Ст. Деловен објект во Кисела Вода – АДГ Илинден Скопје
17.03.2016 • ХХ век / II половина
Инвеститор: АДГ Илинден Скопје
Локација: До поранешна „Сапунара“, денес „Адора Флетајрон“ – Кисела Вода
Идеен проект: Светлана Бањанска
Главен проект: Светлана Бањанска, Виолета Тодорова
Година на проектирање: 1998-99
Година на изведба: 2002-03
Извор: АСК Скопје 2003
Станбено деловниот објект на булеварот „Борис Трајковски“ или „Сава Ковачевиќ“, локално познат како „ Зградата Цедевита“ во овој дел од Кисела Вода, е проектиран на крајот на XX век, а изведен во првите години од XXI век.
Објектот е карактеристичен како композиција од повеќе станбени згради, обединети со централно комуникациско јадро ( скали и лифтови). Истиот, како е прикажан во проектираната состојба, имал несекојдневен распоред на станбените единици и деловните. Во пракса, секогаш деловните единици биле во приземните простори и првите катови , но во овој објект е направено отстапување од таа пракса. Локалите постојат во приземните и сутеренски нивоа, но деловните простори кои зафаќаат повеќе од 30 % од објектот, се сместени во горните катови, што може да се разбере од неколку аспекти.
Во тој период, се појавуваше повторно стравување од живеење во кули, па проектантите можно е да решиле домувањето да го „приземјат“ и да го организираат до 8 кат. Следствено на ова, паралелата на деловните облакодери и работата во објекти под стаклена завеса беше прилично актуелен момент во тие години на архитектурата во Скопје. Така, деловните стаклени простори, се позиционирале меѓу 8-16 кат на објектот, со што во градската силуета доминира и се перцепира деловниот аспект на објектот.
Во текот на изведбата на објектот, се менува урбанистичкиот план со што се лимитира максималната висина и спратност на објектот на П+8, со образложение дека просторот не може да поднесе толкава структура од аспект на паркирање и сообраќај. Проектот се менува и застанува до делот со домување.
За разлика од тие времиња, денес веднаш до оваа локација, се сруши архитектура која беше дел од индустриското наследство на градот, за да одново се дозволи П+16. Не заземајќи став дали е во ред на овој простор да се појават кули или не, дали е ова добра архитектура или не, го споделуваме овој објект со специфично замислена обликовна и функционална композиција.
Ф.К
Автор на статија: marh