Како Скопје стана Европска престолнина на културата?

Во 1985 година е започната културната иницијатива од страна на ЕУ за доделување на титулата „Европска престолнина на културата“, со цел да се зајакне чувството на припадност кон заеднички културен простор и да се поттикне улогата на културата во развојот на градовите. Титулата помага во обновата на градовите, во подигнувањето на нивниот меѓународен углед, во подобрувањето на сликата што жителите ја имаат за својот град, во оживувањето на локалната култура и во поттикнувањето на туризмот.

Досега титулата е доделена на повеќе од 60 градови во ЕУ и надвор од неа. Актуелниот циклус на престолнини (2020 до 2033) се базира на одлука од 2014 година, со која се овозможува градовите од земји кандидати за членство во ЕУ, како земјите од Западен Балкан, да ја добиваат титулата Европска престолнина на културата на секои три години, почнувајќи од 2021 година.

Пред на Скопје да му биде доделена титулата за 2028 година, Нови Сад во Србија (2021) и Бодо во Норвешка (2024) ја носеа титулата, како претставници на земји надвор од ЕУ. Овогодинешните престолнини за 2026 се Оулу, Финска и Тренчин, Словачка. Во 2028 година Скопје ќе ја дели титулата заедно со Ческе Будјејовице, Чешка и Бурж, Франција.

 

Оулу, Финска и Тренчин, Словачка, овогодинешните Европски престолнини на културата за 2026 година / Извор: culture.ec.europa.eu

 

Престижот да се биде европска престолнина на културата

Според анализата спроведена за периодот од 2013 до 2023 година, типична Европска престолнина на културата има околу 1.000 до 1.200 одделни културни активности, а обемот на културните активности во годината на титулата е за околу 300 до 500% поголем отколку во претходните години. Околу 60% од жителите на градот-домаќин присуствувале на барем еден настан или проект, а во просек секоја престолнина има околу 1.300 волонтери.

Титулата го подигнува и меѓународниот углед на градовите преку туризмот, па така во годината на титулата посетите во градот можат да се зголемат за околу 30 до 40%, а некои градови го забележале најголемиот број туристи досега. Од посетителите на градовите-домаќини, 25 до 35% доаѓаат од странство, а типична година генерира од 10.000 до 58.000 дополнителни споменувања или написи за градот.

Типичниот буџет на една престолнина е околу 50 милиони евра и произлегува од самите институции, како државниот, регионалниот и градскиот буџет, додека поддршката од ЕУ најчесто се сведува на наградата „Мелина Меркури“, која изнесува 1,5 милиони евра. Градовите понекогаш аплицираат за дополнителни средства од ЕУ, но повеќе за инфраструктура или за одредени проекти, и тие ретко се вклучуваат во вкупниот буџет.

 

Поделба на изворот за финансирање на проектните активности, според град и година на држење на титулата / Извор: op.europa.eu

 

Процесто на доделување на титулата

Во зависност од тоа дали земјата е членка на ЕУ или е земја кандидат, постојат две различни процедури за избор на престолнина на културата. За членките на ЕУ, шест години однапред се знае кои ќе бидат двете држави домаќини, а потоа градовите се избираат преку повик што го објавува државата домаќин. Независен стручен панел прво изработува потесен список, потоа ги оценува подеталните апликации и препорачува по еден град за секоја држава.

Градовите од земји кандидати за членство, потенцијални кандидати и од земјите на ЕФТА/ЕЕА можат да ја добијат титулата преку отворен натпревар, во кој повикот го објавува Комисијата. Секој град аплицира независно, без однапред да биде определено во која држава ќе биде престолнината.

Титулата се доделува четири години однапред, за да остане време за подготовка, вклучување на граѓаните, европски врски и инфраструктура, а во тој период панелот дава совети и го следи напредокот. Секоја година Комисијата објавува извештај за резултатите од претходната година, а градовите од 2019 наваму сами прават евалуација и ја испраќаат до крајот на годината.

 

 

Будва и Скопје, кандидатите за Европска престолнина на културата за 2028 / Извор: culture.ec.europa.eu

 

Хронологијата за кандидатурата на градот Скопје

Иницијативата на Скопје за Европска престолнина на културата започнува во 2014 година, кога Советот на градот започнал со активности за приклучување кон културната иницијатива на ЕУ. Потем, во 2015 година се формирал иницијативен одбор, а во периодот од 2016 до 2018 претставници на градот  организирале работилници и учестувувале на меѓународни конференции да се стекнат со познанство и искуство во процесот. Во 2019 градот официјално основанал канцеларија за кандидатурата „Скопје 2028“, а во 2021 година финално биле формирани координативно тело и улична уметничка програма. Во 2022 следува првата апликација (Bidbook), за потем во 2023 да биде ревизирана апликацијата (Bidbook) и се случила реорганизација на тимот.

Во потесниот круг за избор на Европска престолнина на културата во 2028 година од земјите кандидати, покрај Скопје бил и градот Будва. Но, во октомври 2023 година Скопје е избран за престолнина во 2028, бидејќи неговата кандидатура била посилна и подлабоко разработена, благодарение на десетгодишната стратегија за Скопје (2021 до 2030), изработена одоздола нагоре, со квалитативни и квантитативни индикатори.

 

Мото на Скопје 2028 “Culture over division”  / Извор: bidbook

Според комисијата, предложениот концепт „Култура над поделбите“ оддавал силно чувство за регионален идентитет и европска резонанца, а стратегијата за инклузија на маргинализираните групи била јасна и поврзана со конкретни проекти. Дополнително, независната културна сцена во Скопје била вклучена од 2019 година, а европското вмрежување на градот било добро. Панелот оценил дека Скопје има голем капацитет за реализација благодарение на постојната инфраструктура, искуството со големи настани и бројот на културни професионалци, додека кај Будва тоа било главната загриженост. Кон тоа се додава и многу посилната и потврдена финансиска поддршка од државата и градот.

По стекнување со титулата Комисијата да го одреди Скопје за Европска престолнина на културата 2028 и да ѝ ја додели наградата „Мелина Меркури“ од 1,5 милиони евра, но исплатата е одложена до 2028 и е условна (програмата и буџетот да се во согласност со апликацијата, да се почитува независноста на уметничкиот тим и да се одржи европската димензија). Од Скопје се барало да ја разработи програмата со појасен заеднички наратив, да додаде похрабри и поиновативни проекти, да ја зајакне соработката со Европа, да го објави статутот на извршната структура, да распише меѓународни повици за директор и уметнички директор и да обезбеди јасен финансиски план и план за средства од ЕУ. На крај, панелот ги потсетува градовите дека одлуките и надвор од културата можат да влијаат на угледот на титулата.

 

Градоначалничката Данела Арсовска, заедно со министерката за култура, Бисера Костадиновска,  со тогашниот тим за Скопје 2028 / Извор: Сакам да кажам

Откако градот беше избран за Европска престолнина на културата во 2023 година, следуваа неколку политички инциденти и контроверзии поврзани со иницијативата. Тие се однесуваа на промената на координаторот на телото и проектниот тим, политичките препукувања и расколот меѓу градоначалничката, Владата и Советот на Град Скопје, како и на контроверзниот предлог-закон за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

Во извештаите на Комисијата задолжена за следење на процесот се нотираат остри критики во однос на целокупниот процес на реализација, застојот во спроведувањето на активностите, како и отсуството на детален акциски и финансиски план за претстојниот период. Комисијата во двата извештаи нагласува дека е сериозно загрижена за капацитетот и квалитетот на реализацијата на ветената програма, која засега не го достигнува нивото што се очекува од Европска престолнина на културата.

 

Објавата ја подготвил: Дарко Милошевски

Извори: