Артемушкин и Скопје / Чаусидис, Ефремовски

Наслов: Артемушкин и Скопје / Архитектонско творештво меѓу двете светски војни

Aвтори, издавачи и уредници: Ноеми Чаусидис, Мартин Ефремовски

Технички уредник: Матеја Николиќ

Лектура: Маја Катарова

Превод: Александра Кујунџиска

Печатница: Датапонс дооел – Скопје

Фотографии од денешна состојба: Димо Попчев, Борис Јурмовски, Александар Балдазарски

 

Оваа публикација ја истражува плодната работа на архитектот Иван Артемушкин во Скопје меѓу 1920 и 1940 година. Преку неговите проекти, го анализираме и неговото творештво и урбаниот контекст, паралелно низ историска и современа димензија.

 

 

 

 

Проектот обединува архивски цртежи, фотографии, мапи и каталози на постоечки и исчезнати објекти, нагласувајќи ги нивните технички карактеристики, архитектонски стилови и актуелната состојба.

Творештвото на Артемушкин е дел од поширокото архитектонско наследство на Скопје од меѓувоениот период, кое се соочува со ризикот да биде целосно заборавено. Оваа публикација има за цел да ја отвори вратата кон обемната архивска документација и урбани фрагменти, кои сѐ уште постојат. Овој сегмент од историјата на градот не е целосно избришан, само треба одново да се открие.

Приложена е селектирана лист од објекти од творештвото на Артемушкин, вклучувајќи и неколку од познатите палати како домот на Рубен, Читкушеви и Диќиџијан (Арапска Куќа, Хотел Јадран).

 

Книгата е поделена на два главни дела и анекс:

– историски контекст – анализа на архивската документација и оригиналната состојба на објектите, како и урбанистичкиот контекст на Скопје до земјотресот;

– современ контекст – истражување на постоечките објекти, документација
на нивната моментална состојба и современиот контекст на Скопје;

– анекс – преглед на информациите за самото истражување.

 

Објектите се хронолошки поделени и нумерирани идентично низ сите делови. На корицата е приложена табела, каде што се наведени околу сто истражени објекти, категоризирани по година на градба, референтно име, сопственик, намена, статус, досие и архивска сигнатура.

 

 

Во историски контекст разгледан е градот изграден во периодот меѓу двете светски војни – време кога Иван Артемушкин, руски мигрант, живее и работи во Скопје.

Трудот опфаќа урбанистички и историски осврт на градот, дополнет со биографија на Артемушкин и анализа на неговото архитектонско наследство поделено низ периоди, типови и стилови.

Следи каталог на курирани објекти, претставени на историска мапа која ги дели на објекти што сè уште постојат и на оние што се изгубени. По мапата, презентирани се 59 објекти преку технички цртежи и историски фотографии, со цел да се долови нивната оригинална состојба во автентичниот контекст.

 

 

Вториот дел од книгата повторно го разгледува градот и творештвото на Артемушкин, следејќи го неговиот развој по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, па сè до денес.

По урбанистичката и историска анализа, вниманието се насочува кон творештвото на Артемушкин и трансформациите што неговите дела ги претрпеле со текот на времето. Во овој дел се отвораат прашања за статусот на заштита на овие објекти и начинот на нивното третирање во современиот контекст.

Следува мапа на современиот град, која ги нагласува само постоечките објекти, а потоа следи и каталог што ги претставува истите преку фотографии.

 

 

Последниот дел од книгата е анексот, кој обезбедува подетални информации за спроведеното истражување, вклучувајќи ги сите извори и методологии. Овој дел служи како водич за маневрирање низ заборавенот град од периодот пред земјотресот, со надеж дека ќе поттикне повеќе интерес за овој богат период од архитектонската историја на градот Скопје.

 

Книгата влегува во продажба на настанот „10 години Македонска Архитектура“ на 23.11.2024. На настанот ќе има промотивна цена од 1000ден. Тиражот е лимитиран.

Повеќе информации може да добиете преку контакт на Марх или на самите автори.