Наградата „Андреја Дамјанов“ во рацете на професорите Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља
10.11.2026 • Информации
На 9 ноември 2026 година, во просториите на Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ) во Скопје се одржа свеченото доделување на наградата за животно дело од областа на архитектурата и градителството „Андреја Дамјанов“ за 2025 година.
Наградата првпат се додели на авторска двојка, лауреати за 2025 година се професор д-р Минас Бакалчев и професор д-р Митко Хаџи-Пуља.
Свеченоста, отворена за јавноста, започна со воведно обраќање на Сара Алаѓозовска, член на Управниот одбор на ААМ и модератор на настанот, но и поранешна студентка на лауреатите. Преку лична перспектива и сеќавања, таа го отвори настанот посветен на професорите и нивниот придонес во архитектонската професија и образованието.
Првото официјално обраќање до присутните го имаше Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Валентино Константиновски, кој осврнувајќи се на личните искуства и професионалните соработки со лауреатите, ја истакна посебноста на овогодинешното доделување на наградата на авторска двојка, што во светски рамки како модел веќе одамна се применува и секако радоста од нивното признание.
Извештајот на стручната жири-комисија која одлучуваше за добитник на наградата го прочита архитектот Стеван Смилевски, претседател на Комисијата и добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2024 година.
За делото и опусот на професорите Минас Бакалчев и Митко Хаџи-Пуља говореше професор д-р Зорица Блажевска. Низ хронолошки осврт истакна значаен дел од фактографските податоци и професионалните предизвици и успеси на лауреатите. Нејзиното излагање беше можност присутните да се потсетат на своите мигови и професионални допири со професорите чијашто дејност низ годините вклучила многу соработници, колеги и генерации студенти.
За многумина од присутните, настанот беше повеќе од свечено доделување на професионално признание. Дел од нив дојдоа како колеги и архитекти, а за голем број присутни наградените повторно беа пред сè професорите од кои учеле за архитектурата, но и за животот.
Завршните обраќања ги имаа лауреатите, кои изразија благодарност до ААМ за доделеното признание, како и до сите личности кои влијаеле на нивниот личен и професионален развој, сите колеги со кои соработувале и студентите на кои тие го пренесувале своето знаење.
Професорот Минас Бакалчев се осврна и на изложбата поставена во МАНУ, која претставува увид во дел од нивниот заеднички творечки опус, архитектонските реализации и размислувања за архитектурата, како и соработките со различни тимови и соработници низ годините.
Професор Митко Хаџи-Пуља ја поздрави заложбата на ААМ за доделување на наградата на авторски пар, истакнувајќи го тоа како значаен современ исчекор. Откако им даде благодарност на сите личности кои го формирале како човек и архитект, тој упати порака до младите архитекти да не престанат да веруваат во себе и да бидат упорни, но трпеливи во својата работа и успех.
Свеченоста продолжи со неформално дружење, честитки до лауреатите, разгледување на изложбата и коктел.
Д-р Митко Хаџи-Пуља, архитект е роден 1957 година во Скопје, и е редовен професор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Архитектонски факултет во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј под менторство на Проф. Александар Никољски (1982). Одбранил специјалистички труд на тема: „Анализа на зафатени простори од аспект на архитектонска композиција”, под менторство на проф.д-р Брана Миленковиќ на Архитектонскиот факултет, Универзитет во Белград (1988).
Одбранил магистерски труд на тема: “Обликовни постапки во компонирањето на архитектонскиот простор”, под менторство на проф. д-р Брана Миленковиќ, на Архитектонскиот факултет, Универзитет во Белград, (1996). Докторирал на Архитектонскиот факултет во Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј на тема: „За феноменологијата на архитектонскиот простор”, под менторство на Проф. Др. Мартин Гулески (2009).
СЕЛЕКТИРАНИ РЕАЛИЗИРАНИ АРХИТЕКТОНСКИ ПРОЕКТИ:
· 2012 „Селски двор во Велмеј“, село Велмеј;
· 2011 ,,Семејна куќа – Вила Стојковски”, ул. Лазар Димитров б.б, Скопје
· 2011 ,,Катна Гаража”, ул. Мито Хаџивасилев Јасмин, Скопје;
· 2010 ,,Православен храм, црква Св. Илија”, Говрлево;
· 2009 ,,Трговско-угостителски објект”, Плоштад Македонија, Скопје;
· 2008 „Македонско-Италјански едукативен центар, Универзитет Свети Кирил и Методиј“, Скопје
· 2007 ,,Семејна куќа Љубиќ “, локација: ул.Орце Николов, бр.174, Скопје;
· 2000 „Станбено-деловен објект, Скопје на ул. Џон Кенеди, Скопје“;
НАГРАДИ:
· 2012 голема награда на БИМАС – GRAND PRIX за реализиран архитектонски објект:„Селски двор во Велмеј“, БИМАС 2012, Биенале на Македонска архитектура;
· 2008 голема награда за архитектура на град Скопје за реализиран архитектонски објект:„Македонско-Италјански едукативен центар, Универзитет Свети Кирил и Методиј“, – Скопје, АСК , Архитектура Скопје;
· 2006 Голема годишна награда на ААМ, за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2006, покровител на наградата Претседател на Р.Македонија;
· 2006 MENTIONED проект:„Град на Можни светови (City of Possible Worlds)“, 10 Интернационална Архитектонска изложба, Венециско Биенале, ко-куратор на Македонскиот Павиљон;
· 2006 специјална награда за архитектонски проект:„семејна куќа, Орешани, Скопје“, БИМАС 2006 , Биенале на Македонска архитектура;
· 2000 голема награда на БИМАС – GRAND PRIX за реализиран архитектонски објект:„Станбено-деловен објект, Скопје“, БИМАС 2000, Биенале на Македонска архитектура;
· 2000 прва награда за архитектонска реализација: „Станбено-деловен објект, Скопје“, АСК , Архитектура Скопје;
3.
Со својата заедничка работа како учесници и ко-куратори на Македонскиот национален павилјон на Венециското Биенале за кој добиле посебно признание со проектот „Град на можни светови” за 2006 година. Заеднопод акронимот МБМХП работат заедно на архитектонски проекти, работилници, изложби, предавања. Нивниот објект, селски двор во Велмеј е номиниран за Европската награда за современа архитектура, Mis van der Roe za 2013 (European Union Prize for Contemporary Architecture -Mies van der Rohe Award 2013).
Нивните проекти беа изложени на: 3-та меѓународна архитектонска изложба Lisbon Architectural Triennale – Close, Closer, Fundacao Portugesa das Comunicacoes, Лисабон, “Looking in the Mirror“ (2013); учество на Венециското Биенале за архитектура (2004, 2006, 2008, 2010, 2012, 2023); Gallery МС, Македонски центар, New York (2011, 2026); Brave New World Imprints – Towards the Face, ifa- Galerie Berlin (2008); Habitat at Ypenburg, Artotek & Qenep architecture, Den Hague, The Netherlands (2007); МБМХП ПАНОРАМА 2000-2005: ЕПИДИЈАГРАМСКИ ПЕЈСАЖ, Архитектонски факултет – Скопје (2006) ; „БИМАС – Биенале на македонската архитектура” МГС, Скопје, (2002, 2004, 2006, 2008, 2010, 2012, 2014, 2016, 2018 год.); „АСК – Архитектура Скопје”, МГС, Културен центар – Мала Станица, Скопје, (2000, 2001, 2002, 2003, 2004, 2006, 2008 год.); изложба „Архитектите на својот град”, Музеј на град Скопје, 16.11.2005 год.; изложба „НИЕ, 60-години Архитектонски факултет”, Музеј на град Скопје, 2009 год.
За нивното делување и придонес во архитектурата добитник е на низа национални и градски награди. Веруваат дека архитектурата може да го промени светот во мерка во која тој не менува нас.
Автор на статија: Filip Koneski
2025 / ААМ / Андреја Дамјанов / Асоцијација на архитекти на Македонија / Минас Бакалчев / Митко Хаџи-Пуља / награда за животно дело













