Алтернативни модели на урбано живеење во пејзаж / Aндонова
08.05.2021 • Студентски проекти
Автор: Елена Андоновa
Mентор: вон.проф.др.Марија Мано Велевска
Година: 2019,
Образовна установа: Архитектонски Факултет,Скопје,Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј’’
Урбаноста како карактеристичен начин на живеење може да се согледа од три емпириски перспективи:
1.Физичка структура во чиј состав има население- технолошки и еколошки ред;
- Систем на социјална организација со одредена социјална структура- социјални институции и типични обрасци на социјални однесувања
- Збир на однесувања и идеи- карактери кои се ангажираат во типични форми на колективно однесување и се субјекти на карактеристични механизми на социјална контрола.
Дефинирањето на една заедница како урбана исклучиво врз основ на големина и бројност е арбитрарна. Не е тешко да се докаже дека заедници со помал број од арбитрарно зададениот кој посочува на урбаност, а кои се во близина и под влијание на метрополитански центри, имаат поголемо право да бидат признаени како урбани отколку бројно поголеми заедници во доминантно изолирана средина.
Сѐ додека го поистоветуваме урбанизмот со физичкиот ентитет на градот, како ригиден обележувач на просторот, и сметајќи дека сите урбани атрибути престануваат да бидат манифестирани по премин на арбитрарна гранична линија нема да добиеме соодветно поимање на урбаното како начин на живеење.
Ситуација
Во овој труд се разгледуваат можностите за развивање на периурбаната зона преку нов модел на урбано живеење на североисточниот раб на град Скопје, каде архитектурата и пејзажот се обединуваат во единствен просторен и програмски гест.
Како продолжување и продлабочување на задачата на предметот интегративното студио Обрасци на раст-Неприродни екологии, 2017 година, (под менторство на вонр.проф.д-р Велевски, вонр.проф.д-р Мано Велевска и Никола Ѓоргиевски,миа) каде на североисточниот раб на Скопје беше поставена лента на урбани перформанси како метод за контролирање и дефинирање на урбаниот раст, овој магистерски труд се занимава со алтернативните модели на урбано живеење преку решавање на трите простори во човековото секојдневие: 1. Дом – простор за одмор, 2. Работа – простор за економски ангажман, и 3. Слободно време (leisure) – аморфен простор за создавање на социјални врски и идентитет. Тежнеењето кон нив како три дистинктивни сфери (на кои се темели човековата средина) е загрозено со забрзаната урбанизација, како и со географската и економската мобилност, што доведува до состојба во која трите колабираат во една. Како резултат на тоа, се појавува нов, алтернативен модел кој е и дом, и работа, и простор за слободно време (leisure).
Овој магистерски труд го истражува квалитетот на секојдневното урбано живеење како боравење, работење, интеракција, реафирмирање на социјалните врски, зајакнување на идентитетот на заедницата итн. во алтернативни модели. Тој поаѓа од самиот поим за урбано живеење и урбаниот перформанс, а посебен акцент дава на поливалентноста на урбаното живеење и можноста за преклопување на овие сфери во едно место наспроти конвенционалните модели на дистинктивни зони/типологии. Магистерскиот труд ги истражува алтернативните модели на урбано живеење, нивното влијание врз секојдневното урбано живеење, евентуалната промена на границите меѓу јавното и приватното и ќе проба преку овие модели да даде можеби системско решение за контрола на урбаниот раст (како континуирано ширење). Исто така овој труд ќе ги испита релациите помеѓу урбаните модели и пејсажот кој ќе се покаже како основа за специфични програмски и обликовни решенија.
Ситуација
Со смените во политичките системи и општествени уредувања, денешното домување се одликува со се поголем јаз меѓу, од една страна, привремените станари,самохраните родители,хонорарно вработените и ,од друга страна,традиционалните семејни живеења. Турбуленциите низ кои минува домувањето,хегемонијата на семејството во јадрениот облик и приватната сопственост се повик за коренито преобмислување на заедничкото живеење.
Соживотот и соработништвото може да бидат повеќе од привремени решенија заради потреба, тие можат да понудат трајни услови водени од заедништвото и солидарноста. Наместо да се организира како автономна единица,домувањето мора да се осмисли како збир од еднакви приватни,индивидуални простори организирани во однос на заеднички колективни простори.Наместо куќата да претставува олицетворение на приватната сопственост, таа може да биде согледана како систем на колективна сопственост.
Форма
Подемот на самовработување,хонорарна работа,микро-компании,старт ап-и доведоа до слабеење на традиционалното работно место. Бидејќи работниот ден не е повеќе дефиниран ,,од девет до пет,, се губи границата на традиционалната поделеност на домување и работење. Се почесто работните простори се ,,одомаќинуваат,, со дневни соби, кујни,простории за одмор и релаксација со цел да се прикрие работохоличарскиот дух на постфордиското општество. Работата се повеќе се дефинира преку сервилните,неплатени,трудови активности,каде типичните домаќински обврски како што се негата,афективностаи управувањето стануваат норма наместо исклучок.
Пресеци
Студиото Обрасци на раст-Неприродни Екологии ја истражуваше релацијата меѓу современиот град, неговата инфраструктура и неговиот пејзаж. Го следеше феноменот на урбаното како артифициелен продукт,тестирајќи ја потребата за негова реконтекстуализација назад во природата. Како резултат проектот THE STRIPE OF DENSITY создаде контрадикторен, но истовремено функционален модел на неприродна екологија во единствена целина на североисточниот раб на Скопје. Оваа хипотетичка мастер програма не е повторлива низ целата должина на стрипот бидејќи се судрува со различни контексти. Во центарот на стрипот лежи хетерогена густина на намени урбани и пејзажни истовремено нудејќи го метрополитенското искуство, но и пасторалното. Урбаното искуство е дефинирано преку перцепцијата на градот како простор на контрадикции,прагматски кохезии кои придонесуваат до поголема урбана мешавина, правејќи го градот нов општествен згуснувач, многу повеќе од збирштина на изграденото.
Овој магистерски труд ги користи принципите на хетерогеност,густина, општествен згуснувач (social condenser),типичен план итн. во својата интерпретација на урбано живеење во пејзаж.
Урбана соба
Според Рем Коолхас општествен згуснувач е наслојување на празен терен како би се поттикнало динамично постоење на активности и би се произвеле до сега неслучени настани.. Овој термин првпат се јавува во рускиот конструктивизам во 20тите на минатиот век. За да се постигнат колективните начини на живеење (и оние блиски на марксистичката програма) архитектонската професија е гледана како општествен катализатор или како функционална алатка на општествениот конструкт. Според конструктивистите, овој термин е користен за да се дефинираат архитектонски и урбанистички структури кои се од голема важност за општествената транзиција.
На сличен начин типичниот план нуди стратегија за да се замисли празнината со цел да се создаде конгестија и нови форми на организација. Типичниот план е n-тиот план со одземени квалитети и посебности и редуциран на калкулиран сооднос на елементи- обвивка, сервисно јадро, носива рамка. Овој принцип е дел од есејот “Typical Plan” во S, M, L, XL (1995). Есејот се фокусира на хомогеноста на канцелариите на Менхетен во 20тиот век и нивното прогресивно опаѓање заради менувањето на економиите.
Типичниот план треба да биде разбран како технологија, а не типологија, апаратус во кој ќе се одвиваат човековите активности.Тој е неутрален,може да прими секаква програма и да функционира во секаков контекст. Ниту ги попречува ниту поттикнува активностите, оставајќи едноставно да се случат. На кратко претставува архитектура од нулти степен создадена главно од содржини.
Урбана соба 1
Според Коолхас културата на густина е културата на 20тиот век и бара ново разбирање на човековите активности во досега невидени комбинации, како и нови форми на урбанизација.
Водејќи се по принципите на ОМА и користејќи ги сознанијата од интегративното студио Обрасци на раст -Неприродни екологии овој магистерски труд нуди своевиден апаратус, сет на општествени подобности,наместо класично типолошко решение како одговор на проблемското подрачје те алтернативен модел на урбано живеење во пејзаж. Тој генерира урбани искуства користејќи ја густината и хетерогеноста на намените. Алтернативата ја препознава во колективното уредување. Со цел да се прикаже комплексноста на овој апаратус и врските меѓу човекот,урбаното искуство и пејзажот овој труд задава три слоја-слој инфраструктура,слој пејзаж и слој-архитектура (2 потслоја). Линеарната поставеност наговестува одредена оска на движење со цел комплетно восприемање на различните урбани искуства. Полето на интервенција е окулу 45ha со тенденции да се прошири ,додека пак изградената површина е 4,5ha.
Индивидуален простор 1
Архитектурата е сведена на минимум,лишена од сите специфичности со цел да се обезбеди максимум програма. Планот е неутрален, тој може да прими секаква програма и да се прилагоди на секое идно сценарио. План кој дозволува да се случи било каква промена,замена без да се промени првичната хипотеза.
Учејќи од примерите на DOGMA архитектурата е организирана по принципот на колективот.
Овој слој е организиран во 2 потслоја- примарниот-колективен слој кој учествува со 84% те 3,77 ha и секундарниот-индивидуалниот слој кој учествува со 16% те 0,73 ha од изградената површина.
Индивидуален простор 2
Колективниот слој ги содржи тн урбани ,,соби,, (името е зададено заради нивната просторна конфигурација). Секоја урбана соба е задолжена да обавува одредена активност од човековото секојдневие (секоја соба го добива името на генеричката активност која може да се обавува во неа со цел да се остави простор за слободно интерпретирање на начинот на случување на активностите, како и да се избегне класично видување на типолошки простор по стандардните нормативи на проектирање на истиот)
-соба за променада
-детска соба
-соба за работа
-соба за јадење
-соба за пазарување
-ботаничка соба
-соба за изложување
-соба за перформанс
-соба за читање
Мешавината и неодреденоста на активности кои би се случувале во собите би биле општествениот згуснувач кој ќе му ја даде урбаноста како карактеристика на овој проект.
Секундарниот слој,индивидуалниот простор, те домувањето е сведено на минимум обезбедувајќи ги само основите човекови потреби. Тој содржи два модела, каде едниот со површина од 20,8 м2 е погоден за еден до два корисника, додека пак вториот е со површина од 41,6 м2 е за тро/четворочлено семејство. Мултипликацијата на овие модели ( првиот модел од 20,8 м2 поставен кон урбаната соба, вториот модел од 41,6 м2 добива поголем степен на приватност), каде има 12 модели од првиот тип и 2 од вториот ја дефинираат крстовидната форма која е повторлива 22 пати. (обезбедува должина од 400метри)
Овие крстовидни форми во однос на просторната конфигурација учествуваат како ,,ѕидови,, кои ги оформуваат урбаните ,,соби,,. Домувањето има капацитет за 396-704 корисници. На секој корисник му следуваат 18 м2 те 10 м2 (индивидуалниот простор по стандардни нормативи од 25-30 м2 е намален на сметка на колективниот).
Моментално проектот брои 10 урбани соби заради обезбедување на пријатна пешачка дистанца од најсеверната до најјужната соба.
Линеарната оска север-југ е поставена со цел да се укаже на тенденцијата на неконтролираното урбано ширење на оската Радишани-Сингелич (укажано на анализата во графичкиот дел на лист бр.4) како и да се обезбеди пристап до двете езера.
Визуелизации
Пристапот до урбаните соби и домувањето е обезбеден преку новопланирана собирна улица 10 со ширина од 10.5 метри (според УПЗВНМ СРЦ Гази Баба) која се надоврзува на север со градската магистрала од обиколницата, а на југ со собирна улица од примарна сообраќајна мрежа (според ГУП на град Скопје). Автомобилскиот сообраќај е сведен на минимум од еколошки причини,а посетителите и жителите своите возила би ги оставале на паркиралиште (каде што има обезбедено точно толку простор колку што е потребно според нормативите за определување на број на паркинг места како планска одредба согласно предметната локација). Обезбедена е двосмерна улица со ширина од 7 метри за возила со специјална намена (брза помош, пожарна и полиција) на западната страна. По периметарот на изградената површина се наоѓа двосмерна велосипедска патека со ширина од 1,5 метри. Со поставување на паркиралиштето на северната страна, се наметнува оска на движење север-југ како би се искусиле во целост урбаните соби те урбаните искуства. Врската со езерото на источната страна е остварено со пешачки патеки со ширина од 1,8 метри. Додека пак преминот од ,,соба,, во ,,соба,, е преку ,,ходник,, чиј обод се ,,ѕидовите,, од домувањето.
Пејзажот во овој магистрески труд има три улоги
- од еколошки апсект те деконтаминација на областа за оживување на продуктивноста на пејзажот и биодиверзитетот и оддржување на истата состојба во иднина
- агрикултура
3.можно системско решение за неконтролираното урбано ширење
Кон еколошкиот аспект и обидот за системско решение на неконтролираното ширење е пристапено со пошумување на непосредната околина, но со вегетација која учествува во процесите на фиторемедијација (ниската вегетација е составена од сончоглед, синап и дива зелка, високото зеленило – дрвјата топола и врба во пределот на езерата, даб ,липа и брест, кои имаат поголема абсорбирачка моќ поради длабочината на нивниот корен итн.)
Локацијата е со доминантна намена земјоделие и се наоѓа во периурбаната зона на Скопје.Во агрикултурата се користат нови методи на одгледување на храна – хидропоници и аеропоници кои овозможуваат растење на различни култури во вода и воздух без користење на почва. Со овие методи се избегнува користењето на контаминираната почва (барем додека фиторемедијацијата не се покаже како успешна), но и се заштедува на простор заради начинот на организација на системот на поници. Обезбедена е површина од 5760 м2 за системот поници. Пониците се поставени кон надворешните страни, од една страна врзувајќи се со фиторемедијативната шума, од друга со урбаните соби.
… ceci n’est pas une ville urbaine …
Играта на зборови, “Ceci n’est pas une pipe.”, од познатата уметничка слика на Рене Магрит (René Magritte)-,,Предавството на сликите’’ (La Trahison des images) е искористена да се укаже на отсуството на една и единствена дефиниција за овој проект. Следејќи ги моменталните трендови на миграции, физички урбани ширења,контраурбанизација итн, периурбаните зони те рабовите на градот се идните предизвици на урбанистичкото планирање. Прашањето како да се воведе урбаното искуство во овие зони е одговорено (делумно и безмалку утопистички) во овој проект. Со напуштањето на класичното зонирање по намени и одбивањето кон класична типизација како и стремежот кон колективот,а не индивидуата овој проект претставува своевиден апаратус кој преку просторните принципи на општествен згуснувач, нулти план, минимална архитектура максимална програма итн. го носи урбаното искуство на работ на градот (во пејзаж). Заради минливоста и менливоста на поимањето на што е тоа урбано, овој проект е способен да претрпи секакви измени, без да му се промени првичната хипотеза.
Автор на статија: Filip Koneski
Алтернативни модели на урбано живеење во пејзаж / Елена Андоновa