот простор. Со чисти вертикални и хоризонтални врски е добиена јасна и прегледна функција на хотелските соби од кои повеќето имаат непречени погледи кон езерото.

Специфичност во организацијата претставува влезната партија која е ориентирана од задната страна на највисокиот дел на падината. Со таквата ориентираност е овозможена логична врска со сите хотелски единки, ресторанско-кафеанската групација и просториите за забава и рекреација. Финанскиските тешкотии што се појавиле за време на градењето придизвикале извесно отстапување од програмата, со што делови од партерот – хортикултурното уредување и плажните објекти тогаш останале недовршени.

Историски фотографии: ФБ група
Автор на статија: Martina Shteriova
Изгрев / Лилјана Петровска / Милица Каровска / Панда Зографска / струга / хотел / хотелско-угостителски објект






