Реакција на ААМ до Општина Струмица
01.10.2026 • Информации
Општина Струмица распиша конкурс за избор на идејно архитектонско решение за реконструкција и урбан дизајн на постојниот градски плоштад.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) го поздравува распишувањето на конкурсот и определбата архитектонското решение за еден значаен јавен простор да се избере преку конкурсна постапка. Архитектонските конкурси претставуваат еден од најсоодветните механизми за добивање квалитетни, иновативни и одговорни решенија, овозможувајќи им на архитектите рамноправно и професионално да ги претстават своите идеи. Во услови кога ваквата практика сè уште не е доволно застапена во Македонија, сметаме дека овој чекор заслужува поддршка и треба да претставува поттик за почеста примена на архитектонските конкурси, особено кога станува збор за простори и објекти од јавен интерес.
Истовремено, ААМ смета дека еден значаен аспект од објавениот конкурс заслужува дополнително преиспитување, со цел конкурсната постапка да биде поставена на ниво што соодветствува на значењето на проектот и на професионалните стандарди на архитектонската дејност.
Забелешката се однесува на висината на предвидениот награден фонд, чиј обем е несразмерен со сложеноста, значењето и јавниот карактер на задачата. Подготовката на сериозно конкурсно решение подразбира значителен професионален ангажман, време, истражување, разработка и, во зависност од карактерот на задачата, вклучување на поширок стручен тим. Особено кога предмет на конкурсот е еден од централните јавни простори на градот, од учесниците оправдано се очекува висок степен на професионална одговорност и квалитет на понудените решенија.
Оттука, сметаме дека и наградниот фонд треба да биде соодветно димензиониран во однос на обемот и значењето на конкурсната задача. Неговата висина не претставува само финансиски надомест за вложениот труд, туку истовремено го изразува и односот кон вредноста на архитектонската работа и значењето што му се придава на конкурсот како инструмент за избор на најквалитетно решение.
Дополнително, ААМ реагира и на предвидениот рок за изработка и предавање на конкурсните трудови кој е несразмерно краток. Квалитетното архитектонско и урбанистичко промислување на еден централен јавен простор бара соодветно време за анализа, согледување на поширокиот урбан контекст, развивање и проверка на концептот, како и негово професионално презентирање. Краткиот рок може да го ограничи потенцијалот на конкурсот, како во однос на бројот на заинтересирани учесници, така и во однос на степенот на разработеност и квалитетот на понудените решенија.
Во таа насока, ААМ упатува апел до Општина Струмица да ја преиспита висината на предвидениот награден фонд и, во рамките на можностите, да изврши негова соодветна корекција. Воедно, упатуваме апел да се преиспита и предвидениот рок за изработка наконкурсните трудови и да се разгледа можноста за негово продолжување во временска рамка соодветна на обемот и комплексноста на задачата.
Убедени сме дека награден фонд усогласен со обемот, сложеноста и јавната важност на задачата ќе придонесе кон поголем интерес за учество, поширока конкуренција и поголем број квалитетни конкурсни решенија. Истовремено, ваквиот пристап испраќа важна порака за почитување на архитектонската професија и достоинствено вреднување на професионалниот труд.
ААМ верува дека заеднички интерес на Општината, архитектонската професија и граѓаните е преку транспарентна, професионална и достоинствено поставена конкурсна постапка да се дојде до најквалитетното можно решение за еден од најзначајните јавни простори во Струмица.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија стои на располагање на Општина Струмица за стручен разговор, консултација и соработка во насока на унапредување на конкурсната постапка.
Управен Одбор на ААМ
Автор на статија: Filip Koneski
ААМ / Асоцијација на архитекти на Македонија / Гоце Делчев / Конкурс / Општина Струмица / плоштад / Реакција
