Беговската кула, Скопје / XVII век

Типологијата на средновековни одбранбени кули е присутна низ повеќе градови низ Македонија. Покрај надалеку познатите кули од Кратово, истите постојат и во Кочани, Неготино, Тетово итн. Типологијата е присутна и во поширокиот простор на Балканскиот полуостров низ кои има голем број на примероци.

Во главниот град Скопје, зачувана е само една кула која денеска се наоѓа во строгиот центар на градот и е заштитена како културно наследство. Според податоците кои ги Салих Асим во неговата публикација „Историја на Скопје и неговата околина“ од 1932 година наведува дека освен кулата во центарот на градот постоеле уште една кула во Сарај и Катланово кои се срушени по заминувањето на Турците од територијата. Податоците наведуваат дека кулата е подигната некаде во 17 век, а самиот Салих Асим тврди дека е постара повеќе од 200 години и дека кулата припаѓала на фамилијата Кулелилер.

 

 

Со потребата од самоодбрана на балканскиот полуостров, типологијата на „кули“ претставува поврзување на одбранбена и резиденцијална функција во еден објект. Имено со старото јадро на Скопје кое се наоѓа на другата страна на реката Вардар, скопската кула била изградена во време кога тој дел од градот било само земјиште за обработка. Оттаму логична е потребата за одбранбен објект кој и да бил оригиналниот градител на кулата.

 

 

Директорот на Музејот на Македонија Гордан Николов наведува дека Скопската Феудалната кула или Беговата кула е висока 14 метри со квадратна основа седум ипол на седум ипол метри. Таа спаѓа во посебен вид станбена архитектура која истовремено служела и како одбранбен објект. Поради одбранбениот карактер во долната зона има помал број прозорци и посебен вид отвори за пушки. Единствено на последниот кат има благо издадени балкони од дрво, т.н. теферичи.

Кај прозорските отвори има примена на тула на лаковите како и запчестиот венец под самиот покрив што доведува до извонреден полихромен ефект. Кулата има покрив на четири води покриен со керамиди.
Влезот на кулата се наоѓа на северната страна. Самата врата била дрвена и своевремено од внатре се затварала со подвижни хоризонтални греди поставени во дебелината на ѕидот. По камени скали (басамаци) сместени на западниот ѕид се искачува до првиот кат. На вториот кат се доаѓа по исто така, камени скали кои се вградени во дебелината на јужниот ѕид. На јужната страна биле поставени дрвени скали преку кои се пристигало до третиот кат.

 

 

На ѕидовите на кулата можат да се забележат мали отвори-пушкарници. Бројот на прозорските отвори се зголемува од приземјето нагоре на катовите. На тредиот кат се дошло до наголемото расчленување на фасадите. Така, на северната и источната фасада се наоѓаат малку издадени делови како балкони – теферичи изработени од дрво што лежат на четери камени конзоли. Од историските слики се гледа дека овие биле затварани со дрвени капаци, каде денеска постојат дрвени прозорци.
Греењето во Кулата било решено со две огништа или камини кои се наоѓаат на северниот ѕид на првиот кат и на западниот ѕид на вториот кат.  (Османлиски споменици во Скопје / Кумбараџи – Богоевиќ)

Планот од 1899 година ја лоцира кулата во таканареченото „Саилахидиан“ маало и непосредно на јужната страна на кулата се наоѓале Муслиманските гробишта „Каршјак“. Низ историските фотографии можеме да согледаме како се менувал контекстот околу кулата која пред земјотресот запаѓа „затворена“ меѓу новонастанатите градски блокови, а после земјотресот во 1963 година подложи на реставрација и околу кулата се гради новиот Дом на АРМ кој на еден начин ја „загрнува“ кулата и ја отвара преку партерот кон ул. Македонија.

 

 

 

 

Пред земјотресот кулата била напуштена. На авионската снимка од 50 години се забележува дека веќе кровот недостасува. Во земјотресот Кулата трпи голема штета, по што подложи на конзерваторско-реставраторски интервенции од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје и Кулата е вклопена во комплексот на новиот објект, Домот на АРМ изграден во 1972 година.