Анкета за јавност: „Највело општина во Скопскиот плански регион“

Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи, во соработка со групата ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје – НаТочак, ги повикува граѓаните да ги споделат своите искуства и ставови преку онлајн анкета кои ќе придонесат во изборот на „Највело општина во Скопскиот плански регион“ за 2023 година.

Доколку користите велосипед како превозно средство или пак рекреативно на територијата на Скопскиот плански регион, тогаш оваа анкета се однесува на вас.

Ги повикуваме сите заинтересирани да го споделат своето мислење и со тоа да придонесат во добивање на поверодостојна, релевантна и сеопфатна слика за состојбата на терен.

Преку онлајн прашалникот сакаме да дознаеме колку граѓаните се (не)задоволни од велосипедската инфраструктура и бенефициите за велосипедистите кои се нудат.

Прашалникот се состои од шест категории на кои граѓаните може да одговорат анонимно и за тоа би биле потребни 5-10 минути.

За наградата

„Највело општина во Скопскиот плански регион“ за 2023 ќе биде општината која ќе докаже дека најмногу се грижи за развојот на урбаниот велосипедизам во своите рамки преку четири категории – инфраструктура, политики, буџет и јавна свест.

Според тоа ќе има три категории за највело општина:

  • Највело општина во 2023 според податоците добиени од самите општини
  • Највело општина според јавноста – прво место според јавната анкета
  • Најамбициозна општина со најамбициозен градоначалник за остатокот на градоначалничкиот мандат

*Наградите во вид на плакета ќе бидат изработени од рециклирани материјали, во рамки на Столарската едукативна работилница.

Покрај онлајн анкетата, во предвид ќе се земат и одговорите на самите општини од Скопскиот плански регион до кои беше испратен формулар со прашања за инвестициите и активностите што ги презеле на ова поле, како и барања за информации од јавен карактер до Министерството за внатрешни работи поврзани со безбедноста во општините.

 

 

 

Позитивните страни на користењето велосипед се бројни и веќе докажани. Со возење велосипед, емисиите на стакленички гасови се намалуваат за дури 91% во споредба со возење автомобил.

Сепак, развојот на велосипедскиот сообраќај во Скопје и околината се одвива премногу бавно и неодговорно во однос на климатската итност со која тоа треба да биде адресирано.

Проблем е и безбедноста. Според податоците добиени од МВР преку пристап до информации од јавен карактер, во 2022 година дури 128 велосипедисти биле повредени во сообраќајни судири на подрачјето на Град Скопје, а едно лице го изгубило животот. Покрај ова, минатата година, во полиција биле пријавени вкупно 516 кражби на велосипеди на територијата на Град Скопје.

Преку наградата за „Највело општина во Скопски плански регион“ сакаме да бидеме поттик на локалните власти да се стремат кон создавање подобри услови за граѓаните на велосипед. Нешто кое се надеваме дека во иднина ќе прерасне во традиција. А, токму вашите одговори ќе ни помогнат во тоа.

*До анкетата можете да пристапите и преку овој линк: https://shorturl.at/insH2

Или да ја најдете на нашите социјални медиуми Одржливи иницијативи и НаТочак.

 

Лице за контакт:

Мери Бакалова

 

076 486 668

meri.bakalova@inicijativi.org.mk

***

Проектот „Граѓанските огранизации во акција за климатските промени“ има за цел да даде поддршка на силно и живо граѓанско општество што ќе има значајна улога во процесот на декарбонизација, трансформација и обнова на општеството, што би резултирало со чиста животна средина, зелени економии и здрави граѓани во Македонија.

Проектот го реализира Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, заедно со партнерските организации Македонско здружение на младите правници – МЗМП и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе – ЦНВП Македонија, и е финансиран од страна на Владата на Шведска.

За повеќе информации следете ја страницата www.ekosvest.com.mk.

 

Насловно фото >>>