Административна зграда за Општина Аеродром / ШаркА

Меѓународен тим автори:

Д-р Ива Петрунова

М-р Димитар Чорбаџиев

Тимот архитекти од Брисел – Де Стрип:

М-р Филип Момиќ

М-р Моxамад Хамаш

 

 

СТАВ | ИДЕЈА

 

Анализирајќи го севкупниот скопски контекст на моментална урбана состојба и актуелната хиперурбанизација, овој тим зема поголема слобода, (секако, на сметка на успешноста на проектот на конкурсот) пред се со цел да го покаже својот став и насоката како би требало да изгледа не само зададената локација, туку и односот кон/во градот! Проектот се јавува како реакција на урбанистичките планови кои ја минимизираат важноста на објектите од јавен интерес и јавниот простор, додека приоритет даваат на станбен, комерцијален и деловен простор.

 

Појдовна точка 

 

Ставот е дека оваа општинска зграда треба да претставува центар на општина Аеродром и како таква треба да е доволно автентичен и повеќенаменски објект, кој се вклопува во околниот контекст и вклучува дополнителни содржини, достапни за граѓаните, а притоа го негува социјалниот и културниот дух на местото!

 

Квалитети на локалното опкружување

 

Општинската зграда би требало да има отворен јавен простор (мал плоштад) кој би можел да се користи за повеќе намени, би го олеснувал и подобрувал пешачкиот пристапот кон општината, би создавал врска со околината и би ги акцентрал и зголемил граѓанските, демократските вредности. Овој проект претставува коментар за планот на локацијата и го акцентира како приоритетно општото добро преку создавање не само на општинска зграда, туку и препознатливо место кое поттикнува позитивни вредности. Затоа, проектот „ШаркА“ се протега на моментално целото неизградено земјиште: на државното земјиште предвидено за општинската зграда и просторот зад неа, предвиден за деловни намени. Просторот за деловниот објект со својата издолжена форма и дозволена височина од 28 метри, има потенцијал да се изгради во крут масивен блок, кој изграден во иднина би ги спречил воздушните струења и би создал дополнителна непријатна и клаустофобична атмосфера, за која дадената локација, а и градот немаат капацитет! Со оглед на непосредната близина на деловни и трговски центри, и дехуманизираната армосфера на локацијата, потребата за паркови и зеленило во градот и покрај булеварите; новите урбанистички трендови и секако почитта на околниот контекст и архитектонскиот континум, овој тим својот проект свесно го постави на моментално целиот неизграден простор.

 

Ситуација со отворено приземје

 

ПРОЕКТ | КОНЦЕПТ

 

Проектот „ШаркА“ претставува јавен објект, односно административна зграда на Општина Аеродром. Името на проектот „ШаркА“ произлегува од зборовите: шума (алудирајќи на моменталниот светски тренд – урбани шуми), парк (тоа што е потребно за граѓаните на градот Скопје) и „А“ како името на општината – Аеродром. Лоциран на агол на крстосница, во локација опкружена со висококатници и булевари, се појавува потребата од креирање на зелен, одржлив, инклузивен, социјален и повеќенаменски простор, кој не би бил наменет само за вработените во општината, туку и за сите граѓани.

Амбиентален одговор на локалните социјални вредности

 

Приземјето и партерното решение се обединети во еден и единствен течен простор, низ кој граѓаните лесно би можеле да се движат и да поминуваат. На овој начин движењето не се ограничува само преку тротоарите и влезовите, туку е флуидно (слободно тече) низ целата локација, која истовремено преставува и јавен социјален простор, отворен за движење и комуникацијата. Партерот содржи локално високо зеленило, кое го намалува звучното и воздушното загадување од околните булевари. Решението се повикува на концептот на слободно пешачко движење, типичен за плочниците помеѓу станбените згради во општината изведени при оригиналните планови за населбата Аеродром. На тој начин, концептот на проектот „ШаркА“ произлегува од локалната архитектура и моменталните потреби на општината и истите ги обединува во ново решение, креирано според светските принципи на одржлива, хумана и зелена архитектура. Овој проект го истражува концептот на симбиоза помеѓу објектот и потенцијалното содзавање на урбана шума, како современ концепт за заштита на животната средина и борба против климатските промени.

 

Основи и пресеци

 

ФОРМА | ПРОГРАМА

 

Објектот е поделен во два, меѓусебно поврзани делови. Првиот е издолжен блок со слободно призмје, кој преку ходник се спојува со вториот дел составен од три меѓусебно поврзани кубуси. Ваквата форма произлегува од природната зададеност на локацијата, односно од потребата оптимално да се искористи сончевата светлина.

 

 

Просторите кои ги создаваат кубусите во приземјето се обликувани да создаваат мали и разнолики градини, кои го подобруваат биодиверзитетот на самата локација и би претставувале и интимни катчиња за релаксирање на вработените во општината, како и граѓаните и минувачите. Во таа смисла, целта е овој објект да не е само административна зграда, туку да претставува активен простор за сите граѓани во текот на целиот ден, со содржини кои би ја гарантирале безбедноста и социјализацијата и во вечерните часови (како на пример: кино проекции, скејт парк, дневна детска грижа).

 

 

За таа цел објектот преку слободното приземје и партерното уредување, ослободува простор за различни социјални активност, како на пример кино-проекции на отворено во летно време, шетање, одмарање, детска игра, рекреација.

 

Слободниот покрив на објектот и корвната градина ги продолжува истите функции само на повисоко ниво до кое лесно се пристигнува преку надворешните, вертикални комуникации кои овозможуваат пристапност до било кое ниво, без притоа да се влегува во самиот објект. Истиот нуди можност и за социјална активност на отворено, рекреација, како и урбано градинарство и слични одржливи концепти.

 

Внатрешното решение претставува јасен и едноставен економичен простор со природна светлина и вентилација и ги вклучува сите содржини побарани во проектната програма.

Изгледи

 

МОЖНОСТИ ЗА ВО ИДНИНА |

 

Дополнително, проектот „ШаркА“ нуди четири урбани квалитети и принципи:

  • Замена на простори: подземната гаржа нуди дополнителни паркинг места за жителите од околните згради со цел проширување на зелената површина од партерот на сметка на соседните приземни паркинг простори.
  • Економска оправданост и локална креативност: кубусните волумени претставуваат едноставни објекти за изведба, а дизајнот на истите може да биде создаден од различни локални проектански бироа, со цел да се потенцира диверзитетот и креативноста.
  • Иден развој: доколку во иднина се појави потреба од дополнителни простории, источната страна од локацијата нуди можност за додавање на волумен со идентични димензии и поставеност на веќе предложените. На тој начин се задржува концептот и духот на решенито и покрај евентуално додавање на нови простории (доградба).
  • Разлевање и додавање на квалитети: еден објект треба контекстуално да се поврзува со околината и не смее да прерасне во „затвореник“ на градежната линија.

Овој проект одбива да биде изграден од „крај до крај“ во рамките на градежната линија и остава слободен простор за граѓаните, природата и општото добро во населбата! На овој начин испраќа порака за демократско општество и слободно движење, повеќе зелен, антропоморфен и хуман простор кој го чува „духот на местото“ и силно се поврзува со идентитетот на граѓаните! Со ваквиот пристап се покажува значењето на местото и објектот и нивната улога во создавање на здраво општество!