Арапска Куќа, Скопје / Артемушкин, 1938г.
16.02.2025 • ХХ век / I половина

Други називи: Хотел Јадран, Палата Диќиџијан
Локација: ул. Никола Кљусев – сквер „Јадран“, Скопје
Автор: Иван Артемушкин
Сопственици: фамилија Дикиџијан, Рустем Бег, Димитар Влахов, „Македонија Турист“
Година на изведба: 1936 – 1938г.
Извори: публикација „Артемушкин и Скопје“, Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје – сигнатура Диќиџијан Агоп 6.1.315.8/92-190, техничка документација од „Македонија Турист“;
Насловна фотографија: Борис Јурмовски, 2024
Сместен во срцето на Скопје, објектот на Арапска Куќа – познат и како хотел Јадран – е уникатен архитектонски пример скриен меѓу стаклените деловни објекти на малиот плоштад кој и го носи неговото име. Но, многу години пред да стане хотел или воопшто да ги добие неговите денешни називи, овој објект бил познат како домот на семејството Диќиџијан.
Фото: Борис Јурмовски, 2024
Историја
Таа е дело на архитектот Иван Артемушкин, еден од главните градители на Скопје меѓу двете светски војни. Пред 1936 година, тој бил ангажиран од браќата Дикиџијан, трговци со ерменско потекло, познати по производството на свилени шамии во Скопје. Градската легенда вели дека Агоп Дикиџијан ја изградил оваа вила како подарок за својата невеста Агавни.
Инвеститорот нарачал објект што ќе отскокнува од својата околина и вложил огромна сума пари, што е особено видно во внатрешноста, која е исполнета со разнобојни мермери, резби, скулптури и слично. Како посебен детаљ се издвојува уште еден подарок од Агоп, посветен на неговата невеста – резба на вратите од првиот кат, на која се забележува ликот на самата девојка.
Домот на Дикиџијан во својот оригинален контекст
Но, крајот на оваа љубовна приказна не е толку среќен. Агоп умира, а неговата „Арапска куќа“ се конфискува поради тоа што тој немал потомци. Агавни заминува за Марсеј и никогаш повеќе не се враќа во Скопје.
Куќата пак, по сево ова, ја доживува Втората светска војна, неколку промени на режими и низа други животни приказни. Во наредните години ќе биде во сопственост на Рустем Бег и неговата жена Рустикана Натали, а подоцна, за одреден период, во неа ќе живее и Димитар Влахов. Во 60-те години, ќе премине во рацете на „Македонија Турист“, добивајќи нова намена и ново име – хотел „Јадран“.
Објектот го преживува Скопскиот земјотрес од 1963 година и подоцнежната реконструкција, како и брановите на модернизација кои траат до денес. Тој е заштитен како културно наследство, но веќе со години е затворен за јавноста. Има потреба од реновација, што е нормално за објект стар околу 90 години – предизвик кој досега не се покажал како исплатлив за неговите моментални сопственици, „Македонија Турист“.
Арапска Куќа за кратко по земјотресот / извор: Skopje Resurgent, 1970
Архитектура
Парцелата на објектот има форма на буквата „L“, а правоаголниот габарит е сместен во нејзиниот јужен агол. Тој е дизајниран со две фасади – една кон улицата и една странична кон северозападниот дел на парцелата. Во архивите на градот Скопје се среќаваат документи кои ја дефинираат парцелата како аголна, бидејќи тука порано постоела уште една странична улица. Во една од верзиите на Артемушкин, тој дизајнирал трета странична фасада, која потоа се претворила во едноставен калкански ѕид, кој долго време е видлив. Децении подоцна, улицата е затворена, а Арапската куќа добива нов сосед.
Ситуација од техничката документација за оригиналната дозвола за градба / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје – сигнатура Диќиџијан Агоп 6.1.315.8/92-190
Повеќето објекти на Артемушкин, како и на другите архитекти кои градат во овој период во Скопје, се или во стилот на академизмот или раниот модернизам. Додека низ градот среќаваме многу историцистички фасади со неокласицистички, српсковизантиски или арт-нуво елементи, само еден објект се истакнува со ваков ориентален стил, и затоа го добива името „Арапска куќа“.
Дел од творештвото на архитектот Иван Артемушкин
Видливите фасади на оваа зграда се изведени во полихромна декоративна пластика, со игра меѓу светлите и темни геометриски форми, хоризонталните црвени ленти врз жолта основа. Прозорците имаат ориентални прекршени лаци, а покрај скалишниот простор се забележува повеќевисински прозорец со витражна декорација. На фронтот кон улицата, објектот има богато декорирани балкони со столбови и капители, а на оградите се забележуваат специфичните геометриски шари, често присутни во исламската архитектура. Наместо типичното решение на скриен двоводен кров, тука има две кули и венец со запчести завршетноци во форма на крести.
Анализа на фасадните елементи / автор: Н. Чаусидис
Овие карактеристики го сместуваат објектот во таканаречениот псевдо-маварски стил, кој се појавува во 19-тиот век, надоврзувајќи се на арапско-маварската архитектура од Северна Африка и Шпанија.
На Балканот, овој стил најпрвин го воведува австро-унгарската власт на териториите на Босна и Херцеговина. Тие сакаат да создадат нов национален архитектонски стил кој нема да содржи асоцијации ниту со претходното османлиско владеење ниту со околните словенски влијанија, а сепак ќе се поврзе со претежно муслиманското локално население.
Резултатот се хибридни решенија кои комбинираат елементи од далечна исламска архитектура (арапско-маварска) и класични европски елементи, создавајќи нереален спој кој, покрај сите критики, станува специфичен белег на тој период и вредно архитектонско наследство за Босна и Херцеговина.
Псевдо маварски стил – „Vijećnica“ Сарајево, 1894 г., денес „Национална и Универзитетска Библиотека“ / извор; Sarajevo: de BESTE tours
Слични примери потоа се појавуваат во Хрватска, а дури и во Битола, при што во сите нив се забележуваат истите главни карактеристики како и на нашата Арапска куќа.
Објектот на Артемушкин во голема мера ги следи овие стилските начела и не воведува нови архитектонски новитети на глобално ниво. Но, умешноста во нивната изведба и нивото на занаетчиството е тоа што го прави овој објектот навистина посебен.
Детали од главната фасада / фото: Борис Јурмовски, 2024
Ентериер
Влегувајќи низ акцентираниот портал во објектот и отргнувајќи се од впечатокот на неговите декорирани фасади, во внатрешноста се среќаваме со сосема поинаков, па дури и познат амбиент.
Тука, објектот се дистанцира од ориенталноста на маварските вили. Наместо внатрешни дворови и тремови, имаме класична градска куќа, слична на сите други објекти од тој период, кои имаат значително модернистички и функционални планови.
Планови од техничката документација за оригиналната дозвола за градба / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје – сигнатура Диќиџијан Агоп 6.1.315.8/92-190
Сепак, сето тоа е изведено раскошно, со големи простории, високи таваници и благородни материјали. Мајсторството во деталите на објектот е на многу високо ниво, што посебно се забележува во изведбата на назабените венци, прозорските рамки, скулптурите и резбите низ внатрешноста.
Детали од внатрешната обработка / фото: Димо Попчев, 2017
Измени
Артемушкин дизајнира низа варијанти на овој објект. Оригинално, тој замислува објект со само една кула. Во архивската документација, плановите имаат разлики со денешната состојба, како на примери имаат втори скали, кои не е сигурно дали не се воопшто изведени, или пак можеби се работи за подоцна отстранети.
Две верзии на главната фасада од техничката документација за оригиналната дозвола за градба / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје – сигнатура Диќиџијан Агоп 6.1.315.8/92-190
Кога објектот се пренаменува во хотел, претрпува низа измени за да се адаптира на новата намена. Најголемиот елемент е додавањето на анекс во призмејето, кој е наменет за ресторан. Интересно е што оваа доградба, иако целосно модерна, со своите остри лаци и мрежести рамки, се труди да го имитира псевдо-маварскиот стил на оригиналната градба.
Техничка документација од постоечката состојба / извор; Македонија Турист
Денес, најголемите измени се во неговиот контекст, кој е прераснат во модерен плоштад, делумно исполнет со мега стаклени габарити и делумно со трокатни објекти од предвоениот период. Овој контраст станува сè повеќе екстремен, а вагата јасно е во корист на новите соседи, кои полека го „лапнуваат“ овој историски објект.
Фото: Борис Јурмовски, 2024
Без разлика на еволуцијата на градот и неговото влијание врз овој објект, Арапска Куќа продолжува да ја задржува својата оригинална улога — да се издвојува од контекстот и да привлекува внимание со својата уникатност. Се надеваме дека ќе добие шанса повторно да оживее како објект и да се отвори за посетители, што значително би ја збогатило културното понуда на градот Скопје.
Вредноста на градбите не се состои само во нивната архитектура, туку и во приказните што тие ги раскажуваат. Арапска куќа е токму таков пример — зграда која носи едноставна романтична приказна, која оживува во фантазијата на секој минувач, подготвен да верува во истата макар и била само легенда, само за да ја оправда посебноста на овој објект.
Фото: Мартин Ивановски, 2016

Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Академизам / Арапска куќа / Артемушкин и Скопје / Иван Артемушкин / Псевдо-маварски стил / Староградска архитектура / Хотел Јадран