Посета на ботаничката градина во Падова
11.09.2026 • XVI - XIX век Фотографија
Падова е помалку познат град во Италија кој се наоѓа во регијата Венето, во непосредна близина на Венеција. Градот е познат по базиликата Свети Антонио каде што се наоѓа неговиот гроб, живописните фрески на Џото во капелата Скровени, како и големиот број на портици. Во 13-тиот век градот станува седиште на Универзитетот во Падова кој бил основан од група студенти кои се одделиле од Универзитетот во Болоња, трагајќи по академска слобода далеку од политичките случувања во Болоња во тој период. За време на ренесансата, во универзитетот студирале и предавале важни личности за историјата на природните науки како Никола Коперник кој ја поставил теоријата за хелиоцентричноста на планетата Земја, Андреас Везалиус – таткото на модерната анатомија, како и Галилео Галилеј кој ја продолжил Коперниковата традиција како професор на универзитетот. Во 16-тиот век, одборот на Факултетот за уметности при Универзитетот во Падова основал нов предмет за прочување на лековити растенија. Првиот професор кој го предавал овој предмет бил Франческо Бонафеде кој воедно и ја започнува модерната традиција за проучување на ботаниката и фармакологијата.

По основањето на специјлизираниот предмет за проучување на лековитите растенија, Бонафеде ја советувал Венецијанската Република дека е важно да се основа ботаничка градина поради тоа што идентификацијата на лековитите својства на растенијата биле застарени, односно биле непроменети уште од антиката, а затоа и доаѓало до сериозни проблеми при производство на фармацевски лекови кои често предизвикувале смрт кај пациентите. Сенатот на Венецијанската Република бил убеден дека проучувањето на ваквите растенија ќе превенира неконтролирано производство на фармацевски средства и го прифатиле советот на Бонафеде. Ботаничката градина во Падова била основана во 1545 година како Hortus simplicium (градина на едноставните растенија) каде што почнале да одгледуваат растенија кои самите во себе содржеле лековити својства, без дополнително мешање со други состојки. Оваа градина претставува уникатен пример од светот за ботаничка градина наменета за одгледување и проучување на лековити растенија за научни цели која континуирано се користи до ден денес, како и единствена ботаничка градина која се наоѓа на истата локација и чија основа останала непроменета до денес. Основата на градината била планирана да формира круг во кој е сместен четириаголник, а архитектот кој ја надгледувал изградбата на оваа градина бил благодорникот Даниеле Барбаро (познат архитект и преведувач на Десет книги за архитектурата на Витрувиј). Просторот околу градината бил неколку пати доградуван, биле додавани нови помошни простории и стакленици, а денес неговата површина изнесува 2.2 хектари. Во 1997 година станува дел од листата на светското наследство на УНЕСКО како најавтентичен пример од сите ботанички градини во светот кој го претставува раѓањето на една наука.

Главниот дел од ботаничката градина се состои од кружен обрач во кој е впишан четириаголник кој е пак пресечен на четири четвритини со две патеки кои се сечат под прав агол и се ориентирани кон четирите кардинални точки. Се смета дека основата на градината била поставена на тој начин за да геометриските фигури го симболизираат светот. Во првобитната форма оваа градина не била заградена со кружни ѕидови но, неколку години по основањето, луѓето почнале да ги крадат растенијата така што универзитетот бил приморен да го изгради кружниот ѕид. Во внатрешноста се влегува преку четири порти кои се лоцирани на четирите страни од светот, а веднаш до кружниот ѕид од внатрешната страна се наоѓаат четири полукружни леи одделени со кружна патека од четириаголните леи. Во полукружните леи се одгледуваат локални растенија од Еуганејските ридови, две леи каде што се одгледуваат разни видови едноставни и лековити растенија, додека во последната леа се одгледуваат растенија од регионот Тривенето. Леите помеѓу кружната патека и четириаголните бавчи се наменети за отровните растенија и водените растенија. Водата која се користи за одгледување на водните растенија доаѓа од длабок бунар под градината со константна температура од 24 степени овозможувајќи субтропски водени растенија да се одгледуваат низ текот на целата година. Според аудио водичот, во четирите квадратни леи се посадени различни видови растенија организирани на прецизен, рационален и систематски начин, а тука може да се најдат најстарите магнолии во Европа, како и реткиот вид на дрво наречен гинко. Близу до северната порта се наоѓа медитеранска џуџеста палма, која е најстарото растение во градината, а посветена на писателот Јохан Волфганг фон Гете кој бил инспириран од истата. Северно од централниот кружен дел се наоѓаат стаклени градини каде што се одгледуваат карниворни растенија, а до нив се наоѓа поранешната зграда за престој на градинарите и научниците која е денес пренаменета во музеј. На западниот и источниот дел надвор од кружната градина се наоѓа арборетум каде што се одгледуваат разни видови на дрвја, грмушки и цвеќиња, додека на источниот дел е формиран Алпски биом со автентични карпи, растенија и животни.




Во 2014 година се отвара нов дел од ботаничката градина каде што се наоѓа огромна стаклена градина, како и сали за конференции, читални и места за одмор надвор од објектот. Овој објект изгледа на правоаголна футуристичка стаклена витрина во која се сместени повеќе од 1300 видови на растенија кои се организирани според фитогеографска методологија (според нивната географска дистрибуција) што овозможува посетителот да добие автентична слика за биодиверзитетот застапен во тие климатски региони. Стаклената витрина е долга 100 метри и висока 18, а формата и просторната организација на објектот се оптимизирани така што паметно се искористува соларната енергија. Водата од врнежи се собира во резервоар од 450 кубни метри и истата кружи низ целиот објект. На предната фасада се наместени неколку водопади кои овозможуваат оксигенизација на водата во резервоарот. Освен резервоарот, стаклената градина се снабдува со млака вода од истиот оној бунар кој носи вода и до главниот дел од ботаничката градина, па така, во неколкуте базени пред објектот можат да се забележат водни божури и некои видови на лотос. Објектот се снабдува со електрична енергија преку фотоволтаични панели која е важна за работењето на водните пумпи и сензорите кои го контролираат водоснабдувањето во стакленикот. Внатрешноста на стакленикот е поделена на четири дела кои претставуваат четири различни биоми: два вида на тропски климат – тропска дождовна шума и субтропска шума, потоа еден биом на умерен и медитерански климат, како и уште еден биом на сув, ариден климат.







Ботаничката градина во Падова денес одгледува повеќе од 3500 видови на растенија од бројни географски региони во светот и е уште еден важен локалитет за туризмот во градот. Континуитетот и внимателната грижа за оваа ботаничка градина низ вековите овозможила етаблирана научна традиција во рамки на ботаниката, но исто така и традиција на зачувување на автохтоните растенија, како и зачувување на ретки видови растенија кои не потекнуваат од Апенинскиот полуостров.
Автор: Кристијан Тошески
Автор на статија: Sorabotnik





