„АУЛА“ – ентериерно решение на аулата во Филозофскиот Факултет при УКИМ /Томовска, Петрунова, Мусли

Автори: д-р Радмила Томовска, д-р Ива Петрунова и Хекуран Мусли

Година на проект: 2022

Место на интервенција: аулата во Филозофскиот Факултет при УКИМ

Локација на објект: Бул. “Гоце Делчев” бр.9, Скопје

 

I

Комплексот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, претставува комплексна модерна мегаструктура. Проектирана е од словенскиот архитект Марко Мушиќ и изградена во периодот од 1970 – 1974 година. Комплексот на факултетите е замислен да претставува центар на општествените науки во Републиката и е изграден како дел од обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Овој комплекс е дел од новиот научно-културен центар проектиран по земјотресот. Комплексот на културните институции е пошироко третирана групација која би требало да претставува солидна основа за развиток на културните манифестации и научни постигнувања на тогашното општество.

Комплексот е модерен, бетонски асамбл од три објекти во кои се сместени трите факултети: Филозофски Факултет, Економски Факултет и Правен Факултет и кои заедно создаваат еден единствен плоштад, од кој централно излегува патека која води кон објектот на Ректоратот и насочува кон старата скопска чаршија. Партерот на комплексот изобилува со зеленило, а дополнително има и паркинг со пристапна внатрешна улица.

 

II

Во 2020 година состојбата на комплексот не е на многу завидно ниво. Дел од зеленилото околу објектите е узурпирано од контроверзниот проект Скопје 2014, и во него се започнати изградби на уште три објекти: спортска сала и два нови факултетски згради, кои се оставени во недоградена состојба (карабина), додека со нивната поставеност и форма покажуваат непочитување кон веќе изграденото, нарушување на локалното зеленило и ја оптеретуваат локалната инфраструктура.

Филозофскиот факултет како центар на општествената интелектуални мисла низ децениите има огромна улога во интелектуалниот и мисловниот развој кај генерации студенти и граѓани. За жал, објектот се наоѓа во состојба која не соодветствува во целост на оригиналниот план и низ текот на годините основата е менувана според моменталните потреби. Исто така, поправките во објектот не се правени целосно, туку според моменталните можности и капацитети. Ова доведува до моменталната состојба на факултетот да е далеку од репрезентативна, каква што би требало да има институција формирана во 1920 година и институција чија цел е едукација. Скулптуралноста на оригиналниот план е намалена преку правење на внатрешни преградни ѕидови и преку фарбање на ѕидовите од натур бетон во боја.

III

Новиот концепт на ентериерното решение за аулата на Филозофскиот Факултет има за задача да го врати сјајот на факултетот и истовремено со почит кон оригиналната архитектура, да создаде пријатно место и за професорите и за посетителите, но пред се да биде незаборавно и удобно катче за студентите кои учат таму. За таа цел, интервенциите кои овој проект ги превзема се неколку:

1. Полирање и чистење на постоечкиот мермерен под на приземното ниво.

 

 

2. Создавање на нов монолитен лиен под во неутрална сина боја на галеријата и на средишниот подиум, како и на скалите. Сината боја поканува на смиреност и се поврзува со длабочината и мудроста, исто така се повикува на природата, небото и океанот и претставува метафора на длабочините на науката и знаењето. Ваквиот третман со боја на подот – нема да ја наруши скулптуралноста на бетонските ѕидови која ја има објектот, а истовремено ќе ја разбие монотонијата од мермер и бетон и ладната атмосфера.

 

 

3. Просторот под скалите се третира со јака жoлта боја, се фарба подот и ѕидот и се поставува клупа за седење во истата боја. Од истиот материјал и боја се прави маса, т.е. пулт за повеќе намени, како: пополнување на документи, пријави и сл. Оваа интервенција се прави под сите скалишни простори кои се на првото ниво.

 

 

4. Двете ниши на подиумот, моментално зафатени со вештачки фонтани, камeња и растенија со неуреден изглед, се чистат, ослободуваат и го користат својот прооден потенцијал. Тие во овој проект претставуваат посебни места наменети за изложба и дискусија. Едната ниша претставува интерактивна библиотека, која истовремено претставува и инсталација во просторот. Во форма на нишата со јаже се закачени значајни книги кои се користат на факултетот. На тој начин тие претставуваат просторна исталација, но и можност студентите да читаат. Во втората ниша се поставени мали цилиндрични столчиња кои потсетуваат на мал амфитеарат и цилиндрична фонтана за пиење вода. Ваквата поставеност покрај својата скулптурална димензија и своевидната просторна инсталација е и функционално катче за помали дискусии, одмор и сл.

 

 

 

5. Амфитеатралниот скалишен простор исто така се обликува со нов син под. Во делот на амфитеатралното седење се предвидува да се додадат седишта во интензивна зелна боја.

 

 

6.Менувањето на металната ограда со стаклена, ќе придонесе до побезбеден и полуксузен изглед на ентериерот.

 

 

 

7.Менување на дрвената клупа на галеријата со разиграна мултифункционална клупа која овозможува различна примена и интеракција. Оваа нова клупа е во жолта боја и ја менува својата височина. На овој начин клупата овозможува неколку начини на користење како: седење, навалено читање, одмарање, дружење, како замена за маса, пулт за потпирање и претставува интерактивно и динамично место кое поттикнува креативност. Бојата е жолата која повикува на оптимизам и која повторно се поврзува со сонце и светлина и претставува метафора за светлината на знаењето. Оваа боја сосема ја менува ладната и монотона атмосфера во објектот и и дава нов и свеж изглед. Останатите елементи од ентериерот се исто така во истата жолта боја. Жолтата боја од клупата на галеријата се прелева во линија на подот кој се симнува по скалите, минува низ нишите и го насочува минувачот низ просторот.

 

 

8.Во вдлабнатините на четирите ѕидови на галеријата се додаваат интерактивни и повеќефункционални полици во жолта боја. Овие полици можат да бидат користени како полици за книги, но може да и претставуваат креативно катче за седење и читање. Формата која доминира тука е првилна геометриска форма – круг, кој потсетува на сонце и делува освежувачки во просторот.

 

 

Овој ентериерен проект иако идејно инспириран од спојот на античката агора и природните елементи како сонцето и водата и човековото исконско тежнеење кон основните елементи, претставува современа и постмодерна интервенција врз модерен и бруталистички амбиент. Преку вметнување на само неколку монолитни елементи во боја, просторот се освежува и се нагласува неговата оригинална скулптуралност, истовремено се прекинува ладната и монотона атмосфера. Овој проект ги поканува студентите, професорите и сите оние кои ќе се најдат во овој простор да учат, истражуваат и да создаваат. Преку новите елементи за седење се поттикнува дружење и размена на идеи како што тоа може да се случува само во Филозофски факултет. Оваа современа интервенција на аулата на факултетот, го подготвува просторот за новите генерации да создаваат позитивни вредности.