Идејно архитектонско решение за реконструкција и адаптација на постоечки објект за Младински Културен Центар Охрид
18.08.2026 • XXI век
Автори: Дарко Христов, Тамара Џерков
Соработници: Анастасија Ташковиќ, Симона Радичевска, Горазд Коцев
Локација: Охрид, стара касарна
Површина на опфат: 1062m²
Година: 2026
Постоечкиот објект на поранешната менза претставува основа за воспоставување на нов младински културен центар, при што неговите просторни, конструктивни и материјални карактеристики се интегрираат во новата програмска организација. Проектантскиот пристап ја задржува основната морфологија и конструктивна логика на објектот, како и дел од постоечките материјални слоеви, со што се зачувува континуитетот со неговата претходна состојба и просторна меморија. Интервенциите се развиваат во рамките на постоечкиот волумен и го надградуваат со нови програмски содржини, флексибилни просторни системи и поинтензивна врска со непосредното зелено опкружување на поранешната касарна.
Отворен и флексибилен младински центар
Концептот се заснова на адаптивна трансформација на објектот во отворен, програмски активен и просторно флексибилен младински културен центар. Организацијата овозможува различни режими на користење и истовремено одвивање на повеќе активности, со јасна распределба на јавните, полујавните, програмските и сервисните содржини.
Просторната секвенца се развива од влезниот појас и централниот хол кон главните програмски простори, а преку надворешната платформа се продолжува и во непосредното зелено опкружување.
Влезен појас и јавни содржини
Главниот влез е оформен како просторна транзиција помеѓу надворешниот јавен простор и внатрешната организација на центарот. Во неговата непосредна зона се поставени кафуле и продавница за плочи и книги, кои го активираат влезниот појас и овозможуваат негово континуирано користење во текот на денот.
Овие содржини создаваат услови за престој, комуникација и неформални средби и придонесуваат кон секојдневното присуство на корисниците во објектот. Кафулето е директно поврзано со надворешната платформа, со што внатрешната јавна програма се проширува кон зеленилото.
Централен хол
Централниот хол го формира главното комуникациско, ориентационо и социјално јадро на објектот. Неговата позиција обезбедува директна врска меѓу влезната зона, сервисните содржини и двете главни сали, а истовремено создава простор за задржување, неформална комуникација и повремени активности.
Во рамките на холот е интегриран скалишен простор кој води кон новата катна платформа и воедно функционира како амфитеатрална површина за седење. Со оваа интервенција холот добива дополнителна програмска вредност и можност за различни форми на неформално користење.
Главни програмски простори
Основниот програмски капацитет на центарот е организиран во две големи флексибилни сали со различна намена. Мултифункционалната сала е предвидена за креативни студија, работилници, едукативни активности, групна работа и различни форми на културна продукција. Концертната сала е наменета за музички, сценски, мултимедијални и други јавни настани, вклучувајќи концерти, претстави, проекции и алтернативни програми.
Просторната адаптибилност на салите се постигнува преку монтажни челични платформи, подвижни полни и транспарентни панели и систем на модуларна опрема.
Овие елементи овозможуваат промена на организацијата во зависност од конкретната активност, бројот на корисници и потребното ниво на просторна поделба. На тој начин истите површини можат да поддржат различни програмски сценарија и паралелно одвивање на повеќе содржини.
Надворешна платформа и зелено опкружување
Надворешната платформа ја воспоставува непосредната врска помеѓу внатрешната програма на центарот и зеленото опкружување. Таа функционира како продолжение на кафулето и јавните простори, со можност за седење, собирање и секојдневен престој. Во рамките на поголеми настани, платформата може да прими дополнителни програмски содржини, неформални сценски активности и летни културни програми. Ваквата организација овозможува сезонско проширување на активностите и поинтензивно користење на непосредниот јавен простор.
Архитектонски и конструктивен пристап
Архитектонскиот израз се развива преку јасна артикулација на постоечките и новите елементи. Постоечката конструкција и материјалните карактеристики на објектот остануваат препознатливи, додека новите интервенции се воведуваат како лесни и конструктивно независни системи. Монтажните платформи, подвижните панели и модуларната опрема овозможуваат просторна трансформација со ограничени интервенции во основната конструкција.
Автор на статија: Filip Koneski
Анастасија Ташковиќ / Горазд Коцев / Дарко Христов / Младински културен центар / Охрид / реконструкција и адаптација / Симона Радичевска / стара касарна / Тамара Џерков















