Воена академија, Битола / 1846
11.10.2026 • XVI - XIX век
Период: Османлиско царство
Година: 1846-1847
Извори: „Градби“ - Александар Стерјоски; https://muzejbitola.mk/; https://ceipa.pmf.ukim.mk/; https://bitola.info/mk/muzej-bitola/
Локација: Битола
Насловна фотографија: https://mk.wikipedia.org/
Битолската воена гимназија, позната и како воена идадија, е еден од најзначајните историски и архитектонски објекти во Битола, кој денес претставува дом на НУ Завод и Музеј – Битола.
Објектот е изграден за време на османлискиот период, во 1846-1847 година. Воената идадија е една од првите средни воени училишта од овој тип во рамките на Османлиската Империја (покрај оние во Истанбул, Бурса, Едрене итн.), со цел да се модернизира воениот систем и да се обезбеди стручен кадар и офицери.

Во периодот по Балканските војни и во текот на 20 век, комплексот служел за различни намени, сè додека целосно не бил пренаменет во музејски простор (процес кој започнал во 1930-тите).
Воената гимназија важела за институција со мошне квалитетни тригодишни студии. Заради квалитетот што го нудела, доаѓале многу ученици од други градови. Оваа гимназија е особено светски позната и привлекува голем број посетители (особено од Турција) затоа што во неа го завршил своето средно воено образование Мустафа Кемал Ататурк – турски офицер, револуционер, државник и основач на Турската Република.

Проектиран од архитекти од Истанбул, а изграден од локални мајстори, комплексот се одликува со правоаголна основа и централен отворен двор, што ги одразува напредните урбанистички и архитектонски концепти на своето време. Неговата изградба е со исклучителен квалитет, претставувајќи хармоничен спој на западноевропскиот архитектонски стил и препознатливи елементи од традиционалната османлиска архитектура.
Дворот во внатрешноста, како и просторот пред самата зграда, служеле како терен каде кадетите изведувале спортски вежби и културни настани. Просторниот распоред бил таков што училниците се наоѓале на горниот кат, додека приземјето било наменето за интернатско сместување на питомците. Благодарение на високиот стандард и квалитетот на образованието, училиштето уживало огромен углед и привлекувало ученици од целата територија на Румелија.


На фасадната обработка на објектот на поранешната воена гимназија (денес НУ Завод и Музеј – Битола) се видливи силните влијанија на европскиот неокласицизам и репрезетативниот стил карактеристичен за османлискиот период. Обработката во целост соодветствува на првичната намена на објектот кој е пример за воената и јавната архитектура од средината на 19 век. Главната фасада е на централната вертикална оска, оттука диметријата внесува чувство на монументалност и ред, што било примарен архитектонски јазик за воените и образовните институции во тој период.
Фасадата е јасно расчленета, како по хоризонтала, така и по вертикала со истакнатиот и исфрлен централен ризалит, до кој се наоѓаат две странични крила. Карактеристичен е и правилниот, повторливиот ритам на правоаголни и полукружно завршени прозорски отвори кои му даваат хоризонтална стабилност на целиот објект. Отворите се врамени во плитка профилација и декоративни надпрозорни елементи изведени во малтер.
Во основа, објектот е граден од масивна конструкција (камен и тула) прекриена со малтерисана и обоена завршница во светли/неутрални тонови.
Фотографии од Фондот Браќа Манаки. Извор: https://ceipa.pmf.ukim.mk/mk/node/235
На 18.02.1934 година, во свечената сала на Битолската општина се одржа собрание на кое беше решено, во Битола, чија околина е богата со бројни движни и недвижни споменици на културата, да се основа градски музеј. Така овој објект денес претставува Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола, национална установа од областа на културата чија основна дејност е заштита, систематизација, научна обработка и презентација на културното наследство во Општина Битола.


Музејот денес. Извор: https://bitola.info/mk/muzej-bitola/
Автор на статија: Martina Shteriova
Битола / Воена гимназија / Воена идадија / НУ Завод и Музеј Битола / османлиска архитектура





