Црква Св. Петка – Маловиште / 1856
19.10.2026 • XVI - XIX век
Година на изградба: 1856 (XIX век)
Локација: село Маловиште, Општина Битола
Насловна фотографија : Кирил Симеоновски
Маловиште е планинско село во општина Битола и е единственото село кое влегува во границите на националниот парк Пелистер. Се протега на северната падина на планината Баба, на надморска висина од 1118 до 1218 m, и е отворено кон долината на реката Шемница на север. Во околината на Маловиште се пронајдени остатоци од население уште од железната доба. Кон крајот на 18 век во селото се населуваат неколку влашки семејства, а во 19 век селото доживува најголем подем, со околу 2000 жители.
Воздушен поглед кон селото Маловиште
Извор: Википедија, фотограф: Деан Лазаревски
Како и кај други планински села во Македонија, природниот стрмен терен е еден од главните фактори за формирањето на неправилната улична мрежа и местоположбата на објектите во теренот. Значаен елемент на селската морфологија на Маловиште се потпорните ѕидови изведени од камен, кои го следат природниот наклон на теренот или ја дефинираат линијата на уличниот фронт. Со совладувањето на висинските разлики меѓу улиците и околните парцели, тие имаат истовремено конструктивна и просторна улога.
Поглед од селски сокак во Маловиште со оригиналниот пат од камен
Извор: Malovište: Pelister’s Picturesque Vlach Village – Macedonia For 91 Days
Црквата „Св. Петка“ е позиционирана на вештачки оформено плато, приспособено на природниот пад на теренот. Висинските разлики се совладани со камени потпорни ѕидови, кои ја задржуваат земјената маса и ги оформуваат рабовите на црковниот двор налик на тврдина. Дворот е организиран на различни висински нивоа, што укажува на приспособување на просторот кон конфигурацијата на теренот. Истовремено, високите камени потпорни ѕидови се вклопуваат во традиционалниот начин на градење во Маловиште и придонесуваат за обликувањето на просторниот однос меѓу црквата, пристапните површини и околната населба.
Извор на фотографија: Википедија, фотограф Деан Лазаревски
Црквата „Св. Петка“ се вбројува во редот на монументалните трикорабни соборни цркви без купола, што е вообичаено за црквите изградени во 19 век во Македонија. Изградена е врз постар храм од 16-ти или 17-ти век со должина од 32 m и ширина од 20 m, и се развива на две нивоа. Црквата претставува значаен визуелен репер во селото Маловиште и се издвојува како најголем објект во местото.
На источната фасада се изведени три апсиди, што е карактеристика на градителите од времето на Преродбата. Апсидите се изведени од делкани камени блокови, централната со седум полиња, а страничните две со по три полиња. Полињата се издвоени со витки колонети, кои во горните делови завршуваат со лак и формираат фриз со слепи ниши, со што ѝ даваат посебен украс на источната фасада.
Воздушен поглед кон црквата од југо-исток
Извор на фотографија: Википедија, фотограф Деан Лазаревски
Југо-источен поглед кон црквата од улица
Извор: Malovište: Pelister’s Picturesque Vlach Village – Macedonia For 91 Days
На дел од западната и на јужната фасада во долната зона се наоѓа отворен трем со колонади, а во горната зона се поставени правоаголни отвори кои продолжуваат и на западната фасада. На јужната фасада е поставена исклесана мермерна плоча со датумот „1856, јуни 13-ти“, која ја означува годината на изградба на црквата. Годината 1856 се споменува и на неколку други места низ објектот, со што се потврдува годината на градење.
Поглед кон црквата од југо-запад
Извор на фотографија: Википедија, фотограф Кирил Симеоновски
Поглед од јужниот трем
Извор: Malovište: Pelister’s Picturesque Vlach Village – Macedonia For 91 Days
На западната фасада, во горната зона, централно е поставен симболичен прозорец во форма на осумкрака ѕвезда, меѓу две фрески. Два такви отвори се јавуваат и на источната фасада. Осумкраката ѕвезда во православното христијанство има повеќе толкувања, меѓу кои најчести се оние што ја поврзуваат со осмиот ден, односно воскресението и новото создание, и со Витлеемската ѕвезда. На источната фасада, меѓу двата прозорци во форма на осумкрака ѕвезда, се наоѓа и еден четирилисен отвор. Слични четирилистни отвори се среќаваат и во црквата св.Пантелјмон на Андреја Дамјанов.
Поглед од сегмент на западната фасада
Извор: Маловиште – село во Општина Битола – Bitola Info
Поглед од источната фасада
Во внатешноста, трикорабната базилика е поделена со два реда колони со полуобли сводови. Покрај наосот кој е главното место за собирање на верниците, изградени се и галерии на катот во западниот, јужниот дел над тремовите како и во северниот дел од каде што верниците исто така може да ја следат богослужбата. Западниот дел од наосот бил одреден како женски дел.
Фрескоживописот на црквата Св Петка како и засебните икони биле изработени од повеќе познати зографи од тој период. Од по значајните ги издвојуваме рускиот зограф Иван Мељников кој ги исцртал фреските во олтарниот простор, познатиот Дичо Зограф од Тресонче со својот син Аврам Дичов кој изработиле неколку икони за црквата, зографот Трпо од Корча, кој работел и на фреските во манастирот св.Наум во Охрид, како и Крсто Нименов од Лазарополе кој насликал две икони за црквата.

Изглед од внатрешниот простор
Malovište: Pelister’s Picturesque Vlach Village – Macedonia For 91 Days
Извор: https://monitoring.icomos.org.mk/churches/218/view
Во 1892 година во црквата е поставен иконостас изработен во копаница од страна на копаничарот Димитар Талигмар. По начинот на обработка на човечките фигури и вегетациските мотиви се претпоставува дека Димитар бил епирски копаничар или мајстор-резбар, иако копаничарската дејност е во залез кон крајот на 19-ти век. Иконостасот е со импозантни димензии од 12 метри во должина и максимална висина од 8 метри во делот каде што се издигнува Големиот крст.
Иконостас изработен од копаничарот: Димитар Талигмар
Извор на фотографии Malovište: Pelister’s Picturesque Vlach Village – Macedonia For 91 Days
Покрај иконостасот изработен од копаничарот Димитар, внатрешноста на црквата е исполнета и со друг црковен мебел изработен во резба. Тоа се олтарна преграда на црквата, архиерејски трон поставен на јужната страна од главниот кораб, наменет за седење на владиката за време на архиерејската литургија. На спротивната страна е поставен амвонот, кој служи за читање на светото евангелие од страна на свештеникот. Во црквата се наоѓаат и две целиванија, изработени во резба, дело на копаничарот Димитар, кој го изработил иконостасот. Тие служат за поставување на празничните икони, кога е денот на празникот.
Користени извори:
Димитар Ќорнаков, Црквата Св. Петка во Маловиште, Битолско
ИКОМОС ; Wikipedia – Св. Петка,Маловиште; Wikipedia – Маловиште; park-pelister.com/en/
Соработник: Ива Поповска
Автор на статија: Sorabotnik











