Француските воени гробишта во Скопје

Година: 1926

Автор:  /

Локација: до амбасадата на САД во Скопје

Користени извори : www.frontorient14-18.org

Фото: Филип Конески

 

Местоположба на гробиштата

 

Француските воени гробишта од Првата светска војна во Скопје се лоцирани во близина на Амбасадата на САД,  над Спортско-рекреативниот центар Кале.

Формирани се во 1926 година. На  овие гробишта се погребани останките на 2.930 француски војници, од кои само 930 имаат име. Меѓу овие војници, покрај Французи има војници  и од Мароко и Сенегал кои биле дел од француската војска.

 

 

Гробиштата се позиционирани на терен во пад. Истите се организирани во четири надолжни парцели, разделени и обиколени со пешачки патеки исполнети со ситен песок. Организациониот концепт ја запазува симетралната поделба  на просторот со што се добиваат поенти во просторот, односно визури кон платото каде се поозиционирани споменичното одбележје и општите гробници.

 

 

Низ централно поставена порта, преку скалишна алеја со дрворед се пристигнува кон одбележјето, додека двете странични патеки водат кон истотипските гробници.  Од највисоката точка се простира пријатна глетка кон Скопје и Водно. Од спротивната страна се пристапува преку големото скалиште.

 

Централиот портал со алејата и дрворедот

 

Спомен одбележјето е во духот на класичните стилови, карактеристични за еклектичниот период. Антиката како паралела е неизбежна.

 

 

На крупен базис, поставени се четири столбови со јонски капители, над кои имаме завршница со архитрав, фриз и корниз. Над  покривните елементи се издига скулптурно факел со запален вечен оган.

 

Спомен одбележјето како поента во просторот

 

 

Гробиштата се заградени со бетонска ограда и во нив се влегува од левата страна во близина на резиденцијалниот објект во кој живеат луѓето кои ги одржуваат гробиштата. Комеморации на овие гробишта вообичаено се одржуваат на 14 јули – националниот празник на Република Франција и 11 ноември денот кога заврши Првата светска војна.

 

Општа гробница

 

Просторот хортикултурно е уреден со тревници, ружи покрај секој гроб, и алеи со лаванда. Патеките се чисти и уредени, со поставени клупи во современа стилска форма. Централно се простира дрворед од зимзелени насади кои се единствени високостеблести растенија во просторот.

 

Хортикултурно уредување и урбана опрема

 

Музејот

 

Спомениците, гробиштата и костурниците од перидот на Балканските војни и Првата светска војна во Македонија ги има во голем број. Тие за жал одбележуваат еден од најтешките историски периоди за македонскиот народ и  Македонија,  поделбата на нејзината целовитост од етнички, историски и географски аспект.

 

 

Сепак цивилизациската големина на овој народ е да ги почитува останките на загинатите дури и повеќе од гробиштата и спомениците на своите жртви за татковината.

 

 

Француските гробишта се во одлична форма, чисти и уредени дотаму што има постојано ангажирано семејство да се грижат за истото. Но, надвор од парцелта она што влегува во делот на јавните простори, повторно ја покажува нашата негрижа за јавниот простор како општество.

Импозантните скалници кои водат од јужната страна кон споменичното одбележје на гробиштата се руинирани и прашање на време е кога целосно ќе пропаднат.

 

 

 

Скопје поседува чудна лесна игнорантност кон архитектонското и споменично наследство од периодот меѓу двете светски војни.