Фотогалерија „Херои за еден ден“ / 27.06.2016 – МОБ
28.06.2016 • Изложби
Вчера со почеток во 20:00 часот свечено се отвори изложбата „Херои за еден ден, Навраќање кон три урбани артефакти на словенечките архитекти во Скопје“.
Изложбата одново ги согледува делата на трите словенечки автори/бироа, чии градби во Скопје станаа клучни обележја дефинирајќи „градови во градот“:
-МОБ – Македонската опера и балет како дел на Културниот Центар на Биро 71 (изградена 1972-’81),
-УКИМ – Универзитетскиот центар „Свети Кирил и Методиј“ на Марко Мушич (изграден 1970-’74)
-ПМФ – Природно-математичкиот факултет на Едвард Равникар (изграден 1949-’51).
Истата беше создадена на иницијатива на уметницата Нада Прља и архитект Даниел Серафимовски, како и Амбасадата на Р. Словенија во Република Македонија, како покровител и спонзор.
На отворањето говореа споменатите куратори и организатори, амбасадорот Бранко Раковец, деканот на Архитектонскиот Факултет, Минас Бакалчев како и проф. Влатко Коробар. Се истакна важноста и посебноста на објектите – тема на разработка, нивната вкоренетост во скопската матрица и придонесот за домашната архитектура.
Покрај отворањето на изложбата, се промовираше и книга посветена на истата, која по симболична цена можеше да ја набават присутните.
На изложбата беа претставени повеќе оригинални архивски материјали ( планови, цртежи, реставрирани модели), новосоздадени парцијални модели на делови од објектите, фотографии, материјали од АФС, материјали од изложбата „Навраќање на постземјотресната обнова на Скопје, како и дела на македонските уметници Никола Узунов и Јане Чаловски.
Во соработка помеѓу АФС и Амбасадата на Р. Словенија се додели награда „Едвард Равникар“ за најдобар студентски проект од летниот семестар 2016, која ќе им овозможи на наградените да ја посетат Љубљана и делата на големиот словенски архитект.
Низ фотогалерија ви пренесуваме дел од атмосферата од вчерашното отворање, со желба да ве заинтересираме да ја посетите. Изложбата ќе трае до крајот на месецот.
Фото: Борис Јурмовски
Ф.К
Автор на статија: marh