Крстилница во рамки на Епископската Базилика, Стоби / IV – VI в.
17.10.2026 • До V век
Датирање: крај на IV – VI век
Период: Доцна Антика
Локација: Стоби, Градско
Извори: The Baptistery: Its Roofing and Related Problems, W. B. Dinsmoor Jr; Studies in the Antiquities of Stobi, Vol. I, 1973; J. S. Wells, A Virtual Reconstruction of the Baptistery at Stobi, 2018; С. Блажевска, The Old Episcopal Basilica at Stobi; С. Блажевска, Urban Transformation of Stobi; Ранохристијанското ѕидно сликарство од Епископската базилика во Стоби; НУ Стоби, Менаџмент план за археолошкиот локалитет Стоби, 2021.
Фотографии од денешната состојба: МАРХ
Шарениот паун на банкнотата од 10 денари е можеби најпознатиот мозаик во Македонија. Овој извонреден дизајн, стар над 1500 години, можеме и денес да го видиме на локалитетот Стоби. Го среќаваме на подот од крстилницата во рамки на епископскиот комплекс, објект преку кој ја читаме приказната за трансформацијата на римското царство, а со тоа и на нашиот регион, од паганско во христијанско општество.
Процесот на ширење на христијанството низ римското царство трае векови. Во 313 година царот Константин го легализира, а кон крајот на IV век христијанството станува и официјална државна религија. Ова предизвикува низа промени: во многу од градовите паганските објекти и симболи почнуваат да се запоставуваат, а почнуваат да се градат нови христијански споменици.
Трансформацијата која ја читаме јасно низ археологијата, е проследена и со практични промени во животите на луѓето. Преобразувањето во христијанин се одвивало многу формално, преку процес на веронаука од неколку години, откажување од паганските обичаи, постење и слично, а завршувал со финалниот обред на крштевање.
Како и денес, така и тогаш, покрстувањето се правело преку потопување на верникот во вода, а кога станува збор за возрасни лица, не на мали деца, овој обред бара сериозен простор со вода. Потребата за ваква инфраструктура се одговара преку создавањето на нова архитектонска типологија на крстилници.
Пресек на Голмата епископска базилика (втора фаза) – лево и крстилницата – десно / извор: “Environmental Deterioration at Stobi: Climate Change or Human Agency?,” James Wiseman.
Крстилниците биле дел од базиликалните комплекси. Така и во Стоби крстилницата е дел од епископскиот комплекс во јужниот дел на градот, во непосредна близина на римскиот театар. Таа била архитектонски самостојна градба, но функционално поврзана со базиликата. По крштевањето обредот продолувал со литургија во соседната црква.
Под денешната крстилница е откриен постар објект со кружна писцина. Едно од толкувањата е дека таа била дел од римска бања, чии хидраулични инсталации подоцна биле искористени за крстилницата.
Изградбата на денес видливата четирилисна крстилница е најверојатно кон крајот на IV или почетокот на V век, на иста висина и во склоп на тогашната епископска базилика. Оваа оригинална верзија на црквата не трае долго: таа е срушена и повторно изградена на вештачка тераса околу 4 до 4,5 m повисоко. Крстилницата пак останала на оригиналното пониско ниво, па така до неа се пристапувало преку скали од југозападниот дел на базиликата, а потоа преку низа помошни простории и дворови.
Во доцниот V или раниот VI век, цел век по изградбата, на крстилницата се направени низа интервенции: поправени мозаиците, изменета писцината, поставена нова внатрешна конструкција над неа, нов мермерен кантарос и обновување на ѕидното сликарство.
Крстилницата при првите ископувања, пред и по финалното чистење / извор: The Baptistery: Its Roofing and Related Problems, W. B. Dinsmoor Jr
На мозаичниот под е најдена монета од 569–570 година, што покажува дека конечниот колапс се случил по оваа дата. Слој од ветрова прашина над подот укажува дека објектот бил напуштен извесно време пред целосното уривање, веројатно во последната деценија на VI век. Конечниот колапс најчесто се поврзува со земјотрес, иако поширокото напуштање на градот било резултат на комбинација од економско слабеење, природни непогоди, климатски промени, чума и аваро-словенски напади.
Архитектура
Надворешната форма на објектот е приближно квадратна. Внатрешноста е центрично организирана како кружна сала впишана во надворешниот квадрат, каде главниот елемент е писцината.
Просторната организација покажува дека обредот не се одвивал само во оваа централна сала. Претпросторијата, коридорите, дворовите и главната крштелна сала веројатно образувале последователни простори низ кои се движеле катихумените (лица кои примале веронаука но сè уште не биле крстени) во различни моменти од подготовката и самиот обред. Физичкото движење низ комплексот ја следело духовната трансформација на новокрстениот.
План на фази на Епископската Базилика и Крстилницата / извор: “Archaeology and History of Stobi,” Wiseman.
Главната сала е со дијаметар од околу 7,80–7,90 m, со четири полукружни конхи распоредени околу кружното јадро, создавајќи четирилисна или тетраконхална композиција. Во секоја конха има засводен отвор кон соседен простор или коридор.
Во центарот на ова сала се наоѓа писцината, со дијаметар од околу 2,4 m и длабочина од 1,3 m, доволни за потопување на возрасно лице. Нејзините скалишни пристапи овозможувале физичко влегување и излегување од водата како дел од обредот. Околу писцината има парапет висок околу 0,6 m, со две полукружни ниши.
План на Епископската крстилница / Исцртан од W. B. Dinsmoor Jr., идаден во Wiseman and Mano-Zissi, “Excavations at Stobi, 1971,” Pl. 90, fig. 47., извор: J. S. Wells, A Virtual Reconstruction of the Baptistery at Stobi, 2018
Околу писцината има парапет висок околу 0,6 m, со две полукружни ниши. Околу парапетот има шест повисоки сотлбови поставени на мозаичниот под, додека на самиот парапет има уште шест пониски.
Капителите на повисоките и пониските столбови се изедначувале во висина и заедно ја носеле покривната конструкција. Постојат неколку хипотези за оваа конструкција: некои ја нарекуваат балдахин, но можно е дека тоа било и барабан и купола.
Сите столбови имале квадратни бази и мермерни јонски капители на кои се јавуваат различни форми на крстови, дел пропратени со животински или флорални мотиви. Разликите во димензиите и декорацијата на капителите може да значат дека тие не биле изработени како единствена нарачка за овој објект, туку сполии од други постари градби.
Реконструкции на крстилницата / Dinsmoor, “The Baptistery: Its Roofing and Related Problems,” p. 24, fig. 8&9; извор: J. S. Wells, A Virtual Reconstruction of the Baptistery at Stobi, 2018
Крстилницата во Стоби не е изолиран архитектонски тип. Центрична сала со писцина и столбовна конструкција над неа, се среќава во неколку медитерански примери како Латеранската крстилница. / извор: www.antiquarius.it
Во подоцнежната фаза на објектот, едната страна од скалите кон писцината била тргната и тука бил поставен мермерниот кантарос. Ова е монументален сад кој најчесто се толкува како мал сад за крштавање деца, додека големата писцина продолжила да се употребува за возрасни.
Постои хипотеза дека тој првично бил градинарска фонтана од римски објект, а потоа бил сполијално употребен во крстилницата. Елементот е од пентелички мермер, кој не е локален материјал.
Кантарос од крстилницата изработен од Пентеликејски мермер, ран VI век / лево, извор: Ранохристијанското ѕидно сликарство од Епископската базилика во Стоби, стр. 19; десно фотографија Марх
Мартеријали
Структурата на крстилницата е претежно од тула и малтер, кои подоцна биле богато обработени. Парапетот и внатрешноста на писцината биле од плочи од бел мермер и темен шкрилец во контрастна комбинација. На подот и околу кантаросот имало само мермер. Подот околу писцината е изведен како opus tessellatum мозаик, а ѕидовите биле насликани.
За покривот се предлага дрвена носечка конструкција со покривни керамиди/црепови. Во урнатинскиот слој се идентификувани фрагменти од прозорско стакло, што дава материјален доказ дека крстилницата имала застаклени отвори, најверојатно во горните делови на конструкцијата.
Водата во објектот пристигнувала преку оловни цевки, кои водат кон главниот цилиндар на писцината. Кантаросот имал посебна цевка за довод и одвод кон писцината.
Мозаици
Делот меѓу писцината и ѕидовите е покриен со мозаици, поделен на четири главни квадранти, одвоени и обиколени со бордури во форма на двојно плетена гилоша. Во вратите и нишите на парапетот се изведени геометриски мотиви. Секој квадрант содржи кантарос од кој истекува вода: во два полиња кантаросот е опкружен со елени и птици, во другите два со пауни и други птици.
Главната тема се поврзува со Псалм 41/42: „Како што еленот копнее по водните извори, така душата моја копнее по Тебе, Боже.” Елените ја претставуваат душата или катихуменот што копнее по крштелната вода. Пауните се поврзани со бесмртноста, воскресението и вечниот живот.
Главната мозаична програма најверојатно припаѓа на доцниот V или раниот VI век, односно на обновувањето на крстилницата во состав на Големата епископска базилика.
Зидно сликарство
Првата сликарска фаза се датира кон крајот на IV или почетокот на V век. Била изведена врз армиран варов малтер во комбинирана фреско и секо-техника. Долните зони имитирале луксузна мермерна оплата и архитектонска инкрустација.
Во четирите конхи биле прикажани четирите евангелисти во мисионерски сцени. Сигурно е идентификуван евангелистот Матеј во североисточната конха преку натписот „Евангелист Матеј”. Во југоисточната конха е зачуван младолик брадест лик, можеби Марко, но идентификацијата не е целосно сигурна. Во поткуполниот простор биле прикажани сцени од Христовиот јавен живот. Една сцена најверојатно го претставува Исцелението на немиот во Ерусалим, со Христос, двајца апостоли, градска архитектура и натписот „зборувам”.
Во раниот VI век постарите фигурални слики биле покриени со тенок жолтозелен или бел варов слој. Врз него била нанесена поедноставна програма со геометриски мотиви и имитација на мермерна облога. Најдобро зачуваниот мотив е голем коралноцрвен латински крст, украсен со светли капки или „скапоцени камења”, нанесен директно врз постарата претстава на Матеј.
Детаљ од сцената прикажана во североисточната конха на крстилницата, втора половина на IV век / извор: Ранохристијанското ѕидно сликарство од Епископската базилика во Стоби, стр. 32
Археолошки ископувања
Епископскиот комплекс бил делумно истражуван уште во почетокот на XX век, но самата крстилница била откриена во рамките на Југословенско-американскиот проект за Стоби. Нејзиното систематско ископување започнало на 24 мај 1971 година, под раководство на Џејмс Вајсман и Ѓорѓе Мано-Зиси. Објектот интензивно се истражува до 1978 година.
Дополнителни истражувања, документирање и конзерваторски активности се спроведувале во повеќе наврати до 2019 година, кога за прв пат беа поставени мермерните столбови и кантаросот после 14 векови од нивната изградба. Мозаиците биле конзервирани in situ, со поинтензивни интервенции во 2017–2018 година. Крстилницата добива неколку заштитни покриви заедно со остатокот од епископскиот комплекс. Денешната заштитна структура е од 2019–2020 година.
Крстилницаа пред реконструкцијата на нејзините столбови / извор: J. S. Wells, A Virtual Reconstruction of the Baptistery at Stobi, 2018, автор: George Bevan, 2015.
Крстилницата денес
При посета на објектот неизбежен е впчеатокот за убавината на ова археолошко наследство. Крстилницата има скромни, човечки пропорции кои создаваат интимен и духовен простор, дизајниран не за импресија туку за личното поврзување на верниците со нивната нова вера.
Рушевините зрачат со атмосфера, но тоа не е доволно за посетителот да ја сфати нивната суштина. Пред петнаесет векови, врз овие мозаици катихумените чекореле кон своето преобратување. Денес нивното искуство не е раскажано ниту на ѕидовите, ниту на информативните табли, а раното христијанство во Македонија едвај наоѓа место во нашето образование.
Можеби паунот го носиме сите во новчаник, но приказната што тој ја раскажува, сè уште не.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Доцна антика / Кантарос / Крстилница / мозаик / писцина / ранохристијанска архитектура / ранохристијанска уметност / Стоби / Фреско декорација















