Безбедноста на жените во јавните простори

Јавните површини, како улиците, тротоарите, паркинзите, автобуските и железничките станици и парковите, се места на кои жените се изложени на ризик од насилство, што насилниците го искористуваат во услови на недоволна урбана безбедност. Оваа реалност ги одвраќа жените од користење на јавните простори кога се сами или ги наведува целосно да ги избегнуваат во вечерните часови. Отсуството на соодветно просторно уредување и механизми за контрола што би го зголемиле чувството на безбедност доведува до ограничување на можностите на жените за учество во културните, општествените и рекреативните активности.

Имајќи ја предвид актуелната состојба со родово базираното насилство, се наметнува прашањето како урбанистичкото планирање и градската инфраструктура можат позитивно да придонесат кон намалување на ризиците и зголемување на чувството на безбедност на јавните простори.

 

Извор на информацијата: Реактор

Во Македонија не постојат официјални институционални податоци за состојбата со родово базираното насилство во јавниот простор. Сепак, постојат истражувачки организации како организацијата Реактор, која во 2025 година го има објавено истражувањето „Родово базирано насилство врз жени и девојки на јавните места во Скопје и Тетово“. Реактор има спроведено и две претходни студии на локално ниво, во 2012 и 2020 година, посветени на состојбата со насилството врз жените во јавниот простор.

Иако Скопје се смета за релативно безбеден град, податоците укажуваат дека жените значително побезбедно се чувствуваат во урбаните простори преку ден отколку ноќе. Додека 75% од испитаничките се чувствуваат безбедно во текот на денот, по стемнување овој процент опаѓа на само 16%, при што дури 83% чувствуваат одреден степен на небезбедност.

 

Извор на информацијата: Реактор

Перцепцијата на жените за безбедноста на јавните простори во голема мера зависи од нивните просторни и социјални карактеристики, како осветленоста, видливоста, одржуваноста, присуството на други луѓе и можноста за контрола на пристапот. Најбезбедни се доживуваат рестораните (94%), автомобилите (81%), пазарите (77%), градските плоштади (71%) и влезовите и лифтовите во зградите (62%).

Како најнебезбедни се издвојуваат катните гаражи (59%) и баровите и ноќните клубови (52%), што може да се поврзе со намалената видливост, изолираноста, слабото осветлување и зголемениот ризик од несоодветно однесување. Во Скопје, како дополнителни небезбедни локации се издвојуваат подземните премини и градилиштата.

 

Извор на информацијата: Реактор

Слабото осветлување се посочува како фактор што ја зголемува несигурноста, што уште еднаш ги потврдува претходните наоди дека жените се чувствуваат побезбедно кога знаат дека можат да бидат видени од други. Запоставената инфраструктура, како искршен, валкан и генерално лошо одржуван простор, уште повеќе го зголемува чувството на запуштеност и недостиг на грижа, што влева страв при движењето низ овие простори.

Отсуството на видливо полициско присуство е уште една споделена грижа, со тоа што 74% од жените во Скопје и 73% од жените во Тетово известиле дека не се чувствуваат безбедно во таква ситуација. Овој податок не нужно имплицира доверба во безбедносните структури, туку посочува на поширок структурен недостаток.

Родовите разлики се забележуваат и во користењето на превозните средства. Според Пописот од 2021 година, жените сочинуваат 55,4% од пешаците и 65,5% од корисниците на автобускиот превоз, но само 27,7% од возачите. Ова се поврзува и со податокот на Реактор дека само 18% од жените поседуваат автомобил.

Јавниот превоз претставува значаен извор на родово базирана несигурност. Иако жените се мнозинство меѓу корисниците на автобускиот превоз, 62% се чувствуваат небезбедно во преполните автобуси и на автобуските постојки. Оваа ранливост произлегува и од ограничените можности за напуштање на возилото, особено кога жените патуваат до работа или училиште.

 

 

Урабнистички препораки за побезбедни средини

Урбанистички препораки кои придонесуваат за чувство на поголема безбедност, односно се родово сензитивни:

  •  Подобрување на прибирањето информации и вклучување на перспективите на жените, девојките и малцинствата во процесите на инклузивно урбано планирање.
  • Урбан дизајн што поттикнува поголемо присуство на луѓе на улиците, преку проектирање на соседните објекти на начин што овозможува добра прегледност на јавниот простор.
  • Уредени јавни површини со добро осветлени и одржувани пешачки патеки, паркиралишта, постојки на јавниот превоз и други јавни простори.
  • Зголемено присуство на полицијата во јавните простори, со навремена и соодветна реакција.
  • Лоцирање на парковите и отворените јавни простори на места што се видливи од домовите, училиштата и другите објекти од значење за заедницата.
  • Поставување на постојките и терминалите на јавниот превоз на локации што овозможуваат природен надзор.
  • Унапредување и приспособување на јавниот превоз кон потребите на сите категории граѓани, со посебен акцент на зголемување на безбедноста на жените во ноќните часови.

 

Автобуси наменети исклучиво за жени, Мексико Сити, Мексико / Извор: UN Women. (2019).

Позитивини примери

Ревизијата за безбедност на жените е инструмент за процена на безбедноста на јавните простори од перспектива на жените, како категорија граѓани која е особено изложена на различни форми на вознемирување и насилство во јавната сфера. Првпат применета во Торонто во 1989 година, овој метод овозможува идентификување на просторните и инфраструктурните фактори кои влијаат врз чувството на сигурност, како и формулирање препораки за подобрување на безбедноста и пристапноста на јавните простори. Пример за овој иснтрумент да се користи во Скопје е прошетката на жени организирана од Реактор, со цел да мапираат места кои се небезебдни за жени

Во Монтреал, Канада, локалната самоуправа, полициската служба и службата за јавен превоз спровеле кампања за поттикнување на брза реакција на сведоците во спречувањето на сексуалното вознемирување на јавните простори. Кампањата им понудила на граѓаните јасни и практични насоки како да постапат доколку бидат сведоци на вознемирување: да го одвлечат вниманието на сторителот, да се здружат со друго лице, да повикаат помош, да го документираат инцидентот и да ѝ пружат поддршка на жртвата. Во Македонија постојат две слични кампањи: Реагирај! од 2012 и Не биди нем сведок од 2025 година.

Како одговор на сексуалното насилство во јавниот превоз во Мексико Сити, Мексико, градските власти го зголемиле бројот на автобусите наменети исклучиво за жени на 125, отвориле три центри за пријавување на сексуално вознемирување и обезбедување психолошка поддршка, а вовеле и мобилна апликација за пријавување инциденти.

Платформата Реагирај, преку која жените можат да пријават случаи на вознемирување во јавниот простор и да добијат соодветна поддршка / Извор: Веб-страницата Реагирај,

Важно е да се нагласи дека родово сензитивното урбано планирање не е прашање што ги засега исклучиво жените. Неговата цел е да ги унапреди урбаните простори за секој поединец да се чувствува безбедно, надминувајќи ги нееднаквостите и недостатоците што често се занемаруваат во урбаното планирање/одржување.

 

Објавата ја подготви: Дарко Милошевски

Извори: