Aрхитектонско-урбанистичка анализа во функција на ревитализација на Студенчишко блато / Тетрактис

Ви ја претставуваме анализата за ревитализација на Студенчишко Блато на студиото Тетрактис. Иако планот беше критикуван поради предложената марина во загрозената еко-зона, тој нуди неколку аспекти за подобрување на нејзината моментална ситуација. Анализата предлага отварање на канали кон езерото, заокружување и интегрирање на заштитената зона, како и активен пристап и промовирање на драгоцениот еко-систем.

Сепак, ова е далеку од идеен проект. Неговата главна цел е отварање на дискусијата за идниот урбанистички пристап кон оваа природна зона, која полека е проголтувана од градот Охрид. Ваквите анализи, предлог-проекти и професионални дискусии се нужни за изнаоѓање на квалитетни урбанистички решенија насекаде, а сепак се толку ретки помеѓу македонските архитектонски и урбанистички студија.

 

Погледнете го целосниот проект презентиран од студиото Тетрактис:

 

 

 

 

Природните блата како еко системи за прочистување претставуваат природно богатство каде што се развива и живее особено важна флора и фауна.

 Студенчишко Блато е едно од ретките природни блата на територијата на Р.Македонија и истото се развива по крајбрежјето на Охридското езеро. Ова влажно подрачје поминало низ постепено сушење и деградација предизвикано од лоша и несоодветна урбанизација која го попречува неговото функционирање. Блатото Студенчишта е валоризирано како природен феномен сочуван со милениуми каде живеалиште наоѓаат многу растителни и животински видови, инсекти и ендемски видови растенија. Во моментов остануваат само околу 50 хектари мочуриште и тие се соочуваат со целосно уништување заради непрописно планираниот развој на урбанизмот и туризмот.*

Предмет и цели на овој проект претставува ревитализацијата на Студенчишко блато, овозможување на негово природно функционирање заедно со воспоставување на одржлив економски модел на содржини кои се насочени кон развој на локалитетот, парковско уредување, актуелизација на наутичкиот туризам во Охрид (Марина) и развој на културниот живот во градот.

*Референци: Интегрирана студија за состојбата на остатокот од Студенчишкото блато и преземање мерки за негова ревиталцизација. Стр. 97-99

 

 

 

 

  • АНАЛИЗА

Согласно карактерот на локалитетот, направена е анализа на постоечката локација и разгледани се мерките кои треба да се превземат за ревитализација на блатото, уважени од претходно извршени студии обработувајќи ја оваа проблематика.

Со цел да се ревитализира и повторно оживее Блатото, најважно е пред се да се обнови преку расчистување од досега наталожениот шут и од несоодветната урбанизација. Следниот чекор е враќање на водата во Блатото и врската со Охридското Езеро, која во моментов е прекината со појасот на шетачката патека, плажите и угостителските објекти на крајбрежјето.  Како елемент на самоодржливост во блатото потребно е да се вратат луѓето, односно да се внесе некој вид на атракција и можност за едукација на локалитетот.

 

 

 

  • РАСЧИСТУВАЊЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ОД ПОСТОЈНИТЕ ОБЈЕКТИ

Како една од најважните чекори за расчистување на локацијата би било дислокацијата на објектите на АРМ и Полицијата кои се лоцирани токму во најчувствителниот дел на површината на Блатото.             

Расчистувањето продолжува во делот од површината на блатото кое припаѓа на приватизирани имоти од кои мал дел содржат градежен зафат а останатите се земјоделски обработливи површини.

Како неопходен дел за заживување на ткивото на Блатото е и физичкото расчистување од наталожениот отпад и шут .

Потребата од угостителските објекти долж пешачката зона не би ја оспориле, но нивното функционирање, начинот на работа и експанзија би се регулирале со нова регулатива наменета за специфични подрачја како што е Блатото.

За подобрување на квалитетот на просторот неопходно е и ново сообраќајно решение кое ќе го ограничи движењето на моторни возила во една дозволена зона која нема да штети на блатниот систем. Таа зона ја сместуваме во првиот појас под Булеварот Св. Наум Охридски , каде ќе има капацитет да се паркираат доволно возила за сите посетители на локалитетот. Паркинг зоната ќе се искористи и како заштитена зелена танпон зона помеѓу прометниот булевар и блатото.

 Пешачкото движење ќе се одвива периферно околу блатото и дополнително ќе биде олеснето преку туристички електрични вовчиња кои нема да ја загадуваат околината а ќе ја задоволат потребата на одредени посетители да се превезат по рабовите на локалитетот.

 

 

 

 

 

  • ВЛЕЗ НА ВОДА ВО БЛАТНИОТ СИСТЕМ

Како природен процес за остварување живот на сите растителни и животински видови во Студенчишко блатото потребна е водата од Охридското езеро. Врската помеѓу езерото и Блатото е прекината и поради тоа Блатото се суши и постепено изумира.

Нашиот пристап за враќање на водата во блатото е преку ископување на канали – далјани кои ќе понираат од езерото кон блатото под пешачката зона и ќе овозможат непрекината константна врска на езерото и блатото.

 

 

 

 

  • ИЗГРАДБА НА МУЛТИФУНКЦИОНАЛЕН ОБЈЕКТ

Студенчишкото Блато, по извршените интервенции за негово расчистување, би требало да се оформи како природен и едукативен музеј каде што ќе биде претставена неговата флора и фауна, ќе се информира и едуцира јавноста за неговата важност и ќе претставува еден оформен проект кој ќе ја дополнува општинската инфраструктура и туризам.

За таа цел се предлага изградба на минимален мултифункционален објект кој би ја имал улогата на музејска, информативна и едукативна институција, сместен во источната зона на локалитетот.

Овој објект како архитектонски потег, се предвидува да биде целосно вкопан и со “невидлив” лик „претопен“ во околината со цел да кореспондира со средината во која се наоѓа.

Како екстензија на Музејскиот објект се предвидува и надворешна прошетка низ блатото која би била строго контролирана поради заштита на природниот хабитат на постојната флора и фауна.

 

 

 

 

 

 

 

 

  • МУЗЕЈ НА ОТВОРЕНО – ПАТЕКИ И ПЛАТФОРМИ ЗА НАБЉУДУВАЊЕ

На музејскиот објект предвидено е да се надоврзуваат патеки и платформи кои ќе овозможат набљудување на блатото и увид во хабитатот на постоечката флора и фауна како и нејзиниот развој од блиску, ќе формираат една музејска поставка на отворено, секако строго контролирана и пристапна само преку музејот.

Платформите и патеките би биле изведени од дрвена конструкција, а нивната трасата би била поставена во консултации со експерти со цел да не се наштети функционирањето на блатото и на сите животни проеси што се случуваат во него.

 

 

 

  • ДИСЛОКАЦИЈА НА ПЛОВНИ ОБЈЕКТИ ОД ПОСТОЕЧКИОТ КАНАЛ И ЛОЦИРАЊЕ НА НОВА МАРИНА

Моменталната состојба на Каналот – некогашната Студенчишка река, е презаситена со пловни објекти за кои се јавува реална потреба од формирање на марина на Охридското крајбрежје. Поради чувствителната локација на овој канал – во најделикатниот предел од блатото, предвидуваме негово расчистување и враќање во функција на блатото.

Новопредвидената Марина се лоцира на југозападната страна на Студенчишта, на постоечкото земјоделско земјиште и преставува круцијален и интегрален дел од зафатот. Приодот до марината е од постоечкиот пат, на долниот крај од локацијата кој  води директно до паркинг простор со посебен влез и објект во служба на Марината. Севкупната интервенција на овој дел ќе биде минимална со сензитивно вреднување на пределот на блатото како и дизајнирана на начин кој нема да ја наруши силуетата на пределот.

При ваквата интервенција двете целини ќе функционираат без меѓусебно попречување давајќи му на градот функционален центар во однос на езерскиот и културен туризам.

Новопроектираната марина би одговорила на барањата и зголемениот интерес за пловење по Охридското езеро, надградувајки го постоечкиот туризам и развивање на наутички, кој би донел една нова група на домачни и странски туристи.

 

 

 

 

 

 

  • ПАРКОВСКО УРЕДУВАЊЕ, РЕКРЕАТИВНА ПИКНИК ЗОНА И  СПОРТСКО РЕКРЕАТИВНИ СОДРЖИНИ

Остатокот од локацијата е третирана како еколошка инфраструктура образувајки парковско зеленило кое го прати теренот кој е во блаиг пад. Оваа инфраструктура прави поврзување на музејот со марината збогатен со содржини како: детски игралишта, спортски игралишта, пикник зона, надворешни справи за вежбање, места со дрвени платформи за одмор и седење итн.

 

 

              

                 
Наследството за градот и неговата цела територија ќе се состои не само од 50ha повторно откриена природа, туку и од широка рекреативна мрежа на патеки и панорамски гледишта. Ќе понуди рекреативни и културни одлики како и развој на наутичкиот туризам на Охридското крајбрежје и туризмот во целост. 

Од авторите

 

 

 

Студиото оддржа презентација на проектот на 07.11.2019 во „Јавна Соба“, која беше проследена со активна дебата и коктел. Во прилог погледнете и неколку фотографии од самиот настан.