Приватна библиотека „Ал-Би“, Културен дом скриен во с.Бабино / 2004г.

Година: 2004

Извори: Општина Демир Хисар

Локација: село Бабино

Бабино e селото каде книгата станува архитектура на заедницата

 

Постои едно мало место во Демирхисарско каде книгата не е само предмет што се чува на полица, туку дел од идентитетот на целата заедница. Во селото Бабино, во пазувите на Плакенска Планина, се наоѓа библиотеката „АЛ-БИ“, приватна библиотека со библиотечен фонд од над 20.000 наслови и приказна која се протега повеќе од еден век наназад. Нејзината историја започнува во 1882 година, кога во Бабино пристигнуваат првите книги од Багдад, Техеран, Дамаск, Истанбул и Анкара.

 

Фото на оргинално издание Фјодор Михајлович Достоевски од 1895г. 

 

Она што денес изгледа како мала библиотека во едно рурално македонско село, всушност претставува своевиден културен архив на Македонија. Во „АЛ-БИ“ се чуваат ретки и вредни изданија, меѓу кои првиот отпечатен примерок на Националниот правопис, примероци од раните изданија на македонскиот буквар, „Нова Македонија“, како и оригинални и ретки изданија поврзани со македонската книжевност. Посебно место има и оригиналот на „Волшебното самарче“ од Ванчо Николески.

 

Фото од ентериерот на библиотеката

 

Но вредноста на Бабино не е само во бројот на книгите. Вредноста е во начинот на кој книгата е претворена во простор за заедницата. Во дворот на библиотеката е формиран мал амфитеатар, простор за поетски читања, промоции, музички настапи и други културни настани. Покрај библиотеката тече Бабинска Река, чии брегови се уредени со мостови, клупи и маси, создавајќи мал јавен простор во кој природата, книгата и културата се поврзуваат во една целина. Дури и читањето е изнесено надвор од објектот.

 

Фото од изворни изданија на книги

 

Поставените дрвени полици со книги покрај реката создаваат едноставна, но силна идеја: книгата станува дел од јавниот простор, а јавниот простор станува продолжение на библиотеката. Токму тука лежи архитектонската и урбанистичката вредност на примерот од Бабино. Во време кога културните објекти најчесто ги замислуваме како големи институционални згради. Бабино покажува дека културен центар може да настане и од мала иницијатива, локална традиција и внимателно поврзување на постојните ресурси.

 

 

Фото од отворениот театар во дворот

 

Библиотеката, театарот, реката, мостовите, клупите, етно-собата и околниот природен пејзаж функционираат како еден мал културен пејзаж. Во етнолошката поставка се чуваат повеќе од 120 предмети од демирхисарскиот регион, со што приказната за книгата се проширува и кон материјалното наследство на локалната заедница. А приказната за Бабино оди уште подлабоко.

 

Фото од отворено катче за книги со наслов „Светот е книга“

 

Селото е познато по својата образовна традиција. По Втората светска војна од Бабино потекнувале повеќе од 160 учители, бројка особено значајна ако се има предвид дека селото во тој период имало околу 500 жители. Затоа Бабино не е само место каде што се чуваат книги. Тоа е место каде образованието, културата, природата и јавниот простор се развивале и се равиваат взаемно.

 

 

Фото од ентериерот на библиотеката

 

Библиотеката „АЛ-БИ“ е основана и официјално регистрирана како приватна библиотека во 2004 година, а нејзиното членство денес брои илјадници луѓе. Посетителите добиваат и своевиден „пасош“ за членство, симболично потсетување дека Бабино ја носи титулата на место посветено на книгата. Од архитектонска перспектива, овој пример отвора едно важно прашање:

Дали иднината на културните простори мора секогаш да се бара во нова градба?

Бабино покажува дека можеби одговорот е поинаков.

 

 

 

Фото од мостот на љубовта

 

Понекогаш културниот простор веќе постои, во старата куќа, во дворот, покрај реката, во селскиот плоштад или во напуштениот објект. Потребни се само идеја, програма и внимателно уредување за тие места повторно да станат активни точки на заедницата. Во тој контекст, „АЛ-БИ“ може да се чита и како пример за локален културен развој преку минимална интервенција: наместо да се создава изолиран објект, културната функција се шири низ просторот и го активира целото непосредно опкружување.

 

 

Фото од изворни изданија на книгите на арапски јазик

 

Можеби токму затоа приказната за Бабино е важна и за современата архитектура. Затоа што нè потсетува дека архитектурата не започнува и не завршува со зградата. Понекогаш архитектура е и начинот на кој една заедница избира да го користи просторот, да ја зачува својата меморија и да ја сподели со следните генерации.

 

Видео од порталот Види Вака

 

Локација: с. Бабино, Општина Демир Хисар
Погледнете ја локацијата на Google Maps

Контакт лице: Стево Степановски
Телефон: +389 (0)70 708 937
Работно време: по потреба, на повик

 

Автор на објава: Кристијан Арсовски