На 9ти септември во Белград ќе биде отворена изложбата „БРУТАЛИСТ”

На 9 септември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во Галерија 73 во Белград, ќе биде отворена изложбата „БРУТАЛИСТ”, заеднички проект на македонските автори Благојче Наумоски – Бане и Петар Новковски – INCHRONAX

БРУТАЛИСТ

Проектот „БРУТАЛИСТ“ претставува современо визуелно истражување кое се наоѓа на пресекот меѓу геометриската апстракција, неопластицизмот и брутализмот. Во неговата суштина лежи стремежот да се преиспита односот меѓу структурата и материјалноста, меѓу редот и флуидноста, меѓу рационалниот систем и органската трансформација на формата.

Проектот ја третира геометриската форма како жива и енергетска појава, а не како статичен идеал. Формата не е конечна, апсолутна категорија, туку процес на непрекината метаморфоза – премин од стабилност кон распаѓање, од ред кон апстрактен простор. Преку визуелната перспектива, геометријата се дематеријализира и се трансформира во духовна и ментална структура која ја носи тежината на современата материјалност.

 

 

Инспирацијата од брутализмот не се однесува само на архитектонската естетика на бетонот, масивноста и конструктивната грубост, туку и на филозофската суштина на неговата форма – идејата дека формата ја изразува сопствената материја, без непосредни украси или симболички филтри. Во „БРУТАЛИСТ“, овој принцип се трансформира во сликарски и графички јазик, во кој структурата станува визуелна археологија на просторот, сведоштво за процесите на создавање, уништување и повторно градење.

Од друга страна, неопластицизмот во проектот внесува спротивен принцип – апсолутна хармонија, ред и чистота. Меѓутоа, во рамките на проектот, овие принципи се нарушуваат, преформулираат и деконструираат, создавајќи тензија меѓу апсолутниот ред и непредвидливата енергија на материјалното присуство.

 

 

На тој начин, „БРУТАЛИСТ“ ја поставува проблематиката на современата геометриска апстракција како поле на спротивставени сили:

  • меѓу конструктивното и експресивното;
  • меѓу редукцијата и хаосот;
  • меѓу материјалната тежина и менталната транспарентност.

Проектот не се занимава со репрезентација на архитектонски форми, туку со принципите на нивната структура и енергија. Геометриските форми стануваат вектори на просторна напнатост кои ја редефинираат самата идеја за хармонија. Преку нивното преклопување, поместување и повторно појавување, се создава визуелен процес на кондензација и ослободување на енергијата, кој ја одразува динамиката на современата материјалност.

„БРУТАЛИСТ“, на тој начин, станува метафора за современото сфаќање на просторот и структурата – за човековата потреба да пронајде стабилност во систем кој непрекинато се менува.

Тоа е визуелна концептуализација на односот меѓу архитектонската логика и апстрактната мисла, меѓу формата и нејзиното исчезнување, меѓу материјалното и духовното. Проектот претставува истражување на границите на кои геометриската апстракција, редот и хаосот, конструкцијата и распаѓањето стануваат делови од една иста структура – структура која ја одразува фрагментираноста на современиот свет.

Благојче Наумоски – Бане

 

 

БИОГРАФИИ

Благојче Наумоски – Бане

Благојче Наумоски е роден на 2 април 1985 година во Кичево. Во 2007 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Педагошкиот отсек, насока Сликарство, во класата на проф. Рубин Корубин. Во 2009 година се стекнува со звање магистер по сликарство под менторство на проф. Јован Шумковски.

Од 2007 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а од 2009 година е член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т, во чии проекти активно учествува. Од 2015 година е член на колективот АД АКТА.

Од 2012 година работи на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Република Македонија, најпрво како асистент, а од 2016 година како доцент. Денес е редовен професор и декан на Факултетот за арт и дизајн.

Наумоски изложувал во бројни европски и светски културни центри, меѓу кои Берлин, Њујорк, Љубљана, Париз, Хаифа, Прага, Софија, Приштина, Виена, Отава, Тирана и Белград, како и на бројни ликовни колонии. Досега реализирал дваесет и три самостојни и бројни групни изложби.

Иако има изградено препознатлив и автентичен израз во областа на современото сликарство, неговата уметничка практика не е ограничена исклучиво на овој медиум. Во својата работа развива мултимедијални и мултидисциплинарни проекти кои опфаќаат широк спектар на современи уметнички форми – од сликарство и просторни инсталации, преку перформанс и видео-арт, до комплексни мултимедијални изложби.

Преку истражување на различни медиуми и нивно меѓусебно поврзување, Наумоски континуирано ги проширува границите на сопствениот визуелен јазик, градејќи уметничка практика која се движи меѓу традиционалните дисциплини и современите облици на уметничко изразување. Неговата работа ја карактеризира отвореност кон нови пристапи, експериментирање со различни форми и континуирано истражување на односите меѓу сликата, просторот, движењето и современите визуелни технологии.

Преку својата уметничка и педагошка работа, Благојче Наумоски има изградено препознатлива позиција на современата македонска уметничка сцена, истовремено остварувајќи континуирано присуство и во меѓународниот уметнички контекст.

 

 

Петар Новковски – Inchronax

(2002, Скопје, Македонија) е мултидисциплинарен визуелен уметник и дизајнер, чија практика ја отсликува новата генерација автори кои ги поместуваат границите меѓу современата уметност, дизајнот, технологијата и визуелната култура.

Работејќи во областа на визуелната уметност, фотографијата, графичкиот дизајн, креативната режија и 3D world-building, Inchronax развива имерзивни визуелни јазици преку кои ги истражува човековата природа, митологијата, идентитетот, перцепцијата и замислените реалности. Неговата практика слободно се движи меѓу физичкото и дигиталното, при што секој медиум го третира како различен инструмент за конструирање значење.

Неговото сè пообемно творештво е длабоко поврзано со современата култура и културното наследство. Соработувал со културни институции и креативни платформи, меѓу кои Музејот на Македонија за првата нивна публикација Стрип Арт, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, со кој го оформува колективот Blue Deer Collective за модернизација и промоција на македонскиот фолклор. Тој е коавтор на проектот Текстилни метаморфози – од традиција до современост, претставен во рамките на Fashion Weekend Skopje во повторна соработка со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, креативна режија, визуелен идентитет и дизајн за ДЛУМ на проектот Фемина 8, дизајн на визуелен идентитет за првата изложба на Пресек – креативен колектив за промоција на младата сцена на уметници во Македонија во соработка со Галерија ОСТЕН,  МКЦ Скопје, каде што го потпишува дизајнот на изложбата Професори + Студенти. Од 2019-та година Inchronax  успешно има реализирано над четириесет корпоративни и freelance проекти.

Неговата уметничка траекторија се протега и надвор од дизајнот и нарачаните проекти, кон полето на современата уметност и меѓународната соработка, вклучувајќи изложбена активност со негови дела и дизајн на визуелен идентитет во Њујорк (Gallery MC) и развојот на Brutalist како коавтор на колаборативен проект во Белград, Србија.

Во центарот на неговата практика се наоѓа INCHRONAX – оригинален, постојано растечки универзум преку кој Новковски ги истражува ликовите, средините, наративите, митологијата и шпекулативните реалности. Наместо да создава изолирани дела, тој конструира меѓусебно поврзани визуелни системи – светови што можат да постојат преку слика, објект, простор, наратив и дигитално искуство.

Овој пристап го позиционира Inchronax во рамките на новата генерација уметници кои сè повеќе се ослободени од ограничувањата на медиумот и категоријата – уметници кои се движат меѓу културното наследство и футуристичката визија, физичката уметност и дигиталните средини, графичката комуникација и градењето светови.

За Inchronax, уметникот не е само оној кој ја претставува реалноста, туку оној кој е способен да конструира нови реалности.

Изгради свој сопствен свет.

 

 

ПЕРСПЕКТИВА НА АВТОРИТЕ

Во текот на изработката на оваа изложба, двајцата автори земавме радикално различни пристапи, но заедно создадовме нов пресврт и естетика инспирирана од брутализмот. Додека едниот автор креира визуелен јазик поврзан со бруталистичкиот екстериер, архитектурата и нејзината надворешна метаморфоза, другиот го претвора брутализмот во човечка метафора, анализирајќи ја нашата природа и третирајќи ја како структура која треба да се надградува преку надреалистична и футуристичка леќа.

 

ДЕЛА

Благојче Наумоски – Бане

Бруталист” – Циклус на дела (акрил на платно) / Инсталација во простор – Гешталт систем.

Инсталацијата се состои од 50 помали дела, создавајќи една поголема бруталистичка форма. Тезата зад секое индивидуално дело се темели на повторната трансформација на бруталистичката архитектура, која поминува низ силен процес на апстракција, преточувајќи ја физичката и материјалната реалност во енергија и предизвикувајќи силни емоции. Присуството на неопластицизмот и футуристичката димензија додаваат трета трансформација, која внесува дополнителна енергија и динамика во целата поставка. Овој циклус е мегалит, мапа кон нешто подлабоко од нашата перцепција за физичката и статична форма.

Петар Новковски – Inchronax

“Стоичка структура” – Mетодолошка колекција на дела ( 3Д анимација, архитектоска скица, светлосна скулптура и методолошка мапа од пиктограми на бруталистички архитектури).

„Стоичка структура“ е процес на моделирање виртуелна реплика на човекот, градејќи оклоп врз него инспириран од бруталистичката архитектура, како метафора за нашите животни искуства. Човекот е, исто така, структура врз која треба постојано да работиме и да ја надградуваме. Целата колекција на дела (анимација, архитектонска скица, светлосна скулптура и методолошка мапа) е создадена со цел гледачот да се едуцира не само за архитектурата и начинот на кој таа е имплементирана, туку и да се инспирира и охрабри преку процесот на само-надградба. Во овој визуелен јазик присутни се и елементи на езотерика, потсетувајќи го гледачот дека сите ние сме емотивни и духовни суштества. Како што ние, како автори, ја негуваме публиката, така и публиката треба да се обедини во силна заедница, негувајќи се и поддржувајќи се меѓусебно.