Aнализа на активни урбанистички планови за развој на градот Велес / Арсовски

Планскиот концепт за развој на просторот во рамките на опфатот се темели на важечкиот Генерален урбанистички план за градот Велес, на постојните просторни услови на локацијата, како и на принципите утврдени со релевантните закони и правилници. Спроведената инвентаризација укажува дека во рамките на опфатот веќе се присутни зони за домување и индустриска намена, кои го оформуваат основниот урбанистички карактер на подрачјето.

Со оглед на тоа што за овој простор не е донесен Детален урбанистички план, неопходно е да се пристапи кон систематска анализа на локацијата. Целта е да се утврди логично и функционално позиционирање на наменските целини, како и да се воспостави јасна просторна организација која ќе обезбеди усогласен развој, хуманост на средината и рационална искористеност на потенцијалите на просторот.

 

Биланс на површини на ГУП

 

Предвидениот главен влезно-излезен мост во Генералниот урбанистички план од 2000 година е позициониран на неповолна локација за реализација на коловозно-пешачка врска. Тоа го потврдува и фактот дека, и покрај изминатиот долг временски период, мостот сè уште не е изграден. Основната причина за ова е значајната висинска разлика помеѓу двете страни на реката: од страна на населбата Речани теренот е значително понизок во однос на спротивната точка каде е предвидена котата на мостот. Оваа диспропорција ја прави реализацијата конструктивно сложена и финансиски неисплатлива.

Во претходниот ГУП на Велес, мостот е проектиран на начин кој не ја следи логиката на теренот и не го поддржува природниот сообраќаен тек. Пресекот покажува дека постои висинска разлика од околу 15 метри помеѓу котата на мостот и теренот, што дополнително ја усложнува неговата конструкција. Како што истакнуваат и претставници на Општината: „реализацијата би барала значителна инвестиција што во моментов е тешко изводлива“.

Со новиот предлог-Генерален урбанистички план изработен во 2008 година, оваа нелогичност е препознаена и е предложена алтернативна поставеност — воведување на уште еден дополнителен мост од понизок ранг, чија позиција се усогласува со теренските услови и со реалниот сообраќаен проток. На овој начин, мостот станува остварлива и функционална врска, а не инфраструктурна идеја без практична изводливост.

 

Извод од ГУП, Измена и дополна на Сообраќајната мрежа / ГУП, плански период 2000-2018г

1.Измена и Дополна на ГУП за нов Соораќајниот план за град Велес, плански период 2008-2018г

2.Урбани блокови на ГУП за град Велес кои се дел од планскиот опфат, плански период 2000-2018г

 

Во разговорите со проектантите кои работеле на Генералниот урбанистички план, од „Агенцијата за планирање на простор“, беше истакнато дека изработката на ГУП била неопходна и дека поради притисок од рокови биле принудени истиот да го изготват во исклучително краток временски период. Како резултат на тоа, голем дел од новите решенија — како што се поставувањето на нови наменски зони, магистрални и собирни улични коридори — биле донесувани брзо и механички, без изработка на сеопфатни анализи за градската структура, динамиката на раст и специфичностите на локалниот контекст.

Имајќи предвид дека ГУП претставува основен документ за идниот просторен, економски и социјален развој на градот, неговата ревизија е од круцијално значење. Потребно е изготвување нов план кој ќе овозможи поцелосно, аналитичко и контекстуално позиционирање на новиот влезно-излезен правец на Велес и неговото интегрирање во пошироката урбана рамка.

Процедурата за ревизија веќе е формално започната, но се одвива со бавно темпо. Општината доби ажурирана геодетска подлога и овозможени услови за изработка на нови плански решенија, при што опфатот на градот е проширен во рамките на новиот ГУП. Од Конзерваторско-реставраторскиот центар е доставен Елаборат со целосен регистар на објекти под заштита на културно наследство, што претставува важна основа за понатамошно планирање.

Во тек е процесот на преиспитување и прецизно позиционирање на новите културни, јавни и функционални содржини на ниво на градот, со цел создавање усогласен, хуман, културно свесен и одржлив урбан развој.

 

Приказ на податоци од за урбани блокови на ГУП на блоковите кои се дел во планскиот опфат за разработка.

 

При уредувањето на просторот е земена предвид намената на површините и нивната рационална искористливост, со цел да се зачуваат основните принципи на квалитетно живеење и хуманизација на урбаното ткиво. Балансот помеѓу изграденото и природното е обезбеден преку соодветно дефинираниот процент и коефициент на искористеност, внимателната диспозиција на објектите, како и преку прецизното одредување на нивната површина, катност и висина. На овој начин просторот се организира на начин што овозможува функционалност, хармоничност и долгорочно одржлив развој.

 

ГУП / Актуелен ДУП на дел од населба Речани, 2000-2005г / ДУП на „Градскиот парк“ 2016г Извор: Општина Велес

 

Овој актуелен Детален урбанистички план има особено значење за населбата Речани, бидејќи претставува единствениот ДУП донесен во изминатите дваесет години. Реализацијата на планот веќе е започната, но само во одредени сегменти, што ја нагласува потребата од негово континуирано и систематско спроведување.

Планската структура се надоврзува на улицата „Скопски пат“, која иако се наоѓа во лоша состојба, има клучна функција на градска обиколница: таа ги поврзува двата главни влезно-излезни правци во градот, меѓусебно оддалечени околу 9 километр. Велес, како град без развиена градска магистрала, функционира преку систем на собирни улици со еднонасочно движење во две ленти, што создава ограничувања во проточноста и мобилноста. Дополнително, забележлив е хроничен недостиг од паркинг-простор и во централното градско подрачје и во старото градско ткиво.

Во рамките на овој урбанистички план е предложено рационално и континуирано решение: поставување на коловозно-пешачки мост кој логично се интегрира во новиот урбанистичко-архитектонски предлог. Овој мост, кој ја преминува природно формираната ада во коритото на реката, воспоставува нова физичка и визуелна врска помеѓу градскиот парк и населбата Речани. Од таму, дополнително се надоврзува на улицата „Скопски пат“, со што се овозможува директен пристап до двата главни влезно-излезни правци на градот.

Со ова, мостот не претставува само инфраструктурен објект, туку стратегиски урбанистички елемент кој воспоставува ново читање на просторот — поврзување, интеграција и повторно активирање на клучните градски и природни точки.

 

Анализи од „План за одржлива урбана мобилност“ (ПОУМ) за Велесг 2019-2030г / Извор: Општина Велес                        

 

Со овој план се предвидува воспоставување на нови комуникациски правци кои би ја унапредиле поврзаноста и проточноста на градот. Планираната обиколница, заедно со мрежата од повеќенаменски патеки — за коловозен, пешачки и велосипедски сообраќај — имаат за цел да создадат пофункционална и поодржлива мобилност. Дополнително, поставувањето нови мостови кон населбата Речани придонесува кон проширување на градската структура преку природен развој, без агресивно нарушување на постојниот пејзаж.

Во таа рамка се предвидени и станици за споделување и паркирање на велосипеди, што претставува значаен чекор кон стимулирање на алтернативни, еколошки одржливи форми на движење и активен урбан живот.

Сепак, останува отвореното прашање: зошто ваков план, и покрај неговата визија и јавна корист, не е започнат со реализација? Причините најчесто се наоѓаат во спојот на институционална некоординираност, недоволна финансиска приоритизација, како и отсуство на стабилен механизам за меѓусекторска соработка. Планот, во суштина, не ја губи својата важност — тој останува потсетник дека градот има потенцијал да се развива во насока на поголема поврзаност, одржливост и човечка мерка. Прашањето е кога општествените услови ќе созреат за негово спроведување.

 

Позиција на западната обиколница на Велес и Предложен е новиот влезно изезен мост на градот Велес „План за одржлива урбана мобилност“ (ПОУМ) за Велесг 2019-2030г.

 

Анализа на централната локација во Велес

Зелените површини долж коритото на реката Вардар претставуваат значаен, но во голем дел недоволно уреден природен ресурс. Вегетацијата е хетерогена — делумно развиена спонтано, со присуство на густа и ниска зелена маса која го носи белегот на запуштеност, но воедно и на природна автентичност. Во спротивност, оформеното и култивирано зеленило во рамките на Градскиот парк претставува конзистентен урбан пејзаж и служи како силна референтна точка за понатамошно архитектонско-урбанистичко промислување.

Во таа насока, предлогот за воспоставување нова влезно-излезна врска на градот преку изведба на мост овозможува логично и чувствително надоврзување кон постојниот парк. Новиот мост не само што би ја подобрил функционалната поврзаност, туку и би го збогатил просторот со дополнителни јавни содржини, создавајќи континуитет меѓу урбаното и природното.

 

Анализа на природната зелената зона по течението на река Вардат споредбено со Планираното корито на реката Вардар со претходниот ГУП

 

Посебно значајна е природната ада во коритото на реката, која поради својот карактер и позиција нуди исклучителен потенцијал за поставување на внимателно дизајнирани урбани елементи. Во рамките на овој простор, предвидувањето монтажна структура – видиковец – би овозможило нова перспектива на доживување: набљудување на природниот пејзаж и градската силуета од една централно издвоена и благородна точка, која би станала место на созерцание, собирање и дијалог меѓу човекот и просторот.

 

 

 

Автор: Кристијан Арсовски