Антички театар во Охрид / III – II в.п.н.е

Година / Период: III – II век пред новата ера

Локација: Охрид

Период: доцен хеленизам / римски период

извор: www.mk.wikipedia.org; Macedonian antiquities [CD-ROM], Ein-Sof, 2000г.; документарен филм „Охрид Град на Светлината“

Фотографии од денешната состојба: МАРХ

 

Една од најинтересните и најстарите локалитети во Охрид е неговиот антички театар. Oткриен само пред неколку децении, театарот сведочи за големината и развиеноста на античкиот Лихнид.  Денес објектот е целосно откопан и реконструиран, и повторно функционира како активна урбана точка во стариот дел на Охрид.

 

 

 

 

 

 

 

Гледајќи ја неговата големина, неверојатно е како тој бил толку години скриен под градот Охрид. Знаеме дека оваа локација одамна предизвикувала интрига и мистерија меѓу локалното население. Тие случајно откриле неколку од неговите коридори, што дури резултирало во копање на тунели во потрага на некакво легендарно богатство.

Но, вистинската откритие е најдено во 1960-те, кога се откопани првите девет реда на седишта. Уште од тогаш можело да се претпостави дека станува збор за голем театар кој, тек подоцна помеѓу 1999-2001г. е целосно откриен и делумно конзервиран.

 

 

 

 

Театарот по првите ископувања во 60-те 

 

 

Историја

Се верува дека театарот е изграден на крајот на III-от или почетокот на II-от в.п.н.е. Ова е периодот на доцниот хеленизам, кога тука се развиваат почетоците на Лихнид како една позначајна  античко македонска населба.

Објектот оригинално служел за претстави – комедии, трагедии и поезија, но откако градот е освоен од Римјаните, објектот е пренаменет да ги задоволи новите трендови на забава. Тоа биле гладијаторски, или поточно во овој случај, венаторски борби – помеѓу различни животни или животни и луѓе. Поради оваа пренамена на објектот тој денес носи архитектонски карактеристики и на хеленистички и на римски театар.

 

 

 

 

Урбанистички контекст

Театарот се наоѓа на падините на брдото Горни Сарај, на денешниот раб на стариот град. Тој го користи природното закосување на теренот за сместување на својот аудиториум, додека сцената отвара поглед на исток, кон Охридското езеро и околните планини. Локацијата е дополнително заштитена со две брда, што дополнително ги подобрува акустичните аспекти, кои се разбира се доста значајни за еден театар.

Во римско време тука се градат и новите одбранбни ѕидини како и еден од главните влезови во градот – Горна Порта, која ја среќаваме и ден денес. Дополнително, пронајдени се и остатоци од поплочена улица со тротоари која и во антиката го поврзувала театарот со портата. Поради остатоците од бази на столбови се претпоставува дека оваа променада имала и покриени тротоари.

 

 

 

Снимка од дрон од театарот / извадок од документарен филм „Охрид Град на Светлината“

 

 

Архитектура

Сите антички театри се состојат од следните делови: театрон, оркестра и скенска зграда

Театрон е аудиториумот каде се сместува публиката. Во овој случај тој е природно поставен на теренот т.е. без субструктура, што е карактеристично за хеленистичките театри.

 

 

 

 

 

 

Тие се состои од редови на седишта направени од обработен камен кој дури имал и профилиран испуст. Интересно е што самите скалила не се додадени како помали камења, туку се изделкани во оригиналните блокови кои ги формираат седиштата.

Дополнително на неколку места забележуваме и врежани имиња (Кисп и Топос) кои се верува дека укажуваат на закупени седишта од страна на поимотните граѓани.

 

 

 

 

 

 

На камењата среќаваме и низа дупки кои укажуваат дека постоела можност на закачување на  јарболи. Дали за покривање на публиката, или пак можеби и за поставување на мрежа за заштита при борбите со диви животни.

Театронот значително се менува низ двете фази на театарот. Во хеленистичкиот период тој има околу 20 седишта, поделени во два сегменти меѓу кои имало патека (дијазома). Но, кога во римскиот период објектот бил пренаменет во арена, долните седишта биле отстранети, што го прави театронот да има само 12 редови како и што го среќаваме денес.

 

 

Хипотетичка состојба претпоставена по првите ископувања

 

 

 

Оркестра е подиумот на театарот, просторот каде се случувала самата изведба. Таа била донекаде поголема од полукруг, што е мешавина на хеленистичкиот (кружен) и римскиот (полукружен) тип. Околу оркестрата имало мало цокле од профилиран камен, над кое почнувале да се нижат редовите седишта.

 

 

 

 

 

 

 

Кога Римјаните го трансформирале театарот за одржување на борби, тие ја преобразиле оркестрата во арена. Го затрупале и подигнале оригиналниот подиум, што им дало повеќе простор, а потоа направиме поголем заштитен ѕид, за да го ограничат движењето на дивите животни. Самите животни биле чувани во кафези кои биле издлабени под седиштата. Денес сѐ уште ги среќаваме пролазите кон овие простории.

 

 

 

 

 

 

Скенска зграда е објектот зад подиумот, кој служел како интерактивна позадина на театарското дејствие. Во случајот на театарот во Охрид, денес го среќаваме само нејзиниот долен дел и не знаеме точно што се случило со остатокот од зградата. Веројатно по крајот на римското владеење овој објект бил оштетен или растурен и неговите камења се користеле за градење на нови објекти во периодот на раното христијанство.

Дел од оваа зграда се две камени плочи кои биле пронајдени уште пред ископувањето на театарот. На нив среќаваме прикази на богот Дионис и музите, кои се поврзуваат со театарот и комедијата, и често биле прикажувани на самите сцени.

 

 

 

Една од плочите до скенската зграда на театарот / извадок од документарен филм „Охрид Град на Светлината“

 

 

 

Интересно е да споменеме еден мал артефакт кој е пронајден на оваа локација и исто укажува на првата фаза кога објектот се користел како театар. Тоа е мала амајлија од слонова коска, маска која на едната страна го има ликот на комедија а на другата на трагедија. Бидејќи предметот има можност за закачување се верува дека припаѓал на некој од актерите на античкиот театар во Лихнид.

 

 

 

 

 

Реконструкција

Театарот е реконструиран во 2000-те, првата фаза е предводена од М. Токарев и Ј. Алексиевска. Повеќе информации за овој проект може да најдете на следниот линк.

По неговото свечено отворање тој почнува повторно да се користи за културни настани. Денес ова е еден од ретките примери во Македонија на жив локалитет кои сѐ уште, повеќе од 2000 години подоцна, прекрасно си ја врши оригиналната намена.

 

 

 

Театарот за време на еден од настаните на Охридско Лето / извадок од документарен филм „Охрид Град на Светлината“

 

 

 

Подоцна е додадена и метална структура на сцената. Иако ја разбираме практичната потреба за ваква интервенција, дискутабилно е колку нејзината естетика се вклопува во постојниот историски контекст.

 

 

 

 

Театарот пред изградбата на сценската структура

 

 

 

 

Фотографии од денешната состојба на театарот